Намалување на затворските казни за 40 отсто преку измени на Законот за амнестија бараат роднини и пријатели на осудениците. Во организација на Граѓанската иницијатива за носење на Закон за амнестија на осудениците, стотина луѓе денеска излегоа на протестен собир пред Собранието во Скопје на кој бараат властите час поскоро да им одобрат да ја почнат процедурата за собирање 10 илјади потписи со кои може амандманите за измени на законот да ги предложат пред Собранието. Не е предвиден рок во кој власта треба да одговори на нивните барања, но учесниците на протестот бараат владата до среда да им одговори за да може да почнат да ги собираат потписите.
Мојот татко е осуден за бадијала, оти не давал пари на државата. Ги малтретираат по затворите, вода им тече врз глава, спијат на земја. Вака не било ни кога ги носеле на Голи Оток.учесник на протестот.
Семејствата на затворениците се пожалија на лошите услови во пренатрупаните затвори. Посочуваат дека во затворите има и по три пати повеќе осуденици отколку што е капацитетот, спијат на земја или по двајца на кревет и добиваат многу лоша храна. Сметаат дека ако се намалат затворските казни, голем број осуденици ќе бидат ослободени и во затворите ќе останат толку затвореници колку што е капацитетот на казнено-поправните установи.
„Мојот татко е осуден за бадијала, оти не давал пари на државата. Ги малтретираат по затворите, вода им тече врз глава, спијат на земја. Вака не било ни кога ги носеле на Голи Оток.“
Сите во животот правиме грешки, и оние коишто сме на слобода, но затоа сите имаме право да ни се даде втора шанса, втор чекор за да се продолжи понатаму.Мери Николова, Граѓанската иницијатива за носење на Закон за амнестија на осудениците.
„Сè уште ги имаат душеците и ќебињата од ЈНА, тие за коњи што ги чуваа, ако се сеќавате. Секој што бил во војска знае како изгледаат тие ќебиња.“
„Дома имам куче, кучето има своја куќарка, свое за јадење и за пиење, во затворот немаат ништо, тоа е грев над човештвото што се прави. Зошто синот на Трајко Вељаноски не одговараше за кокаинот?“, рекоа присутните.
Тие бараат ослободување на сите затвореници кои на денот на донесување на законот имаат наполнето 75 години, како и ослободување на осудените на доживотен затвор по издржување на 20 години од казната. Мери Николова од Граѓанската иницијатива вели дека тие бараат општа амнестија, но кога законот ќе влезе во собраниска процедура, „умните глави во Парламентот“ ќе утврдат за кои кривични дела е возможно намалување на казните.
„Сите во животот правиме грешки, и оние коишто сме на слобода, но затоа сите имаме право да ни се даде втора шанса, втор чекор за да се продолжи понатаму“, рече таа.
Со оглед на тоа дека веќе е почната законска процедура за измени на законот, Николова денеска ги повика затворениците да го прекинат штрајкот со глад. Таа се закани дека ќе ги радикализираат протестите доколку владата до среда не им одговори на барањето за собирање потписи.
Во меѓувреме и Демократскиот сојуз денеска соопшти дека ангажирал експертска група која работи на подготовка на закон за амнестија.
„Амнестијата е чин на простување, но и корекција на неправда, како и можност за ресоцијализација. Демократскиот сојуз смета дека само со силни и издржани аргументи и поширок општествен и политички консензус можна е амнестијата“, се вели во партиското соопштение и се додава дека протестите како форма на изразување на револт се демократско право, но оти ескалацијата на незадоволството може негативно да се одрази на процесот на подготовка и носењето на законот.
Претседателот на ДС Павле Трајанов на собраниската седница во петокот го отвори прашањето за граѓаните кои вршеле нелегален пренос на мигранти, а се осудени со високи казни. Овој процес, сметаат од ДС, се декриминализира, поради што се иницира потребата од амнестија.
Народниот правобранител исто така соопшти дека смета оти најавената иницијатива за собирање потписи со цел утврдување на статус на предлагач на закон за амнестија на осудените лица е легитимна и не гледа пречка да се даде можност за спроведување на едно вакво демократско право.
Во Македонија последната општа амнестија е спроведена во 1999 година.