Достапни линкови

Импичмент како порака дека никој не е над законот


Претседателот Ѓорге Иванов
Претседателот Ѓорге Иванов

Дали и што може да добие владејачкото мнозинство доколку покрене постапка за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов? За аналитичарите таков потег би бил важна порака дека никој не е над Уставот и законите, а не политички маневар за остварување на договорот од Преспа

Евентуалниот импичмент кон претседателот Ѓорге Иванов нема да биде политички маневар, туку порака дека никој не е неказнив, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски откако во јавноста се појавија информации дека владејачкото мнозинство ја разгледува таа опција. Тој укажува на тоа дека процедурата за импичмент трае подолго, отколку што е потребно време да му заврши мандатот на Иванов следната пролет.

„Во таа смисла владејачкото мнозинство во тоа не би добило време, ниту пак некакво олеснување во смисла на ратификацијата на договорот од Преспа. Бидејќи самата процедура трае многу долго, политички е комплицирана, 80-те пратеници кои ги има владејачкото мнозинство не верувам дека би си дозволиле таква екскурзија за Иванов, а и Уставниот суд во моментот е непозната варијабла”, вели Арсовски.

Сепак, Арсовски вели дека претседателот во неколку наврати покажал дека се однесува политички некоректно и дека во јавноста многу потешко би се доживеала неказнивоста на Иванов, отколку неказнивоста на неколкумината пратеници инволвирани во настаните од 27 април.

Како политичка порака дури и да не се заврши навреме е некакво покажување дека никој не е над Уставот и законите. Во оваа смисла и оваа констелација на односите кога Иванов еклатантно одбива да го поддржи евроатланската интеграција на Македонија, тоа би била значајна порака”, заклучува Арсовски.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека предистражната постапка на Основното јавно обвинителство против претседателот Иванов поради кршење на Уставот, е своевидно решение поради неможноста да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за покренување на импичмент на шефот на државата.

„За кршење на Уставот следува уставно-правна и политичка одговорност за која се отвара посебна постапка во Собранието, со двотретинско мнозинство, а потоа и пред Уставниот суд. Доколку се утврди дека постои таква одговорност исто така со двотретинско мнозинство од гласовите на судиите, со самиот тој чин,му престанува функцијата на претседателот. Свесни дека такво мнозинство не можеше и не може да се обезбеди, државата е ставена на некој начин да бара некакви решенија, меѓу кои е и оваа со отвoрањето на предистражна постапка од страна на ОЈО”, вели Ивановски.

Од Oбвинителство соопштија дека ги проверуваат наводите од две анонимни пријави во кои Иванов се гони поради тоа што не го потпишал Законот за јазици и договорот од Преспа.

Во меѓувреме во јавноста се појавија информации дека мнозинството ја разгледува можноста импичментот да го воведе како механизам да се спречат можните правни и политички пречки од Иванов за договорот за името.

Во случај на гласање за импичментот, до изборот на нов претседател на државата, надлежностите ги презема претседателот на Собранието. Собранискиот спикер Талат Џафери деновиве изјави дека мнозинството може да иницира импичмент за претседателот на државата, но прво мора да се види расположението на осумте пратеници од опозицијата кои гласаа „за“ почеток на уставните измени.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG