Достапни линкови

Допрва следат тешки лидерски средби


Договорот од Пржино постојано се прекршува. Лидерите повторно ќе состанчат за одблокирање на процеост за надминување на кризата.

Запнувањето во преговорите за членови на ДИК и регулацијата во сферата за медиумите беше причина за нова лидерска средба која претставува обид за одблокирање на процесот. Дијаметрално спротивните ставови на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беше причина и за претходните лидерски средби на кои беше голем притисокот на меѓународниот фактор во насока на спроведување на договорот од Пржино, а според аналитичарите така ќе биде и во иднина.

За овие три прашање, како и поднесувањето на оставка на Груевски јас очекувам да бидат проблематизирани и ќе бараат не во последниот ден, туку во последната секунда ќе го направат тоа.
Никола Дујовски, универзитетски професор.

Спроведувањето на договорот од Пржино оди тешко уште од првиот ден и досега е остварено враќањето на опозицијата во парламентот и делумно функционирањето на Јавното Обвинителство. До денот на изборите експертите не очекуваат дека било што ќе се промени. Тоа е се заради одолговлекување на процесот и да не се подготви соодветен терен за изборите, вели професор Никола Дујовски.

„Секој момент се користи само за да се оттргне тоа што е многу значајно, а тоа е функционирањето на Специјалното јавно обвинителство, ДИК, а и медиумите. За овие три прашање, како и поднесувањето на оставка на Груевски јас очекувам да бидат проблематизирани и ќе бараат не во последниот ден, туку во последната секунда ќе го направат тоа“, вели Дујовски.

Според некои од експертите во оваа фаза треба да се направи проценка до кој степен е имплементиран договорот од што ќе зависи дали изборите ќе се одржат во утврдениот термин или ќе се одложат.

Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека лидерските средби во иднина може да добијат и драматични пресврти и дека тие стануваат тешки и исцрпувачки, не по тонот, туку по она што се добива и губи, бидејќи позициите на партиите остануваат многу оддалечени, иако претходно беше постигнат договор за излез од кризата.

„Вака ако продолжиме многу тешко ќе одат процесите, затоа што секогаш едната страна ја обвинува другата итн. На крајот губи државата и граѓаните и се помалку се стекнува доверба кај меѓународната заедница. Како да стана навика да мора секогаш да се состануваат лидерите, па работите кои се договорени со Пржино да имаат некаква разврска“, вели Рамадани.

Последната лидерска средба беше за тимот на Специјалниот јавен обвинител, бидејки имаше опструкции од Советот на Јавното обвинителство за тимот кој таа го бараше. По ова и серијата апели од меѓународниот фактор за сериозен ангажман од сите страни во процесот, според Рамадани, непобитен е фактот дека договорот од Пржино се спроведува на погрешен начин и дека со пробивањето на роковите се доведува во прашање обезбедувањето фер избори.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG