Достапни линкови

Граѓаните мора да бараат повеќе од власта


Никола Писарев, активист.
Никола Писарев, активист.

Граѓански активисти од 70 невладини организации излегоа на терен низ повеќе градови за да разговараат со граѓаните за нивните проблеми. Активистот Никола Писарев вели дека целта на иницијативата „Заслужуваме подобро“ е да ги освестат луѓето во Македонија дека сами ја креираат својата иднина.

Господине Писарев, ваши активисти месецов ќе бидат на терен низ повеќе градови во Македонија каде што ќе разговараат со граѓаните за нивните проблеми. Која е целта на оваа иницијатива?

Идејата е да се бориме со апатијата што владее во македонското општество. Граѓаните се толку потиснати на маргините што повеќе мислат дека работите никогаш не може да тргнат на подобро. Апсолутно кога мислите дека работите не може да тргнат на подобро ја губите самодовербата. Практично преку оваа акција „Заслужуваме подобро“ сакаме да го вратиме духот кај луѓето, да разбудиме некаква свест дека треба да бараат за да добијат. За да добиеме подобро општество, за да живееме во подобри услови, граѓаните мора да почнат да бараат повеќе. Сметавме дека со еден позитивен пристап, со објаснување на луѓето што всушност заслужуваат, односно дека сè она што ни треба за еден нормален живот ние практично го заслужуваме како жители на оваа држава и токму тоа е таа наша главна цел, низ еден теренски пристап, низ еден поголем број на разговори со граѓаните на Македонија, да ги охрабриме сè повеќе да бараат од власта, но и од другите чинители, од институциите, да се задоволуваат нивните потреби за да добиеме еден подостоинствен живот во земјата.

Писарев, што очекувате од кампањата? Што ќе правите понатаму откако ќе ги слушнете проблемите на граѓаните?

Има две работи. Едната работа е да се освестат граѓаните дека самите ја креираат својата судбина, дека мораат да се борат, дека мора да бараат за добијат, за да добиеме сите, тоа е едната работа, едниот резултат. Другиот резултат е поврзан со конкретни проблеми. Никогаш не се направени детални листи на проблемите на граѓаните. Имаме некои главни проблеми коишто нè мачат сите во главните сфери на животот, во политиката, во судската власт, здравството, образованието итн., меѓутоа има и многу специфични проблеми коишто мачат голем број луѓе, а за кои едноставно никој не е свесен за нив и тука мислам дека може да имаме голема улога во иднина, да се бориме за решавање на токму тие проблеми на граѓаните, меѓутоа првично е практично едно освестување на граѓаните да бараат и да сфатат дека заслужуваат, дека секој граѓанин на Македонија заслужува подобар живот, особено во услови кога имаме 3,5 милијарди евра буџет којшто некој го креира без воопшто да нè праша. Луѓето треба да сфатат дека секој денар којшто државата го инвестира е нивен, дека сето тоа се наши пари и дека ние имаме право да го бараме најдоброто за нашите пари.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG