Законското решение со кое се забранува објавување на „бомбите“ е катастрофа, цензура! Ова е непостоечко дури и во најјаките режими“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред денешната дебата за предлог програмата наречена „Визијата за Македонија“.
Според него, на преговорите се разговарало и за оваа материја да биде регулирана со закон од причина што понатаму е можно некој да се обиде да ја злоупотреби приватноста на граѓаните. Но, Заев вели би требало да биде поврзано со законско решение за „свиркачите“, со кое се дава можност секој што има вакви материјали да ги предаде до надлежната институција.
За изјавата на поднесувачот на законот, Талат Џафери, дека Заев ветил согласност за ова решение, лидерот на СДСМ беше категоричен дека координаторот на пратеничката група на ДУИ – лаже.
„Талат Џафери во вчерашната емисија „Топ-тема“ излажа бесрамно, а вие можете да изберете неутрална страна, како амбасадорите кои беа присутни на преговорите, и да прашате која е вистината. Очекувам денеска законот да се повлече и преговорите да продолжат“, рече Заев.
Талат Џафери, кој е еден од предлагачите на законот за повлекување на „бомбите“, денеска ги прозива претставниците на работната група кои што доцна синоќа неофицијално договорија повлекување на законот, да одговорат јавно, зошто го направиле тоа, пренесува телевизијата 24 вести.
Џафери не сакал да одговори дали ќе го испочитува договорот на работната група, туку само рекол: „Тоа е мој проблем“.
Во меѓувреме пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ , Антонио Милошоски, изјави дека е постигнат договор спорниот закон за мораториум на бомбите да се врати на доработка и дека ќе се интервенира во неговата содржина преку амандманската расправа, а ќе бил разгледуван и од работните групи паралелно со изборниот законик.
Двата закони ќе се најдат на иста пленарна седница пред изборот на новите министри, која според договорот од Пржино, треба да се одржи на 20-ти Октомври, вели Милошоски.
ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ вчера во Собранието поднесоа предлог закон за престанување на објавувањето на аудио снимките од прислушуваните разговори.
Како што беше соопштено, законот бил идеја на ДУИ, а ВМРО-ДПМНЕ ја поддржала, а според нив законско решение било договорено на лидерска средба во присуство на странските претставници, поточно кога се договорал Законот за специјален обвинител.
СДСМ реагираше на поднесувањето на предлог законот велејќи дека предлогот е обид да се наруши преговарачкиот процес и дека тоа не бил дел од договорот од 2 јуни/15 јули. „Ваков закон ниту е договорен, ниту е дискутиран меѓу потписниците на договорот“, рече изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.