Достапни линкови

Вести

Полициски протест во Скопје: Колективни договори и поголема плата

Независниот полициски синдикат денеска организира мирен протест во Скопје, со блокирање на неколку улици на клучни места во градот, со барање за „враќање на достоинството на полицајците, колективни договори и покачување на платите за 25 отсто“.

Припадниците на Независниот полициски синдикат, најпрво 15 минути ја блокираа крстосницата кај МТВ, а потоа се упатија кон ССМ. Следна локација е крстосницата кај зградата на Европската Унија и на крајот демонстрантите ќе ги вклучат сирените од автомобилите пред зградата на МВР.

Едно од главните барања на Независниот синдикат е донесување на колективни договори и покачување на платите за 25 отсто.

види ги сите денешни вести

Нови руски напади врз Киев и Харкив

илустрација
илустрација

Киев беше подложен на два брана напади со беспилотни летала рано на 5 ноември, објави градоначалникот на украинската престолнина Виталиј Кличко на каналот Телеграм. Тој додаде дека системи за воздушна одбрана на Киев работат на одбивање на вториот напад врз североисточниот кварт Оболонски и јужниот кварт Холосиевски кој исто така беше цел на руски беспилотни летала претходно истиот ден.

Кличко ги повика жителите да останат во засолништа.

„Во Харкив, вториот по големина град во Украина, две жени беа ранети од руско гранатирање рано на 5 ноември“, објави градоначалникот Ихор Терехов.

Во последните недели, Киев и Харкив беа изложени на руски напади на речиси секојдневна основа додека Украина се подготвува за третата зима во војна.

Воздухопловните сили на Украина одделно соопштија дека собориле 48 од 79 дронови лансирани од Русија во украинските региони.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите капацитети за противвоздушна одбрана уништиле шест украински беспилотни летала над регионот Брјанск.

Вработените во Боинг го прекинаа штрајкот

илустрација
илустрација

Штрајкот на десетици илјади вработени во Боинг завршува по седум недели, бидејќи работниците ја прифатија подобрената понуда од американскиот производител на авиони, вклучително и зголемување на платите за 38 отсто во текот на четири години, соопшти синдикатот на ИАМ, јави ДПА.

Членовите на синдикатот гласаа со 59 отсто „за прифаќање на предлогот и враќање на работа“, соопшти Синдикатот.

„Работниците можат да се вратат на работа веќе на 6 ноември 2024 година, за оние членови кои сакаат да се вратат што е можно побрзо“, наведува Синдикатот.

ИАМ, кој има околу 33 000 членови во Боинг, додаде дека работниците „мора да се вратат на работа“ до 12 ноември, додавајќи дека „штрајкот е завршен“.

Пред една недела, работниците со големо мнозинство гласаа против понудата за покачување на платите од 35 отсто во текот на четири години, а 94 отсто го отфрлија предлогот. Во средината на септември, тие веќе ја одбија првата понуда на Боинг, која вклучуваше зголемување на платите за 25 проценти, со мнозинство од речиси 95 отсто.

Новиот договор вклучува и еднократна исплата од 12 000 долари. Синдикатот веќе преговараше за задржување на исплатите на бонус, кои првично требаше да бидат укинати, како дел од втората понуда.

Вработените во Боинг прифатија неколку замрзнувања на платите во изминатата деценија и бараа значително зголемување. Боинг, со работна сила од околу 170.000 вработени, неодамна ги објави плановите за укинување на 10 посто од работните места.

Зеленски: Во Курскиот регион се распоредени 11000 севернокорејски војници

Володомир Зеленски
Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека 11 000 севернокорејски војници се распоредени во рускиот регион Курск за да ја поддржат руската армија во обид да ги потиснат украинските сили кои навлегоа во оваа погранична територија.

„Веќе има 11.000 од нив во регионот Курск. Гледаме зголемување на бројот на Севернокорејци, но не и зголемување на реакциите на нашите партнери“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање до сонародниците.

Зеленски, кој веќе неколку пати зборуваше за пристигнувањето на севернокорејските војници, бара од своите сојузници да и помогнат на Украина пред да пристигнат севернокорејските трупи распоредени во Русија на бојното поле.

Белата куќа минатиот четврток соопшти дека околу 8000 севернокорејски војници сега се во рускиот регион Курск, на самата граница со Украина и се подготвуваат да му помогнат на Кремљ во војната против Киев.

САД повикува на поголема хуманитарна помош за Газа

Појас Газа
Појас Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повика на поголема помош за Појасот Газа со оглед на влошената хуманитарна ситуација на територијата повеќе од една година по војната.

Блинкен „разговарал за ужасните хуманитарни услови во Газа“ во телефонски разговор со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, се вели во изјавата на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер.

„Секретарот ги разгледа дејствијата што Израел ги презел до денес и повика на понатамошни активности за значително зголемување и одржување на хуманитарната помош, вклучувајќи храна, лекови и други основни резерви, за цивилите низ цела Газа“, рече Милер.

Блинкен, исто така, ја истакна важноста од завршување на војната во Појасот Газа и враќање дома на сите заложници киднапирани од Израел, како и овозможување на палестинското население да ги обнови своите животи.

Конфликтот започна откако Хамас (организација која е прогласена за терористичка од САД и ЕУ) и другите екстремисти од Појасот Газа го нападнаа Израел, убивајќи 1200 луѓе и киднапирајќи до 250 на 7 октомври 2023 година. Израел потоа започна масовна одмазда, за која властите во Газа велат дека резултирала со повеќе од 43000 смртни случаи и над 100 000 повредени, според бројките на здравствените власти во Газа.

Блинкен разговараше и со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абдел-Ати за ситуацијата во Газа и поширокиот Блиски Исток.

„Секретарот истакна дека Хамас уште еднаш одби да ослободи дури и ограничен број заложници за да обезбеди прекин на огнот и помош за жителите на Газа, соопшти Милер.

Според израелскиот весник Тајмс оф Израел, Египет неодамна дал предлог според кој Хамас ќе ослободи четворица израелски заложници во замена за околу 100 палестински затвореници. За време на првичниот 48-часовен прекин на огнот, ќе се преговара за подолгорочен прекин на огнот.

Сеул: Северна Кореја лансираше неколку балистички ракети

илустрација
илустрација

Северна Кореја истрела повеќе балистички ракети со краток дострел кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти денеска јужнокорејската војска.

Северна Кореја ги лансираше ракетите околу 7:30 часот (понеделник 22:30 по Гринич) од западната провинција Северна Хвангхае, објавија јужнокорејските медиуми, цитирајќи го Генералштабот во Сеул.

Генералштабот првично не го прецизираше бројот на лансирани проектили.

Канцеларијата на јапонскиот премиер исто така испрати предупредување за „сомнително лансирање балистичка ракета“.

Лансирањето доаѓа помалку од една недела откако Пјонгјанг тестираше, како што тврди, нов тип на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) со „ултрамоќни офанзивни средства“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел. Таквите проектили можат да бидат опремени со нуклеарна боева глава.

Тензиите се зголемија на Корејскиот полуостров откако Пјонгјанг значително ги прошири ракетните тестови во изминатите две години, истовремено заострувајќи ја својата реторика против САД и Јужна Кореја.

Северна Кореја, исто така, ја зајакна својата воена соработка со Русија, при што САД проценуваат дека веќе има околу 12.000 севернокорејски војници во Русија.

ВМРО и СДСМ би оделе на предвремени избори, поделени ставови во албанскиот блок

Илустрација- гласање на избори, фотографија од двојните (претседателски и парламентарни) избори на 8 мај 2024 година.
Илустрација- гласање на избори, фотографија од двојните (претседателски и парламентарни) избори на 8 мај 2024 година.

Како СДСМ подготвени сме да одиме на какви било избори од денеска натаму. Вака одговори опозицискиот лидер Венко Филипче, денеска (4 ноември) од Собранието, по повикот за изборно соочување идната година, кој премиерот Христијан Мицкоски го упати од собраниската говорница на 31 октомври.

„Тоа што има таква најава на само пет месеци од формирањето на Владата е доказ дека на владата навистина не и оди“, рече Филипче кој вели дека е сигурен оти во секој следен чекор на избори ќе бидат посигурни и поуспешни.

Повикот на Мицкоски тој го гледа и како кокетирање со ДУИ и пред како порака до коалицијата Вреди и до ЗНАМ, кои очигледно, како што рече, веќе имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка.

За ова прашање се огласија и од опозицијата во албанскиот политички блок. Таму ставовите се поделени.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на социјалните мрежи објави дека и тие се подготвени граѓаните да го кажат својот збор и да кажат за кој пат се, по една ипол година од актуелната влада.

Од Вреди, пак, порачаа дека не е време за дополнителни трошоци.

„За државата и за граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време. Бидејќи секое прогласување на избори значи 6 месеци пред и по изборите запирање на сите постапки, сите јавни набавки, вработувања“, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

Инаку, самиот Мицкоски на првите пратенички прашања за неговата Влада одржани на 31 октомври ја фрли ракавицата за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните во октомври следната година. Тој ова го кажа откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повика Владата да си поднесе оставка.

„Ако сте сигурни дека сакате да одиме на избори, да одиме, да се провериме. Еве, заедно со локалните да направиме и едни парламентарни, па да одиме. Ако сакате, јас немам проблем, еве сега да ја договориме работава“, рече премиерот во Собранието.

Последните парламентарни избори се одржаа на 8 мај, а по нив ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ја формираа новата Влада на Северна Македонија.

СДСМ и ДУИ, по седумгодишно владеење, заминаа во опозиција.

Министерот за градежништво на Србија најави оставка по несреќата во Нови Сад

Српскиот Министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ на вонредна прес-конференција во Владата на Србија, Белград, 5 ноември 2024.
Српскиот Министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ на вонредна прес-конференција во Владата на Србија, Белград, 5 ноември 2024.

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ најави дека на 5 ноември официјално ќе поднесе оставка поради несреќата во Нови Сад.

Тој на вонредна прес-конференција рече дека не ја прифаќа вината за несреќата, туку дека поднесува оставка како „одговорен човек“.

„Не можам да ја прифатам вината за смртта на 14 лица бидејќи ниту јас ниту луѓето кои работат со мене немаме трошка одговорност за трагедијата што се случи“, рече Весиќ, додавајќи дека поднесува оставка „од морални причини поради несреќата бидејќи се случила во ресорот кој го води“.

Тој изјави дека како министер „не донел ниту еден акт што може да има влијание врз исходот на проектот“ за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и го повика Обвинителството да утврди одговорност за смртта на 14 лица.

Весиќ рече дека на премиерот Милош Вучевиќ му понудил оставка истиот ден кога се случила несреќата, а својата намера му ја соопштил и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Изјави и дека „сите овие денови трпел навреди и напади од оние кои се обидуваат да ја злоупотребат секоја трагедија“.

Оставката на Весиќ доаѓа откако 14 лица загинаа, а три лица беа тешко повредени по уривањето на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември.

Од тој ден, дел од опозицијата, активисти и граѓани бараат одговорност од властите, а на протестот пред Министерството за градежништво и Владата на 3 ноември во Белград беше побарана итна оставка од Горан Весиќ.

Здружената новосадска опозиција побара оставки од српскиот премиер Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница на железничката станица.

Несреќа на железничката станица во Нови Сад
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:05 0:00

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до вчера сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво, Горан Весиќ, директорот на Институтот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорните во „Железници на Србија“ и „Железничка инфраструктура на Србија“ и одговорните за изведување на работите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (4 ноември) изјави дека е „сигурен“ дека надлежните државни органи ќе утврдат кој е одговорен за трагедијата.

Железничката станица во Нови Сад беше официјално отворена во јули 2024 година, по тригодишна реконструкција.

Надлежните тврдат дека бетонската настрешница пред главниот влез на зградата на станицата не била вклучена во реконструкцијата.

ДЗР: Поразителни состојби во македонските студентски домови

Илустрација - дел од менито во студентскиот дом „Гоце Делчев“, ноември 2022
Илустрација - дел од менито во студентскиот дом „Гоце Делчев“, ноември 2022

Северна Македонија во 2022 година потрошила приближно 22,6 милиони евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие пари, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а 3 отсто за останати расходи.

Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека мерките и политиките што ги презеле надлежните органи за студентскиот стандард се недоволно ефикасни за да се создадат соодветни услови за стипендирање, сместување и исхрана на студентите.

На презентација на Извештајот во Собранието, главниот државен ревизор, Максим Ацевски рече дека се констатирани „поразителни бројки и состојба“ која, рече, „не упатува на услови што би требало да бидат хумани за живеење на нашите студенти“.

Притоа, ниту студентските домови, ниту надлежното министерство, како што рече, немаат стратегија за утврдување пристап за постапување кон овој проблем.

„Сето ова укажува дека во суштина се одлеваат недоволно средства, но и во она што се одлева, има слабости во начинот на користење. Од 11,37 милиони евра кои се исплаќаат за студентски оброк или 50,2 отсто од вкупните расходи, се исплатуваат на начин кој не обезбедува целосно потврда дека средствата се исплатени навистина за оброк. Во 2022 година исплатата се вршела на трансакциските сметки на студентите кои тие средства можеле да ги користат за сосема друга намена, а не за намената што е утврдена. Преземени се мерки во 2023 и 2024 година, но сè уште не е исполнето она што е законски начин на исплата на средствата“, рече Ацевски на седница што денеска ја организираше собранискиот Клуб за младински прашања и политики.

За министерката за образование, Весна Јаневска, оправдана е констатацијата во врска со Законот за субвенциониран студентски оброк „дека законското решение не дава целосна гаранција дека средствата се користат исклучиво за прехрана на студентите“.

Таа соопшти дека субвенционираниот студентски оброк го чини МОН 800 милиони денари годишно.

„Со 800 милиони денари годишно, МОН може многу да направи за студентскиот стандард. Но, тоа е што е, законот нема да биде укинат и мора да се почитува“, рече министерката.

Државниот ревизор, Ацевски, посочи дека Извештајот укажува и на поразителни бројки за сместувачките капацитети, условите и перцепцијата на задоволство од студентите за што говорат нивните поплаки дека во дел од домовите нема топла вода или стабилен интернет.

„Од 12 оценки, имаме добиено две единици, осум двојки и само две тројки. Тоа е перцепцијата на нашите студенти во однос на квалитетот на сместување и квалитетот на храната во државните студентски домови“, истакна ревизорот.

Цената за сместување во државните студентски домови од 2008 година до сега е непроменета и изнесува 6.820 денари, од кои половината ги субвенционира државата, а другата половина ја плаќа студентот.

Според Ацевски, со 16 години непроменета цена се прави вештачки притисок со цел да не се испорача квалитетна услуга кон студентите односно кон граѓаните.

Во однос на цената за сместување за која во извештајот ДЗР препорачува да биде двојно зголемена и да изнесува 14.680, министерката Јаневска смета дека за тоа да се спроведе сега и одеднаш би било „голем шок и за студентите кои би требало да плаќаат 7.340 денари, но и за државата“.

„Но, ако поранешните министри етапно ја прилагодувале цената на реалните трошоци и инфлацијата, до ова немало да дојде. Сега домовите немаат пари да покријат основни трошоци за работење. Но, не е само цената во прашање, јавна тајна е дека во домовите многу долг период се работело многу недомаќински, а постојат индиции и дека биле искористувани на незаконски пат средствата на граѓаните, на државата. Познати се проблемите со храната, познати се и проблемите со сместувањето, нелегално издавање соби, купување храна по енормни цени, а студентите добиваат неквалитетен оброк“, истакна министерката.

Домовите немаат пари, рече таа, поради ниските цени кои ги наплаќаат. Ја користат одредбата од законот според која МОН може да им помогне со покривање на дел од режиските трошоци кои се дефинирани како непредвидени.

Проблемите очекува дека ќе се решаваат по донесување на нов Закон за студентски стандард што се планира во 2025 година.

Планот е во новото законско решение да се дефинира модел на финансирање на домовите, со кој ќе се обезбеди континуирано финансирање согласно реалните потреби на домовите, а притоа ова нема да предизвика преголем финансиски товар на студентите, посочи Јаневска.

По укажување на ДЗР, рече министерката, МОН веќе го воспоставува и регистарот на домови и активно работи на забрзување на постапката на реконструкција на домовите опфатени со Проектот за енергетска ефикасност.

Пензионирани полицајци споделувале службени тајни со криминалната група „Дуќанџик“

Јавно обвинителство на Северна Македонија
Јавно обвинителство на Северна Македонија

Приведени се двајца пензионирани полицајци и уште едно лице поради оддавање службени тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“. Против нив е донесена наредба за спроведување на истражна постапка, соопшти Јавното обвинителство денеска (4 ноември).

„Осомничените во периодот од декември 2019 година до март 2021 година извршиле кривично дело Злосторничко здружување и продолжено кривично дело Оддавање на службена тајна. Дополнително прво и третоосомничениот сториле и кривично дело Попречување на правдата, а на првоосомничениот му се става на товар и кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот“, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Осомничените, како што се посочува, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од село Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првосомничениот во предметот „Грчец“, пренесувале службени информации.

Според соопштението, сомничените од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи. За ваквото неовластено откривање со кое предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите, осомничените добивале награда.

„Според содржината на наредбата за истрага осомничените, заедно или поединечно, со информациите што ги споделувале, го отежнале докажувањето во кривичните постапки за кривично-правен настан случен во декември 2019 година, секој посебно заканувајќи се дека повторно ќе биде нападнат тој или членовите на неговото семејство, влијаеле врз оштетен – жртва на обид за убиство по нарачка, а сега починат, да ја смени изјавата дадена пред овластени полициски службеници“, велат од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека осомничените споделиле значајни информации за криминалната група за убиство во август 2020. Истата година споделиле и службени информации за примена на посебни истражни постапки мерки за тогаш актуелно криминалистичко истражување под кодно име „Планина“, во кое беа опфатени лица од оваа организирана група.

За кривично – правен настан во септември 2020 година во кој петмина беа осомничени за кривично дело Грабнување биле пренесени информаци за обезбедените докази и изјави на сведоции задржани лица, како и за двојното убиство од март 2021 година во Скопје за кое биле пренесени информации кој е задржан во полициска станица, кои активности се преземаат и кои службени лица се вклучени во криминалистичкото истражување.

Според Обвинителството, првично обезбедените материјални докази за првоосомничениот упатуваат дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат недвижен и движен имот и штедни влогови, што во големи размери ги надминуваат неговите законски приходи како полициски службеник.

Осомничените денеска (4 ноември) ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје на кој јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите ќе му предложи да им биде определена мерката притвор, се наведува во соопштението.

Таравари: Да се видат сите околности во врска со смртта на бебето од Струмица

Министерот за здравство Арбен Таравари
Министерот за здравство Арбен Таравари

Треба да се видат сите околности во врска со смртта на бебето од Струмица што викендов почина на Детската клиника во Скопје, рече Министерот за здравство Арбен Таравари.

Според информациите што тој ги добил од директорот на Клиниката за педијатрија, бременоста на мајката не била следена како што треба.

„Потоа детето е задржано во домашни услови или во болницата во Струмица и кога е донесено бебето во Клиниката за педијатрија, веќе било во многу влошена состојба. Така што треба да се видат сите околности и според тоа и Министерството ќе постапи“, рече Таравари одговарајќи на новинарско прашање, по денешната (4 ноември) дебата што ја организираше Владата посветена на политиките за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите.

Бебето старо осум дена, викендов почина на Детската клиника во Скопје, откако во тешка здравствена состојба било донесено од Струмица. Како што информираа од Детската клиника, се работи за предвремно родено дете, со мала тежина, кое било со тешка сепса.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG