Достапни линкови

Владата има неколку решенија во игра за Иванов


Во Собранието повторно помина Законот за ратификација за договорот со името. Владата и експертите сметаат дека, согласно Уставот, претседателот е должен да го потпише указот. Владата размислувала и за неколку решенија доколку Иванов одбие да стави потпис.

Неколку решенија се во игра доколку претседателот Ѓорѓе Иванов не го потпише Законот за ратификација за договорот за името со Грција откако повторно беше изгласан во Собранието, вели во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела, потпретседателот на Владата и министер за одбрана Радмила Шеќеринска.

Собранието вчера без присуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со 69 гласа „за“ го донесе законот во трето читање. Според Шеќеринска, ветото на Иванов не е во согласност со Уставот и тоа ги гази двата принципа за кои тој сите години се колнел. Прво самиот Устав, а второ граѓаните, со тоа што Иванов става вето на можноста тие да се изјаснат за договорот, наведува таа.

Има некои предлози и иницијативи кои што се размислуваат и дискутираат меѓутоа премногу ни е фокусот што ќе правиме ние откако Иванов повторно нема да го почитува Уставот. Не сакам да се навикнеме на таа ненормална и неприфатлива ситуација туку да го повторуваме она што е најважно Уставот може некому да му се доаѓа или не. Но, Уставот не е мени па да кажеме го сакаме ова, а членот 2 не ни се допаѓа. Уставот е тука и тогаш кога ни одговара и кога не ни одговара. Ако се повикуваме на Уставот е тогаш да го почитуваме“, вели Шеќеринска.

Од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов денеска соопштија дека тој не прифаќа договор на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Македонија.

Ставот на претседателот Иванов е непроменет и нема да го поколебаат никакви притисоци, уцени и закани“, се наведува во соопштението.

Во јавноста имаше и најави за импичмент на Иванов, но за тоа е потребно дво третинско мнозинство кое го нема владејачката коалиција. Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски вели дека претседателот има уставна обврска да го потпише указот.

Неспорно е оти и по второто гласање претседателот нема никакви формални елементи и понатаму ја кочи работата“, посочува Ивановски.

На истиот став е и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Во секој случај највисоките институции и претставници на власта и на Парламентот треба да најдат начини како да се надмине овој момент. Секако дека ние како општество не можеме да бидеме заложници на фактот дека Иванов го прекршува Уставот и должностите кои произлегуваат од него“, додава Муслиу.

Премиерот Зоран Заев го повика Иванов да го потпише законот. Од ВМРО-ДПМНЕ пак тврдат дека законот е неуставен и очекуваат тој да не биде потпишан од претседателот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG