Достапни линкови

Прекината седницата на анкетната - опозицијата бара јавни сведочења


Претседателот на анкетната комисија за прислушување Петре Шилегов соопшти дека ја прекинува седницата затоа што не сака да учествува во фарса.

По еден час деловнички надмудрувања меѓу пратениците, претседателот на анкетната комисија за прислушување Петре Шилегов соопшти дека ја прекинува седницата затоа што не сака да учествува во фарса. На денешната седница требаше да биде сослушан вицепремиерот Зоран Ставрески, кој исто како и премиерот Никола Груевски, побара да биде зад затворени врати. Шилегов изјави дека седницата ќе продолжи кога сведоците ќе одлучат да сведочат јавно, сè дотогаш опозицијата нема да дозволи анкетната комисија да се сведе на фарса.

Во оној момент кога Зоран Ставрески и Никола Груевски ќе излезат пред македонската јавност и онака фајтерски и боксерски, како што сака да се изрази Груевски, каже „Да, јас сум чесен и немам ништо да сокријам од вас граѓани на Македонија и влезете новинари и ќе ја дадам својата изјава јавно“, во тој момент ќе го продолжиме сослушувањето на Ставрески, јавно.
Петре Шилегов, СДСМ.

„Во оној момент кога Зоран Ставрески и Никола Груевски ќе излезат пред македонската јавност и онака фајтерски и боксерски, како што сака да се изрази Груевски, каже „Да, јас сум чесен и немам ништо да сокријам од вас граѓани на Македонија и влезете новинари и ќе ја дадам својата изјава јавно“, во тој момент ќе го продолжиме сослушувањето на Ставрески, јавно. Тајни сослушувања, скриени од очите на јавноста за криминалот и корупцијата на владејачката структура не ѝ се потребни на Република Македонија“, рече Шилегов.

Тој вели дека само криминални политичари можат да се кријат зад затворени седници.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека со овој потег СДСМ ја блокира работата на анкетната комисија за да добие одложување на изборите.

„Блокирањето на анкетната комисија би имало единствена цел да се користи како изговор дека нешто од договорот од Пржино не е спроведено и дека тоа неспроведување може да му послужи на СДСМ како услов или изговор за одложување на изборите“, рече тој.

Милошоски додава дека ваквиот однос разочарува, затоа што сите пратеници имале прашања кон министерот Ставрески кој дојде во Собранието да одговори на прашањата. Во однос на тајноста на седниците, Милошоски вели дека секој од повиканите сведоци според деловникот има право да побара затворање на седницата, а на таквата опција се согласија сите партии во преговорите, вклучувајќи ја и опозицијата.

Шилегов, пак, посочи дека се согласила на таа опција за да може како сведоци да се повикуваат и лица од институции кои располагаат со класифицирани информации, а тие информации не треба да се изнесуваат пред јавноста.

„Никогаш не се зборуваше дека тоа треба или би можело, на крајот на паметот не ни било, барем на нас кои имаме нормални политички размислувања, дека тоа треба да го направат јавните личности како премиер и вицепремиер. Премиер и вицепремиер да одбијат да дадат изјава пред јавноста без при тоа да изнесуваат какви било квалификувани податоци во најмала рака е срамно“, рече тој.

Одлуката за прекинување на седницата, Шилегов изјави дека ја донел пред почетокот на седницата, но чекал дали Ставрески ќе се пишмани за начинот на кој ќе сведочи. Пред почетокот на седницата Шилегов ги објави и прашањата кои опозицијата планира да ги постави до Ставревски. Прашањата што ги објави беа од досега објавените прислушувани разговори и се однесуваа на барање потврда за автентичноста на гласот, за тврдењето околу наводните криминали на градоначалникот на Битола, вицепремиерот Владимир Пешевски и поранешниот министер Миле Јанакиески и зошто не поднел кривична пријава ако се сомневал во нешто и дали се уште мисли дека владата троши за чоколади кога нема за леб?

Ставрески, пак, пред почетокот на седницата, изјави дека планира да одговори на сите прашања на пратениците за анкетната комисија да работи стручно и професионално.

„Мојата одлука е согласно одредбите од одлуката за избор на анкетната комисија со цел анкетната комисија да работи стручно и професионално и ефикасно да ја изврши својата работа“, рече тој.

Милошоски истакна дека неговите сопартијци се задоволни од одговорите на премиерот на претходната седница.

„Сведочењето на премиерот Груевски беше многу корисно за сите пратеници и беа дадени одговори на сите поставени прашања. Истата можност ја имавме и денеска, но за жал седницата беше прекината од страна на претседателот на комисијата“, рече Милошоски.

Шилегов, пак, вели дека Груевски не одговорил на суштинските прашања.

„Да слушам јас составено писмо кое Никола Груевски го читаше за да ни образложи зошто нема да одговори на бомбите, немам намера да губам време со вакви бандити“, рече тој.

Шилегов најави дека следни нивни сведоци, кои сега е неизвесно кога ќе бидат викнати, се Зоран Заев, Никола Груевски и Кирил Божиновски.

Милошоски, пак, најави дека и тие ја доставиле листата на сведоци за втората тура, на која се Зоран Заев, Бранко Палифров и синот на разузнавачот Зоран Верушевски, Александар.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG