Ќе мрднат ли работите од мртвата точка во меѓупартиските преговори? Судејќи според информациите нешто се случува, но поарно е да се почека за да се види резултатот. Додуша, Утрински ја објави изјавата на Заев дека „Деновиве очекува заокружување на преговорите“. Исто така ја пренесува и изјавата на Хан кој е категоричен: „Спроведување на договорот од Пржино и фер и транспарентни избори во април, порача Јоханес Хан од Брисел“.
Спроведување на договорот од Пржино и фер и транспарентни избори во април, порача Јоханес Хан од Брисел.Утрински весник.
Изгледите конечно да завршат меѓупартиските преговарања во врска со договорот од Пржино со помош на странскиот фактор, Нова Македонија ги преточува во анализа со наслов: „Странците решаваат или продуцираат нови кризи“. Па потсетува дека речиси сите кризни договори постигнати во земјава од нејзината независност се резултат на понекогаш и недозволиво големата инволвираност на странците.
Интервјуто за Катимерини на посредникот во другите преговори, оние за името со Грција, Нимиц, го инспирира Вечер да заклучи дека „И Нимиц го прогласи Груевски за победник“. Весникот тоа го заклучува од зборовите на медијаторот дека „Планира следниве 15 месеци да остварува средби и да води преговори со Груевски“, а фактот дека рекол дека за името со Груевски ќе разговара и многу долго по изборите значело дека Нимиц смета дека актуелниот македонски премиер ќе добиел уште еден мандат.
Сите весници објавија дека „Јанева доби комплетен тим од 12 обвинители, откако Советот на јавни обвинители ги одобри уште петтемина помошници на специјалната обвинителка“, како што наслови Утрински, кој додава дека неизбирањето на целиот тим на Јанева беше една од спорните точки што го блокираат договорот од Пржино. Дневник оди со наслов: „Советот на јавни обвинители потклекна пред партиите и амбасадорите“.
Слободен печат прашува дали се вистина или шпекулации гласините дека ДУИ барала Собрание на северозападните општини што всушност ќе биде федерализација на државава, па насловува: „Од Липково до Струга, Македонија друга!“ Весникот додава дека аналитичарите сметаат дека тоа е трик на партијата за ублажување на разочараноста на гласачите од лошите политики. И уште една информација во Слободен печат: „За да го закрпи буџетскиот дефицит, Македонија пак ќе се заборчи со еврообврзница од 500 милиони евра“.