Достапни линкови

Иванов - Политичката криза стана наше секојдневие


Политичката криза стана наше секојдневие, рече претседателот Иванов во годишното обраќање пред пратениците. Во неговото обраќање освен политичките проблеми во фокусот беа и мигрантската криза и безбедносните закани. Опозициската СДСМ и коалициските партии не присуствува на обраќањето на шефот на државата, а говорот на Иванов не го следеа ниту пратениците на ДУИ.

Претседателот на државата Ѓорге Иванов своето годишно обраќање пред Собранието го одржа во отсуство на пратениците од СДСМ и од ДУИ во година во која Македонија се соочува со една од најголемите политички криза. Една од неговите главни политички пораки беше посветена на политичката криза која, како што рече, стана наше секојдневие. Во изминатите шест години имавме три политички кризи, секоја посериозна и подлабока од претходната. Дијалогот изостана, а политичкиот воздух стана толку загаден од меѓусебни обвинувања што почна да го гуши македонското општество, рече Иванов.

Наместо извештај за напредок, добивме извештај за стагнирање. По седум години наместо датум за членство добивме условна препорака. Се разбира, главна причина зошто Македонија е блокирана е грчкото вето. Тоа никој не може да го оспори. Но, кога знаеме дека е тоа така, тогаш зошто, покрај овој постоечки, да создаваме и нов, внатрешен проблем?
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија.

„Поради политичка неодговорност го добивме „Договорот од Пржино“. Добивме договор меѓу политичките лидери на кои уставниот поредок не им беше доволен за да се сретнат, да седнат и да се договорат. Наместо во институциите на државата, отидоа да се среќаваат на други места и во други формати. Ќе се воздржам од натамошен коментар, но ќе го кажам само ова: нивна беше одлуката, нивна е и одговорноста за Пржино. Оние кои си презеле обврска треба и да си ја исполнат“, рече претседателот Иванов.

Шефот на државата осврнувајќи се на извештајот на Европската Комисија рече дека неодговорното однесување на политичките партии се одразило и врз евроинтеграциските процеси.

„Наместо извештај за напредок, добивме извештај за стагнирање. По седум години наместо датум за членство добивме условна препорака. Се разбира, главна причина зошто Македонија е блокирана е грчкото вето. Тоа никој не може да го оспори. Но, кога знаеме дека е тоа така, тогаш зошто, покрај овој постоечки, да создаваме и нов, внатрешен проблем? Пречка за интеграциите веќе не е само наметнатиот проблем со името, туку и проблемот што го имаме со самите себе. За жал, и овој пат, оставивме тој проблем да ни го решаваат други“, рече претседателот Иванов.

Во неговото обраќање освен политичките проблеми во фокусот беа и мигрантската криза и безбедносните закани. Со акцијата во Куманово спречивме масакри и крвопролевања какви што неодамна видовме во Париз, рече Иванов кој дополни дека случувањата во Куманово се пример кој покажал дека регионот најмалку соработува во безбедноста. Тема во неговото обраќање беше и мигрантската криза со ставот дека Македонија од нејзиниот почеток се потпира врз сопствени ресурски и минимални билатерални донации.

Инаку причините за политичката криза беа причината поради која опозициската СДСМ и коалициските партии не присуствува на обраќањето на шефот на државата.

Ставот на СДСМ е дека Иванов молчи за сите клучни прашања и дека прифаќа улога на приврзок на власта. Неговото однесување е слика има тон нема, изјави Горан Сугарески од СДСМ

„Иванов молчеше и за огромниот криминал и корупција што го откри проектот „Вистината за Македонија“, токму поради тоа под покровителство на меѓународната заедница беше потпишан договорот од Пржино, да имаше Иванов барем малку човечка доблест, а не политичка ќе си поднесеше оставка на денот на потпишувањето на Договорот од Пржино“, рече Сугарески.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека отсуството на СДСМ и ДУИ на обраќањето на шефот на државата е отсуство на капацитет за политички дијалог и политичка култура пред државните институции.

„Претседателот Иванов има ставови коишто ги застапува во континуитет без разлика на дневно политичките превирања во Република Македонија, таквото држење до своите ставови е добра одлика за еден политичар којшто треба да ја претставува државата во име на сите граѓани“, рече Милошоски.

Говорот на Иванов не го следеа ниту пратениците на ДУИ. Оваа партија, која е дел од владината коалиција, од реизборот лани, не го признаваат неговиот легитимитетот и ги бојкотираат неговите настапи во Собранието.

„Политички став на партија е дека тој не ја застапува волјата на сите гласачи и граѓани на државата, особено не на сите етнички заедници, од тие причини принципиелно ние не присуствуваме на годишното обраќање“, изјави Ермира Мехмети од ДУИ.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG