Недоличен говор за еден шеф на држава кој е карактеристичен за едни минати времиња, вака упатените го коментираат обраќањето на претседателот Ѓорѓе Иванов на Мечкин камен во Крушево на прославата на празникот Илинден. Во неговиот говор кој траеше повеќе од половина час тој ја нападна Владата дека не се грижи за интересите на народот, дека го заобиколила и оти потребни се жртви за одбрана на државата. Сето тоа беше проследено со аплауз од присутните, пред сè од мала навивачка група Комити која ја исвирка владината и собраниската делегација додека положуваа цвеќе, а се пееја и анти - албански песни.
Универзитетскиот професор Никола Дујовски, вели дека Иванов покажува оти воопшто не е политичар на новиот век и со неговите постапки групата на поддржувачи му е се помала и воопшто не е релевантен.
„Претседателот Иванов како и претходниот период единствено што прави е се обидува да извлече колку многу повеќе за онаа црна страна на Македонија којашто тој ја застапува. Пораките кои што ги упати апсолутно се недолични за кој било човек што извршува јавна функција, а најмногу од се веројатно за шефот на државата. Да се заземат такви ставови и да се обвинува целиот свет, непогледнувајќи во сопствениот двор е одлика на човек кој не е дораснат на функцијата која за жал кај нас ја извршува цели два мандатa“, вели Дујовски.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека Иванов се обидува да преземе улога која е карактеристична за политичарите на раните деведесети години на Балканот и тој е исклучен од процесите по негова волја и поради неговите ставови.
„Така што никако да се одлепи од неговите партиски определби и да се вклучи во процесите кои Македонија ја водат надвор од политичката криза низ која поминавме и низ процесот на одлепување на институциите од политичките елити. За жал, тој и во оваа фаза на неговиот мандат не успеа да се надмине себе си и да го помогне процесот, туку напротив се труди истиот да го закочи“, смета Муслиу.
Дујовски додава дека претседателот не дејствува во согласност со интересите на Македонија.
„Да се зборува дека целиот свет ни се непријатели и дека ние сме единствените што можеме да работиме самостојно на нашиот развој е сосема погрешно и укажува на тоа дека претседателот воопшто не е свесен, ниту за регионалните интереси, ниту за националните интереси на Република Македонија. Ние живееме во едно поинакво време. Времето во кое неговиот глас и на неговите ментори се слушаше помина и за жал тој останува како ехо од минатото“, истакнува Дујовски.
Владата реагираше дека Иванов се обидува да ја врати Македонија во изолација, се поставил против стратешките интереси и иднината на Македонија и подбуцнал меѓунационална и меѓуверска нетрпеливост.
Од кабинетот на Иванов изразија жалење за тоа како реагирале присутните на Мечкин камен, но тоа како што наведуваат, не било предизвикано од пораките на претседателот. Владата, според соопштението, треба да се запраша зошто така реагира народот и да преземе одговорност за неговите поделби и ширењето на омраза.