Достапни линкови

Мирот и стабилноста зависат од Договорот од Пржино


Конфликти и тензии на внатрешен план и заглавени евроинтеграции и критики од странство, доколку пропадне Договорот од Пржино прогнозираат аналитичарите.

Ако Договорот од Пржино пропадне, релативно извесни се случувањата на надворешен план, односно заглавувањето во евроинтеграциите и засилените критики од западните земји, но она што ќе се случува дома може да има уште посериозни последици, оценуваат дел аналитичари.

Ако ДУИ излезе од владата и ако се обидат да формираат нов вид коалиција во парламентот ќе дојде до една многу „интересна“ ситуација, а имено ќе биде прекршено она досегашно правило дека партијата која освоила најмногу гласови кај својот национален електорат има право да седи во владата.
Денко Малески, универзитетски професор.

Според професор Денко Малески во случај договорот да не се реализира треба да се има предвид дека земјава не функционира во вакуум и дека надворешните влијанија ќе продолжат, но опасноста е, како што вели, во внатрешните конфликти.

„Ако ДУИ излезе од владата и ако се обидат да формираат нов вид коалиција во парламентот ќе дојде до една многу „интересна“ ситуација, а имено ќе биде прекршено она досегашно правило дека партијата која освоила најмногу гласови кај својот национален електорат има право да седи во владата. Една партија и тоа која освоила најмногу гласови кај својата нација, македонската, ВМРО-ДПМНЕ би била исклучена од власта. Дали тоа ќе предизвика националистичка реакција, или пак национализмот веќе е издишан во Македонија тоа пак е многу нејасно“, вели Малески.

Претставниците на ДУИ засега не се изјаснуваат за варијантата поврзана со ново мнозинство, но шефот на изборниот штаб на партијата Беким Незири најави преиспитување на нивното учество во Владата ако пропадне договорот.

Ахмети, пак, нагласува дека држењето на евроатланската иднина во заложништво поради неподготвеноста за компромис, ќе влијаело многу и во меѓуетничките односи и општата состојба во земјата. Според претседателот на Евроатланскиот клуб на Македонија Исмет Рамадани при таков развој на настаните разочарувањето и на Албанците, но и на сите други граѓани поради неуспехот во евроатланскиот пат ќе биде големо и ќе ги заостри меѓупартиските, но и меѓуетничките односни.

„Во таква една ситуација нормално дека ќе се засилат уште повеќе антагонизмите, односно меѓупартискиот конфликт, особено меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но тука веројатно ќе бидат вклучени и невладините организации, односно интелектуалците, така што во Република Македонија ќе имаме една премногу тензична, би рекол, и конфликтна ситуација“, вели Рамадани.

Според него, доколку државата дојде во таква состојба тогаш не може да се зборува, ниту за функционирање на институциите, ниту пак за демократските права на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG