Достапни линкови

Патот до правдата води до Стразбур


Во последната година пораснал бројот на апликации до Европскиот суд за човекови права. Стручната јавност оценува дека граѓаните се помалку му веруваат на домашното судство, а поголемата информираност ги тера правдата ја бараат надвор од државата.

Незадоволството на граѓаните од начинот на кој функционира судскиот систем во земјава, низата процедурални грешки во судските процеси, но и зголемената свест на луѓето дека може да побараат правна помош и надвор од земјата, се причините поради кои Северна Македонија е на деветтото место по поднесени апликации до Европскиот Суд за човекови права во Стразбур, анализираат експертите. Годишниот извештај на оваа судска инстанца покажува дека само во минатата година против нашата држава биле поднесени 370 апликации пред ЕСЧП, а во постапка останале распоредени 339 апликации.

„Задоволните граѓани сигурно нема да се малтретираат и обраќаат пред ЕСЧП. Незадоволството е тоа што ги тера луѓето таму да се обраќаат и покрај тоа што се свесни дека критериумите за прифаќање се многу засилени и некој предмет кој порано би бил прифатен, сега веќе не влегува во таа група. Меѓутоа, надежта дека некој од надвор, некој друг судски органи ќе им помогне во разрешување на проблемите во домашното судство е нешто кое не смее да се занемари. Државата мора да направи нешто да им овозможи на граѓаните сатисфакција на национално ниво“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.

Од 47 членки на Советот на Европа, Северна Македонија е на деветто место по апликации, а најголемиот дел од поднесени апликации се однесуваат на повреда на член 6 од Европската конвенција за човекови права, односно е насочено кон функционирањето на судовите.

„Значи, судовите остануваат главна пречка граѓаните да ги остварат своите права на национално ниво и главна основа за апликација до ЕСЧП. Најголем дел од нив се поради судење во разумен рок, постапки кои траат многу долго време, ситуации кога не била испочитувана процедурата, разни апликации врз основа на член 6 од Европската конвенција за човекови права, кој е всушност право на правична судска постапка. Од друга страна пак, многу се зголеми и популарноста на овој суд, граѓаните станаа посвесни за можноста да се обратат до овој суд, и затоа се зголемија и апликациите кои стигнуваат до овој суд во Стразбур“, вели Вилдан Дрпјанин од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во 2018 година 239 апликации биле прогласени за недопуштени односно судот не ги прифатил најчесто поради неисполнување на некои определни формални претпоставки. Тоа значи дека е потребна добра едукација при пополнување на апликациите, но укажуваат и на потребата дека токму националните судови треба да ги применуваат стандардите и праксата на ЕСЧП.

„Мислам дека многу е поважно што произлегува од таа пресуда, кои се аргументите за наоѓање или ненаоѓање на повреда, за да може да се усмери натамошното однесување на органите кои биле инволвирани во постапката. Паричниот надомест за повреда е еден од елементите кој двојно се цени. Граѓаните се незадоволни од износот, сметаат дека повеќе треба да се одвои износ за сторената повреда, а државата колку и да е тој износ паѓа на товар на буџетот и значи дека сите ние кои не сме учествувале во таа повреда, сносиме последици и плаќаме за неодговорни судии, адвокати, нотари, извршители, обвинители, се што е поврзано и влегува во рамките на правосудството“, вели Николовска.

Дрпјанин вели дека високиот број поднесени апликации може да се толкува и како показател за постоење висока перцепција за неповолни состојби во државата кога станува збор за почитување на човековите права.

„Јасно е дека судството останува главен проблем во ситуации кога граѓаните сметаат дека им се повредени правата, тие ќе започнат постапка, истата се води подолго време и на крај не можат да стигнат до правдата и постапките кои траат и со години, тие морат да продолжат да ги водат и пред ЕСЧП, што пак, воопшто не е поволна позиција за граѓаните, бидејќи никој не сака толку години да чека за да се заврши некоја работа што може да се заврши во основен суд тука кај нас во многу пократок рок“, вели Дрпјанин.

Против нашата државата ЕСЧП лани донел 12 пресуди за 15 предмети. Државата по основ на изгубени предмети за минатата година треба или платила оштета на свои граѓани од 124.900 евра што претставува зголемување во однос на претходните две години, а овие средства се очекува да се зголемат имајќи предвид дека постапките за апликации од 2018 се се уште во тек.

Случајот „Љатифи против Македонија“

ЕСЧП лани прв пат донел пресуда во случај против Македонија за слобода на движење, во пресудата во случајот „Љатифи против Македонија“. Предметот се однесува на лицето Гилизаре Љатифи, Србинка од Косово, која од осумгодишна возраст живее во Скопје. Во 2005 таа добива азил и дозвола за престој која ја продолжува секоја година се до 2014 година, кога и е укинат азилот и правото на престој со образложение дека таа претставува „ризик за националната безбедност“.

Судот првпат во предмет против државата разгледувал жалбени наводи што се однесуваа на слобода на движење, констатирајќи повреда на член 1 од Протоколот број 7 кон Конвенцијата.

„Судот утврдил дека домашните судови не успеале да поднесат доказ дека тужителот претставувал ризик за националната безбедност на било кој начин. Особено затоа што ја базираат нивната одлука на доверлив документ кој никогаш не бил достапен ниту за нив, ниту за апликантот. И покрај тоа што Владата обезбедила редактирана верзија на документот во постапката пред Судот, не било доволно да се докаже дека тужителот бил ризик за националната безбедност. Ниту, пак, против неа се водела кривична постапка за било какво дело“, се наведува во соопштението од ЕСЧП.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG