Достапни линкови

„Дај му форма на животот“ или уметност за сите


„Дај му форма на животот“ е насловена изложбата која, како дел од проектот „Уметност за сите“ на Националната галерија на Македонија, каде акцентот е ставен на активностите на ранливите категории, од 7 до 17 декември ќе се одржи во Мултимедијалниот центар – Мала станица во Скопје.

Националната галерија на Македонија безмалку цели четири години, преку разните едукативни содржини, посебно става акцент на активностите и проектите посветени на ранливите категории. Од таму изложбата „Дај му форма на животот“, што ќе се одржи од 7 до 17 декември во Мултимедијалниот центар – Мала станица во Скопје, е дел од проектот „Уметност за сите“ а зад кој безрезервно застанаа Министерството за култура и Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија.

„Проектот опфаќа различни ранливи категории било со физички или ментален хендикеп. Првата активност беше посветена на децата со аутизам и настанот го правевме во април месец, а сега овој е по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, така што во овие креативни работилници беа вклучени учениците од училиштето за деца со оштетен слух и говор „Партенија Зографски“ и децата од училиштето за слепи лица „Димитар Влахов“, но тие се дружеа и работеа со децата од редовната настава, во конкретнава ситуација – учениците од паралелката за меѓународна матура од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје. Значи, проектот е инклузивен“, вели Маја Димитрова, едукатор во Националната галерија на Македонија.

Таа дополнува дека училиштата независно дали се за лица со проблеми за слух или вид, за жал, функционираат во една изолирана средина без многу можност децата да се мешаат со оние од другите средини. Од таму, таа смета дека ваквиот проект дава фантастични резултати затоа што сепак се тоа деца од иста возраст и делат исти желби, мотиви, проблеми...

Информира дека работилниците поминале во една, пред сè, забавна атмосфера, со многу другарување и можност да научат нешто повеќе едни за други. Притоа истакнува дека посебен интерес пројавиле децата од редовната настава за да научат нешто повеќе за нивните другарчиња. Тие, како што вели, во конкретниот случај се обиделе да го научат нивниот знаковен јазик.

„Неколкуте креативни работилници беа реализирани во објектот Чифте амам и децата работеа со глина затоа што сметавме дека таа како материјал најмногу одговара за оваа целна група. Така што тие изработуваа скулптури. Имаше многу коишто работеа индивидуално, но проектот подразбира и тимска работа, па така беа изработени и неколку групни дела. Додека траеја работилниците, ние направивме и едно кратко видео, снимивме еден краток филм, каде што е забележан еден дел од атмосферата, дел од расположението додека траеја тие работилници. За потребите на проектот изработивме и каталог со фотографии од тој чин, со фотографии од нивните креации, со леток и плакат, всушност со се она што е потребно да добие гласност и видливост еден ваков настан“, појаснува едукаторката.

Таа и со најава дека наредната година, во месец април, повторно ќе работат со децата со аутизам, за да двегодишниот проект „Уметност за сите“ биде заокружен со четвртиот дел некаде наесен 2019 кога е планирано покрај децата со оштетен вид и слух да бидат вклучени и деца од некои други ранливи категории, впрочем сите дечиња кои во сите оние социјални и културни збиднувања не се воопшто или доволно присутни.

„Апелирам да има што поголем број на вакви случувања затоа што преку ваквите случувања ние правиме напор на сите да им кажеме дека децата од ранливите категории се тука. Тие постојат и се меѓу нас“, вели Димитрова.

​Маја, како едукатор кој ги иницира и води овие проекти, и со напомена дека тие не се случуваат само поради тоа што сега беше Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби или, пак, што во април е Месецот на лицата со аутизам. Дека всушност тие се дел од редовните активности и работилници на Националната галерија на Македонија, а дека ним како на посетители им се обрнува посебно внимание во текот на целата година.

„Како институција можеби сме, за жал, една од ретките којашто долги години работи со нив и децата тоа не само што го сакаат туку и го очекуваат од нас. Затоа се присутни, навикнати се да бидат тука“, заклучува Маја Димитрова.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG