На македонската култура, од 16 до 18 август, по 31 пат ќе и се случи Поетска ноќ во Велестово, втората најстара поетска манифестација во земјава. И, повторно сред село, на Чешма. Онаму каде вишнее моќта на зборот и како вода се леат стиховите. Каде вирее магијата на едно траење во просторот и времето. Ете таму наново ќе биде ставено уште едно некршливо камче на мозаикот наречен традиција. Поетска. Македонска.
А, настаните безмалку ќе го имаат познатиот тек. Толку обичен, а толку грандиозен. Спој на културни изблици кои изнудуваат пошироко внимание. Светско.
Најнапред воведот годинава ќе со настап на пејачката Евгенија Здравевска (Зарина Првасевда) и Александар Петров како специјална придружба на тапан. Потем како и што доликува ќе следува чествувањето на поезијата на нашиот Иван Џепаровски. За него, за неговото дело ќе беседи проф. д-р Наташа Аврамоска, додека пак, стиховите ќе ги интерпретира актерот Владимир Јачев.
Иван Џепаровски
Првата вечер ќе биде заокружена со изложба на сликарката Воскресија Андреевска што ќе биде поставена во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“.
За следниот ден во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид е планиран настанот насловен како „Поезија напладне“, кој во случајов му е посветен на творештвото на драгата пријателка на манифестацијата, бугарската поетеса Поли Муканова, која на два пати е преведувана во земјава и по цели 10 години еве ја на местото на некогашната промоција. Модератор ќе биде Зоран Јакимовски.
На зајдисонце, од 19.30 часот, во кафетеријата „Шила“, присутните ќе имаат можност да другарувааат со стихозбирката „Жалба до Музата“ од уште еден докажан пријател - Џери Марфи од Република Ирска. Изборот и препевот се на Јулијана Величковска, а станува збор за издание на ПНВ Публикации од Скопје. Промотор ќе биде професор д-р Димитар Пандев, а стиховите на македонски ќе ги чита актерот Јован Цветкоски.
Џери Марфи, поет од Република Ирска
И конечно на 18 август од 20.30 часот, во Куќата на Уранија – МАНУ, во соработка со Фондација „Славко Јаневски“, ќе биде претставен „Некој бил тука“од Николина Андова Шопова, добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2018 година.
И, кога вака ќе се погледне програмата таа несомнено го заслужува сето внимание и безмалку е на иста линија со интенциите на државата за вистинска „децентрализација на културата“, а за која е толку гласно, дури и „прегласно“, Министерството за култура. Арно ама, истава оваа манифестација Поетска ноќ во Велестово, наспроти реномето што го има дома па и во светот, лани остана „невидлива“ за Министерството, а годинава беше принудена да се задоволи со трошките (сумата не е вредна дури ни за споменување) од вкупниот колач нареќен Конкурс за програми од национален интерес чија распределба со бурни реакции беше следена од јавноста и разбирливо предизвика лавина негодувања.
За среќа, во изминативе три децении Славе Ѓорѓо Димоски и неговиот тим создадоа исклучително голем и квалитетен круг на пријатели, кои сега не се штедат во подавањето рака на Поетска ноќ Велестово како едно од стожерните летни поетски ( литературни) случувања кои ја чинат културната реалноста на оваа и ваква Македонија.
„За среќа имаме вакви прекрасни пријатели коишто ја гледаат другата страна на приказната а не материјалната, па затоа можеме да си дозволиме вака богата програма. Инаку, кога би било како што ние сакале да бидат нештата, да ги удостоиме луѓето со пристоен хонорар, да им платиме патни трошоци како што треба, да си имаат хонорар за читање како што се прави сегде во светот тогаш би биле поинакви работите. Ама, тоа е тоа. Се додека некој не види што правиме во Велестово ќе си правиме вака“, вели Јулијана Величковска од ПНВ Публикации, организаторите на оваа манифестација.
Во своето појаснување на приликите таа и со информација дека токму поради недостигот на средства за реализација на Поетска ноќ Велестово, годинава изостанало веќе еднаш планираното претставување на Хрватската поезија како дел од серијалот со кој на македонските читатели требаше да им го доближат поетскиот момент на регионот.
Јулијана Величковска
Од друга страна, во пресрет на и неколку дена по 31-то издание на Поетска ноќ Велестово, од 10 до 20 август, во рамките на манифестацијата Летни уметнички ноќи на улица Самоилова - ЛУНУС, којашто се одржува во културно-информативниот центар „Култура 365“ во Охрид, ПНВ Публикации ќе ги претстави делата на своите автори Викторија Ангеловска, Тамара Јолевска Попов, Дијана Петкова, и Наташа Сарџоска.
Јулијана Величковска од името на издавачката куќа за која и самата објавува со појаснување дека тие ја користат секоја прилика за организација на ваквите претставувања и дека на тој начин доаѓа до израз интенцијата за пожелуваните врски со читателот. Со вистинската публика.
„Сметам дека многу поискрена е и публиката во помалите градови оти не се навикнати на поголем број на културни настани и кога ќе дојдат на промоција тоа го прават затоа што навистина доаѓаат затоа што сакаат да бидат таму. Сакаат да слушнат убав збор, да го запознаат авторот...Се чини дека имаат и повеќе време за читање книги затоа што не се во машината што ни ја носи Скопје како главен град и мене лично и нас како на издаваштво секогаш ни се многу убави, многу драги тие средби во малите градови во Македонија затоа што наидуваме на публика што е заинтересирана за тоа што го правиме. За книгата и за нејзиниот автор“, ќе рече писателката и уредничка во ПНВ Публикации.