На урбано Скопје, на сите оние кои сопственото бегство од летните пеколни горештини и политичките глупости го бараат во културните пројави, од 21 до 28 август, по 10-ти јубилејен пат ќе им се случи Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кој рака на срце во изминатава декада успеа од иницијална идеја да прерасне во силна европска манифестација и настан кој на веќе истрошената културна матрица и ја дава неопходната свежина. Светски.
Од таму, нема да претераме ако кажеме дека секое идно издание на ова случување во срединава желна атракции и просветителски дејанија се очекува со нагласено внимание, а неговите потписници, пак, како по некое непишано правило, не само што ја растегнуваат до неможност сопствената професионалност туку и не разгалуваат со содржини за кои потем се прикажува. Не држат до љубопитни и живи до следната средба под Смоква во Куршумли ан и на уште неколкуте градски сцени.
Значи, пред нас е новото херојско издание на „МакеДокс“ кое разбирливо во случајов ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“ и на кое ќе биде понудена филмска програма сочинета од седумдесет документарни остварувања на автори од целиот свет и меѓу нив десет македонски.
Круна на овој избор несомнено ќе биде премиерната проекција за публика на документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. И, кога сме веќе тука чисто да потсетиме дека на 38. Фестивал на независни филмови „Санденс“, во јануари годинава, делото ги освои трите главни награди, а со фантастичен успех беше прикажан и на повеќе светски фестивали. Публиката со нетрпение го очекува во македонските кино-сали, а честа прв да го прикаже ја има токму „МакеДокс“. Филмот ќе има две проекции на 28 август, на завршувањето на манифестацијата, а по онаа во Куршумли-ан концерт ќе одржи групата ФОЛТИН, чија авторска музика се слуша во „Медена земја“.
Сцена од филмот „Медена земја“
Од друга страна, несомнено ексклузивитет претставува и прикажувањето на „Тетовски самрак“, последниот филм на прерано починатата македонска режисерка Билјана Гарванлиева (1973-2016), кој го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер. Згора на тоа проекција ќе има и документарецот „Манаки – приказна во слики“ на Роберт Јанкулоски, кој направи приказ на фотографските дела на првите балкански сниматели – Јанаки и Милтон Манаки. Тука се и светската премиера и на „Спасение“ во режија на Никола Ивановски во рамките на Студентската програма, потем и „Господата од Современа“ на младата Ана Алексовска кој ќе оди во програмата за кратки документарци, а фестивалската публика ќе има можност да ја проследи и проекцијата на „По патот на клавето“ во режија на Лидија Мојсоска, филм кој произлезе од соработката на „МакеДокс“ со танчерите од американската Далас Блек Денс Театар.
И, се разбира не треба да бидат заборавени ниту четирите нови кратки документарци од школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“ кои ќе бидат прикажани во рамките на Младинската програма
Сепак, наспроти ваквиот избор кој се должи на силната заложба за промоција на домашното творештво, главна тема на 10-от „МакеДокс“ ќе биде копродукцијата, како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците.
- Годинава решивме главна тема на Фестивалот да биде копродукција пред се* затоа што сметаме дека тоа гради една по позитивна и подобра работна атмосфера помеѓу филмските професионалци, фестивалските организатори и публиката. А гради и подобри културни врски со регионот, со Европа и со сите земји во светот и секако стабилни комуникациски мостови помеѓу народите. Ние веруваме дека таа комуникација со луѓето, со подржувачите и со инстуитуциите, со фондовите и со публиката е многу важна. Впрочем токму комуникацијата во 21 век е се*. Тоа е она што ги руши ѕидовите меѓу нас и допринесува во градењето на подобра културна атмосфера мешу луѓето во светот, вели Петрула Вељановска, селекторка и дел од организацискиот тим на „МакеДокс“.
Дарко Набаков, Петрула Вељановска и Петра Селишкар - селектори на програмата
Таа и со дополна дека токму на тема „копродукција“ од 25 до 27 август во МКЦ ќе се одржи форумот „MakeCoProDox“, на кој ќе учествуваат претставници на филмските фондови и агенции од регионот и скандинавските земји, како и 20-тина проекти на автори од Западен Балкан, а вниманието ќе биде фокусирано кон нужните промени во создавањето на документарните копродукции во регионот. Форумот е поддржан од Канцеларијата на Креативна Европа – Медиа Деск МК во Скопје и Агенцијата за филм на Р.С. Македонија.
Инаку, на 10-от „МакеДокс“ земја во фокус е Германија, а како што забележуваат организаторите „работите судбински се наредија јубилејното издание на „МакеДокс“ да се совпадне со стогодишнината од основањето на „Баухаус“ и 30-годишнината од рушењето на Берлинскиот ѕид“. Ова подразбира дека во рамките на програмата ќе бидат прикажани осум германски креативни документарни дела создадени во последниве 20 години, филмови како „Градот наречен желба“ на Петер Заш, „Бетонски остатоци“ и „Повлекувам линија“ - обата на Герд Кроске или живописниот „Ѕидот“ на Јирген Бочер.
И, кога ова е веќе познато останува со отворено срце да и им се радуваме на повеќето програмски целини од каде е земен и филмот за отварањето на манифестацијата. Така, во среда во Куршумли ан (кој патем како по традиција повторно ќе израсне во главно сврталиште кон кое ќе водат сите патеки во наредната недела), на отворањето ќе биде прикажан „И сѐ стана песна“ на режисерот Шејмус Марфи, кој е дел од целината насловена „Нови автори“ и каде ќе бидат прикажани и исклучително интересните „Вествуд, панкерка, икона и активист“ на Лорна Такер и „Која е Ева?“ на Пиа Хелентал .
Пи Џеј Харви во сцена од филмот „И се* стана песна“ на Шејмус Марфи
Во оваа ирско-британска копродукција станува збор за автентично интимно патување низ инспирацијата, пишувањето и снимањето на албумот „The Hope Six“ на познатата тамошна и светска рок ѕвезда Пи Џеј Харви. По проекцијата публиката ќе има навистина ретка можност да го проследи перформансот на не помалку познатиот англиски музичар, кант-автор и продуцент Џон Периш ( кој освен со Поли Џин соработувал со американците ИИЛС, ГИАНТ СЕНД, СПАРКЛХОРС, Трејси Чепмен...) и Марта Колика со Џорџа Поли, како специјална гостинка.
Од главната програма, пак, ги издвојуваме „Акварела“ на Виктор Косаковски кој во изминативе две години собра еден грст награди, потоа „Го сретнав Горбачов“ на Вернер Херцог и Андре Сингер, шпанскиот „Град на мртовци“ на Мигуел Ек, сторијата за двете храбри Италијанки „Имав сон“ на Клаудија Тоси, емотивно натопениот „Соло“ на Артемио Бенки и така со ред.
Годинава фестивалскиот јубилеј значи и четврти роденден на Студентската програма, а за прв пат, благодарение на Current Time TV, ќе биде доделена парична награда за најдобриот студентски филм. Детската програма на „МакеДокс“ годинава се реализира во соработка со најзначајниот фестивал на документарни и анимирани филмови во Германија – Док Лајпциг.
И, кога веќе ги допираме наградите не смее да се заборави дека за „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.
И тоа не е се*. Посебна приказна на десеттото издание на „МакеДокс“ се работилниците и мастер класовите. Имено онаа насловена како „Идеи преку граници“ а зад која стои Јана Цисар, разбирливо ќе биде фокусирана на филмската копродукција, а заедно со учесниците ќе се трага по идеи кои би биле прикажани на потенцијалните копродукциски партнери. Работилницата ќе се одржи од 22 до 24 август во Даут Пашин Амам.
Мастер-клас , пак, со наслов „Не следете ги моите правила. Направете си свои“, на 24 август во Даут Пашин Амам ќе одржи еден од најзначајните европски и светски документаристи – Виктор Косаковски. Тој ќе зборува за своите принципи при создавањето на филмските дела не само како режисер, туку и како сценарист, снимател и монтажер. Како блескав пример на неговата работа ден претходно во кино „Милениум“ ќе биде прикажан документарецот „Акварела“ (2018), чиј стожерен лик е семоќниот сопатник на Земјата – водата.
И уште неколку важни информации. За време на фестивалот ќе бидат отворени две фотоизложби: „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“ во Чифте амам и „МакеДокс временска машина“ во Куршумли-ан, а како дел од музичката програма на 26 август концерт ќе одржи ТОНИ КИТАНОВСКИ ТРИО.
Благодарение на НЕД за време на фестивалот ќе се одржи и средба на дел од наставниците кои користат документарни филмови во наставата со цел од прва рака да се добијат информации за темите и содржините кои „МакеДокс“ би ги вклучил во новиот сет филмови и прирачник за средните училишта.
Инаку, ова јубилејно издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Креативна Европа – МЕДИА, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институт „Јунус Емре“, Музеј на РСМ, Археолошки музеј на РСМ, Национална галерија, МНТ, Гете-институт, Француски институт во Скопје, Амбасада на Швајцарија во Северна Македонија, Италијанска амбасада во Скопје, Амбасада на Република Чешка во Скопје, Чешки центар Софија, Град Скопје, Амбасада на Република Словенија Скопје, Current Time TV.