Достапни линкови

Невладините во контрола на реформите во правосудството


Невладини организации почнуваат проект за мониторинг на реформите во правосудството. Се надеваат дека со тоа ќе извршат притисок врз власта да ги спроведе реформите.

Реформите во судството не се прават со посакуваната динамика, а невладините организации се надеваат дека нивниот проект за следење на реформите во правосудството, како и најавениот скрининг од ЕУ ќе изврши дополнителен притисок врз владата да ги забрза. Освен со крупните политички прашања, владата ќе мора да се посвети и на ова, велат тие. Седум невладини организации, кои го изготвија и патоказот за реформи во правосудството, најавија почеток на заедничка акција за следење на реформите во оваа област.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Македонија посочува дека владата донесе План 18 за спроведување на реформите во наредните година и половина, а планот 3-6-9 не е докрај исполнет. Во следните 10 месеци, ние ќе можеме да излеземе со релевантни оценки за квалитетот на реформите и колку се тие спроведени, вели таа.

„Притоа, водете сметка, започна скринингот. Ние, како организации кои се дел од овој проект, со своите анализи ќе придонесеме во самиот скрининг. Јас не мислам дека владата ќе остане индиферентна кон она што ние како резултат од овој проект ќе го изнесуваме во јавност и не верувам дека нема да постапува барем по дел од нашите препораки“, вели таа.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика вели дека покрај на големите политички прашања, владата ќе мора да работи и на овие теми, затоа што во наредниот извештај на Европската комисија Македонија ќе биде реоценета, особено во овие области.

„Ние ќе бидеме двигател од внатре и ќе притискаме од внатре, но има и надворешен притисок и се очекува всушност, особено во оваа област, барем да се покаже досие на одредени постигнувања“, вели таа.

Невладините организации ќе ги следат реформите во управната материја, пристапот до бесплатна правна помош за граѓаните кои не се во можност да ги платат адвокатските трошоци, полагањето правосуден испит, Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство, Законот за судски совет, Законот за судови, Законот за совет на јавни обвинители и работењето на Академијата за судии и јавни обвинители.

Освен Хелсиншкиот комитет за човекови права и Институтот за европска политика, во проектот учествуваат и Македонско здружение на млади правници, Институтот за човекови права, Центарот за правни истражувања и анализи и Коалицијата сите за правично судење, а проектот е финансиран од Институтот Отворено општество – Македонија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG