Достапни линкови

Пулејкова со „Свадбен пат“ за создавањето и надминувањето на границите


Базиран на уникатната миграција на критично загрозената Европска јагула, „Свадбен пат“ - мултимедијален проект на македонската уметничка Кристина Пулејкова, од 19 декември до 10 јануари „ќе ја врати водата“ во Чифте амам, во Национална галерија на Македонија.

По нешто повеќе од три години од „Јаглеродни мемории“ во Музеј на современа уметност, Кристина Пулејкoва (патем добитник на наградата за „Најдобар млад уметник“ на 11 Интернационално биенале на млади уметници одржано во 2015 годинa) од Лондон ни доаѓа со својот нов зафат. Во Чифте амам, во Национална галерија ни го носи „Свадбен пат“ , проект кој се состои од видео проекции на водени екрани, холограми и 360 VR (виртуелна реалност) видео.

Всушност, станува збор за дело базирано на уникатната миграција на критично загрозената Европска јагула. Пулејкова, македонската уметничка која живее и твори во Велика Британија и чија интер-дисциплинарна пракса во уметноста е надополнета со наука и технологија, во „Свадбен пат“ го следи животот на две јагули кои доаѓаат од различни животни средини - едната живее во Охридското Езеро во Македонија, другата во реката Темза во Лондон.

Од таму, а согласно нејзината тенденција „делата да имаат за цел да истражат како користењето на технологијата може да добие своја оправданост во одржувањето на релацијата човек-природа“, Кристина работејќи со подвижни слики, звук и инсталации (со кои, согласно нејзиниот досегашен творечки ракопис, цели кон создавање на субјективни наративи, базирани на научни податоци и принципи), се обидува да исцрта паралели помеѓу човечките искуства и оние на јагулата во поглед на миграција и само-остварувањето.

Од таму, таа во пресрет на претставувањето на проектот не случајно ќе рече дека врз основа на научните опити, се претпоставува дека сите европски јагули се мрестат во Саргаското море, во западниот Атлантик. Дека без разлика на нивното место на живеење, кога ќе постигнат сексуална зрелост, јагулите добиваат сребренеста боја на кожата и тргаат на своето последно, ризично патување до таа една локација, водени од својот инстинкт. Сепак, како што дополнува, сеуште не постои научен доказ за тоа каде точно се мрестат јагулите, ниту пак како овој акт всушност изгледа. И згора дека „науката може да понуди само шпекулации во поглед на овој мистериозен настан“.

„Тоа што највеќе ме заинтересира околу оваа приказна е фактот дека е многу универзална. Кажува многу убава порака за универзалноста на нашето битие. За тоа дека сите доаѓаме од едно место. И мене тоа ми беше многу возбудливо. Со оваа изложба, со овој проект сакам да кажам дека сите фактички сме исти. Дека не само ние луѓето, туку и животните се исти како нас. И тие имаат патишта којшто мораат да ги изодат. Сакав да повлечам некои паралели помеѓу животот на животните наспроти тој на луѓето. Како нашите судбини се многу слични. Едновремено да говорам и за климатските промени. За тоа како ние луѓето создаваме граници и како во светот е се потешко да се пребродат границите, било да си човек или животно“, вели Кристина Пулејкова.

Ана Франговска, виш кустос во Национална галерија и куратор на проектот, истакнува дека „Свадбен пат“ на Кристина Пулејкова претставува една мошне интересна интер или трансдисциплинарна изложба во којашто се вклучени делови кои опфаќаат разновидни медиуми, но и разновидни дисциплини. Дека станува збор за една од најдобрите млади уметнички кај нас која ги третира таканаречените нови или современи медиуми и всушност дека авторката миграцијата на јагулата во Саргаското море ја користи како аналогија за човечкиот стремеж кон само-остварување, за потрагата по тоа утописко место и состојба на битисување.

„Кристина го обработува на мошне интересен начин овој проект којшто во себе ја вклучува миграцијата генерално, видена и низ човечката приказна бидејќи таа и самата живее и работи во Англија. Од тука го преиспитува и своето прашање и ова мошне интересно прашање денеска коешто наедно е едно од мошне горливите политички со кои светот денес се соочува. Затоа и мислам дека проектот ќе понуди една навистина поинаква перспектива за разгледување на повеќе дисциплини – од уметничка, преку политичка, а исто така и еколошка со што треба да се развие и свеста за судбината на Охридската јагула чиј природен репродуктивен пат е прекинат“, смета Франговска.


Инаку, Пулејкова и со дополна дека како простор за реализација на проектот таа го одбрала Чифте амамот првенствено зошто водените екрани би се поврзале со историјата на просторот како поранешна турска бања. Исто така, дуалитетот на бањата, поделена на машка и женска се поврзува со нејзиното истражување на двете култури, иако крајната цел на делото е да ја покаже универзалноста на животинските наспроти човечките судбини.

Кон ова само уште информацијата дека нејзини соработници во реализацијата на „Свадбен пат“ се кореографот Џорџиа Тегоу, директорот на фотографија/кинематографот Шивани Хасард и Анди Коутон како автор на музиката и дизајнер на звукот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG