Достапни линкови

Какви пораки ќе испрати претседателот Иванов во Обединетите Нации?


Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на македонската заедница во Њу Џерси, САД.
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на македонската заедница во Њу Џерси, САД.

Домашните аналитичари очекуваат претседателот Ѓорге Иванов да го повтори својот став дека нема да го поддржи референдумот, бидејќи е против Договорот од Преспа и во своето обраќање пред Генералното Собрание на ОН, институцијата под чие покровителство се водеше процесот за решавање на спорот.

По обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов пред македонската заедница во Детроит, каде што уште еднаш повтори дека нема да гласа на закажаниот референдум, домашните аналитичари не очекуваат поголеми изненадувања од неговиот говор во Генералното Собрание на ОН закажан за в четврток.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски очекува Иванов да ги повтори истите ставови за штетноста на Договорот од Преспа, и тоа токму во институцијата под чие покровителство се водеше процесот за решавање на спорот за името со Грција. Гаџовски вели дека веќе подолго време претседателот не може да се оттргне од сенката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство.

„Тој ќе продолжи да се однесува онака како што ќе му наредат од ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека говорот пред ОН ќе биде во иста насока и со сличните пораки што ги слушнавме и нема да биде изненадување за мене да ги повтори тие ставови без оглед на тоа што и најголемите светски лидери веќе дадоа огромна поддршка на догoворот од Преспа. Така што, како што ја започна својата претседателска кариера, најверојатно така и ќе ја заврши“, изјави Гаџовски.

Тој додава дека неговите одлуки почесто предизвикувале раздор и подгревање на тензиите во општеството.

Тој успеа со неговите одлуки да внесе повеќе раздор, отколку сплотување на македонската нација. И мислам дека како таков ќе остане запаметен не само во македонската, туку и во меѓународната јавност, а со крајот на неговиот мандат ќе се стави крај и на начинот на којшто функционираа политичарите во Македонија“, вели Гаџовски.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека изјавите на Иванов од пред неколку години не се конзистентни со денешните. Неговата стратешка определба за евроатланска интеграција и ставот дека за секое решение поврзано со спорот за името треба да има референдум на кој граѓаните ќе ја имаат последната одлука, се спротивни со денешните позиции на претседателот, посочува Незири.

Ако се земе предвид актуелната политичка ситуација во регионот, со овој став Иванов ја доведува во опасност целата држава и иднината на нејзините граѓани, зашто од самото основање и независност на Македонија, интеграцијата во НАТО и ЕУ се поставени како стратешки цели и токму тие се една од ретките точки за кои сите партии и етнички заедници се обединети“, вели Незири.

И Незири забележува дека Иванов се однесува како претседател на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а не на сите граѓани.

„Иванов престана да функционира како претседател на сите граѓани и се изолираше во ставовите на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.Таа негова поврзаност со ова раководство го прави Иванов да се трансформира од претседател на држава во марионета на таа структура која придонесе тој и да отстапи од ставовите кои ги имаше и ги промовираше изминатите години“, вели Незири.

Инаку, претседателот Иванов ќе учествува на 73-тото Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, a предвидено е тој да има свое обраќање во четврток.

Во својот говор пред македонската дијаспора во Детроит Иванов порача дека ниеден политичар нема мандат да преговара за идентитетот на еден народ и дека мнозинството македонски граѓани не гласале за програма во која е предвидена промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име на државата. Тој го повтори ставот дека нема да гласа на претстојниот референдум зошто договорот е штетен и неприфатлив.

Во последните неколку години претседателот Иванов остана запаметен по контроверзната одлука за аболицијата за сите политичари против кои се води истрага, или против кои е покренато обвинение за случаи покренати од страна на Специјалното јавно обвинителство, а поврзани со прислушуваните разговори што ги објави СДСМ. Подоцна под притисок на Меѓународната јавност тој ја повлече таа одлука.

Во март 2017 година тој одби да му го даде мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Иванов не го потпиша и указот за законот за употреба на јазиците, а неговиот годинашен говор по повод Илинден на Мечкин Камен во Крушево, поголем дел од аналитичарите го оценија како недоличен и полн со омраза.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG