Нема никаков напредок во разговорите меѓу партиите за двете најспорни прашања од Договор од Пржино- законот за влада и комплетирањето на тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева, тврдат високи извори од СДСМ.
Овие две прашања укажуваат дека власта најмногу е заинтересирана за изигрувањето на правдата и за регуларноста на изборите.Здравко Савески, политички аналитичар.
Истите извори велат дека вчера имало заедничка средба на претставници од ВМРО- ДПМНЕ и од СДСМ без посредникот Питер Ванхауте, кој по враќањето од Брисел не свикал состанок на сите вклучени страни, туку имал само билатерални средби со партиите. Викендов, пак, тврдат истите извори немало никаков состанок на тимовите.
„Во овој момент главниот проблем кој се нотира од страна на власта се надлежностите на заменик-министерот за внатрешни работи и составот и надлежностите на Специјалното јавно обвинителство. Овие две прашања укажуваат дека власта најмногу е заинтересирана за изигрувањето на правдата и за регуларноста на изборите. Тоа веројатно од гледна точка на премиерот Никола Груевски лично најмногу го засега, но за очекување е и кога ќе помине, ако помине, договарањето за овие две прашања да се отворат некои нови значења или подзначења и толкувања на одредени други прашања“, вели аналитичарот Здравко Савески.
Засега според партиските извори позициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ во врска со ингеренциите на министрите и замениците министри остануваат исти. Опозициската партија инсистира министрите да ги имаат сите ингеренции, а владејачката партија бара тие да имаат само техничка улога, а замениците да можат да стават вето на секоја одлука на министерот. СДСМ смета дека замениците треба да имаат право на вето само за прашања поврзани со изборите. Според Савески власта ќе продолжела со тактиката на одолговлекување бидејќи таа одела во нејзина корист и со неа ја врзувала опозицијата и јавноста за прашањата што се битни за неа не дозволувајќи да се отворат други.
„Бидејќи сето ова толку многу наликува на предизборието во 2014 година треба соодветно да се реагира. Засега опозицијата се однесува онака како што се однесуваше пред изборите во 2014 година, а тоа не доведе до демократски и фер избори“, вели Савески.
Инаку покрај за законот за влада и за тимот на Јанева опозициските извори велат дека се разговарало и за законите за т.н. бомби и за „свиркачите“ но тие не биле приоритетни, оти за нив немало конкретни рокови во документите од Пржино. За двата закона дополнително се вршат консултации и со организации како ОБСЕ или пак Венецијанската комисија за тие да бидат во согласност со меѓународните стандарди, велат извори од опозицијата.
Од опозицијата не сакаат да прогнозираат дали до петти кога според некои информации ќе биде презентиран извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, ќе се постигне договор.