Политичките партии по 14 часа преговори се договорија. Според новите решенија од законот за Влада кои беа соопштени во еден часот по полноќ, по лидерската средба, министер за внатрешни работи во преодната влада до изборите на пролет ќе биде Оливер Спасовски, министер за труд и социјална политика ќе биде Фросина Ременски.
Од заменичките места на опозицијата, Кире Наумов ќе оди во финансии, а заменички места има и за потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски и за шефот на кабинет на Заев, Љупчо Николовски.
Нема да бидам изненаден ако во натамошната фаза во договарање на прашања за медиумите, СДСМ повторно се обиде да ги одолговлекува работите за да не дојде до договор и тоа да биде алиби да се одложат изборите.Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерите се договорија и за законите за Влада и за таканаречените бомби. Овој договор како и договорените решенија за законите за таканаречените „свиркачи“ ќе се најдат пред Собранието, откако денеска работните групи на стручна основа ќе ги конкретизираат деталите и процедурите и најверојатно во на пленарна седница ќе се разгледаат в понеделник.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изрази задоволство што се постигнати такви решенија, зашто, како што рече, опозицијата со полна политичка одговорност, односно со свои високи партиски функционери ќе треба да ја преземе одговорноста за ресорите со кои ќе раководи, „а не да се затскрива зад божемни експерти, а повторно анонимни членови на СДСМ“.
„Нема да бидам изненаден ако во натамошната фаза во договарање на прашања за медиумите, СДСМ повторно се обиде да ги одолговлекува работите за да не дојде до договор и тоа да биде алиби да се одложат изборите,но тоа нема да им успее, зашто имаме закон и за тоа сега, рече Груевски.
Бараме фер шанса да ја извршиме обврската за раководењето со МВР и со труд и социјална политика. Ова го правиме да добиеме гаранција за граѓаните за слободна изразена волја на изборите на 24 април.Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека очекува во најбрз можен рок спикерот Трајко Вељаноски да ги закаже седниците за овие избори. Тој нагласи дека во овој период и СДСМ ќе ја преземе одговорноста за демократизација на земјата. Заев изјави дека според договорот Груевски во соодветен рок, предвиден со Пржинскиот рок да даде оставка на премиерската функција.
„Нашата интенција не е да се сменат сите раководители, има таму професионалци, бараме фер шанса да ја извршиме обврската за раководењето со МВР и со труд и социјална политика. Ова го правиме да добиеме гаранција за граѓаните за слободна изразена волја на изборите на 24 април “, рече Заев.
Груевски рече дека очекува убедлива победа, „во најлош случај како на последните избори“.
И лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека победи Македонија и дека е добро што се овозможува земјата преку избори да излезе од кризата и да им се врати на евроатланските интеграции.
Во името на ДПА, бидејќи на лидерската средба не беше присутен Мендух Тачи, изјава даде Имер Алиу, кој порано ја напушти средбата. Тој рече дека ДПА не е, ниту ќе биде дел од ваквата Влада и дека затоа и порано ја напуштил средбата, дека за деталите изјави ќе дадат партиските лидери на трите партии.
Според законот за Влада, замениците министри ќе имаат право на вето за изборни активности од првиот ден, ако има конфликт околу одлуката на која се однесува ветото ќе решава ДИК. Министрите на опозицијата ќе можат да прават кадровски измени, но на секој нов назначен функционер од нивна страна, заменикот ќе биде од ВМРО ДПМНЕ. За објавување на „бомби“ медиумите ќе одговараат само доколку материјалите се однесуваат на приватноста, но не и за информации од јавен интерес, а иако тој стапува во сила веднаш откако ќе биде донесен, неговата примена ќе биде по шест месеци, период за кој за него ќе се изјасни Венецијанската комисија.
Останува во наредниот период да се постигне договор за медиумската сфера.