Онака како и што беше планирано, по четири месеци од одржувањето на изложбата „Дај му форма на животот“, Националната галерија на Северна Македонија својот долгорочен инклузивен проект посветен на ранливите категории „Уметност за сите“, зад кој патем застанаа Министерството за култура и Амбасадата на Кралството Холандија во земјава, го продолжува со два значајни настани со кои ќе биде одбележан 2 април - Меѓународниот ден на лицата со аутизам.
Едно по друго ќе се одржат изложбата насловена како „Пролет, лето, есен, зима... и повторно пролет“, а потем и трибината „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби“.
Поставката, резултат на креативните работилници на кои учествуваа ученици од повеќе училишта во Штип и во Скопје кои твореа во автентичниот амбиент на Чифте амам, ќе се случи в четврток напладне, на 4 април, и на неа ќе бидат претставени разновидните решенија на учесниците кои работеа поврзувајќи различни материјали од органско и неорганско потекло, за на крајот сето тоа биде заокружено и симболично именувано како „Пролет, лето, есен, зима... и повторно пролет“.
Маја Димитрова, координаторка на проектот, забележува дека согледувајќи ги актуелните проблеми со кои секојдневно се соочуваат децата со аутизам и нивните семејства, како и фактот дека нивниот број секојдневно расте, тие како Национална галерија посветено работат на унапредување на нивната положба и на нивниот успех гледаат како успех за сите нас.
„Со оглед на тоа дека насловот на изложбата е „Пролет, лето, есен, зима... и повторно пролет“, сепак и природно и очекувано децата највеќе се задржаа како мотив во своите дела да ја имаат пролетта како годишно време, но голем дел од нив го насликаа и сето она што буди радост, што ја покажува и ведрата и забавната страна од животот. Значи, нивниот дом, љубовта што ја добиваат од нивните родители. Нешто што во секојдневниот живот можеби е потешко да го изразат, но овде верувајте дека го покажаа на најубав можен начин преку нивните дела, преку нивните креации. Згора на тоа имаше многу од децата коишто посакаа не само по едно туку по повеќе дела да направат, па имаме богата и доста интересна изложба да покажеме. Оваа изложба посетителите ќе може да ја видат во Чифте амам се до 12 април“, вели Димитрова.
Изложбата ќе ја отвори покровителот на проектот „ Уметност за сите“ - Ваутер Пломп, амбасадорот на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, а самиот чин на отворањето ќе биде проследен со настап на младиот македонски виолинист Филип Волкан, кој ќе изведе дела од класиците В.А.Моцарт и Оскар Ридинг.
Од друга страна, веќе наредниот ден на 5 април, во истиот простор е планирано да се одржи и трибина со наслов „Културолошка инклузија на лицата со посебни потреби“.
Ова е втора трибина во рамките на проектот „Уметност за сите“ зад која стои Националната галерија. Од таму не случајно од оваа наша национална установа ќе забележат дека „таа доаѓа како резултат на долгогодишниот револт од секојдневната дискриминација и маргинализација на лицата со нетипичен развој“ и дека една од нивните цели е токму тоа, нивно вклучување во што поголем број на културни активности, а посебно во процесот на создавање на уметност“. Притоа како што се веди во дописот „ваквите процеси и случувања потребно е системски да се решаваат во заедничка соработка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образованиее, невладиниот сектор, училиштата, родителите, што ќе овозможи детектирање на проблемите и нивно решавање, но пред се квалитетен живот од најрана возраст“. Токму и затоа
Националната галерија на Северна Македонија преку организирање на вакви трибини посветени на лица од ранливите категории ја промовира културата на прифаќање и нивна интеграција.
Во контекст на ова Маја Димитрова знае да каже дека многу често по завршувањето на изложбите се случува да следат прашања дали е возможно сето тоа што било претставено, слики, скулптури, проекти...да го изработиле деца. Не деца со хендикеп, туку дали воопшто се тоа деца. Од таму, како што ќе рече, целта на ваквите проекти е да ја покажат нивната генијалност и уште повеќе нивната потреба дека им требаат повеќе можности.
- Трибината ги отвора токму таквите прашања. Каде се лицата со посебни потреби во културните збиднувања во нашиот град или воопшто во секојдневното живеење? Дали ние на нив им даваме доволно простор? Исто така трибината очекуваме да начне некои прашања во делот на нивната инклузија во образованието. Каква е поврзаноста помеѓу културата и образованието. Сметам дека со оваа трибина сме засегнати сите ние бидејќи нам повеќе од било кога ни треба подигање на јавната свест заради доброто на овие лица, доброто на семејството, за едно здраво општество и една погодна животна средина, истакнува Маја Димитрова.
Конечно на трибината е најавено дека ќе учествуваат г-ца Мила Царовска, министер за труд и социјална политика, м-р Драги Целевски, државен советник од канцеларијата на Народниот правобранител, проф. Ибрахим Беди од Факултет за ликовни уметности, проф. Владимир Мартиновски од Катедрата за општа и компративна книжевност при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“, дефектологот Ивана Василевска Петровска и д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија.