Господине Мемети, оваа година се одбележуваат 20 години од постоењето на институцијата Народен правобранител. Каква е вашата генерална оценка околу нејзината успешност во заштитата на правата на граѓаните?
Голема беше потребата Република Македонија да има национална институција за заштита и промоција на човековите слободи и права, која во овие околности треба уште повеќе да ја негуваме и чуваме, затоа што му е потребна на целиот систем, а посебно на граѓаните. Еден советник на шведскиот Омбудсман, институција која постои 200 години, рече дека најдоброто нешто што можеше да ѝ се случи на Македонија е создавањето на институцијата Народен правобранител. Таа со сите општествени трендови и проблеми, сепак мислам дека успеа да расте, полека но сигурно, и да стане една зрела и доста полезна институција за нашето општесто.
Каква е моменталната состојба околу повредите на човековите права и слободи во Македоинија?
Ако гледаме низ годините, во оваа институција поминале над 123 илјади граѓани кои барале заштита во овие 20 години. Од нив, над 57 илјади предмети се отворени, кои ги тангираат над 78 илјади граѓани. Само поради тоа што се обратиле до институцијата Народен правобранител, над 17 илјади граѓани успеале или да го заштитат или да го санираат правото кое им било повредено, што е показател дека оваа институција успешно им помага на граѓаните. Од друга страна, не може да се пофалиме или да констатираме дека на солидно ниво е прашањето во однос на прифатеност за надградба на системите. Во тој сегмент сè уште не се прифаќаат препораките на оваа институција. Ако направиме една споредба за 2015, 2016 и 2017 година, во 2015 виз-а-ви 2016 имаше зголемување на приливот на граѓани кои бараат заштита и секако дека утврдивме поголем број на повреди. Ако се спореди 2016 со 2017 година, констатираме дека има помал број на повреди на човековите слободи и права, што е добро, но тоа не значи дека ние сме на одлично ниво во однос на функционирање на правниот систем. Сè уште имаме доста проблеми, особено во јавниот сектор, во јавната администрација и покрај тоа што највеќе граѓаните се жалат уште за судската власт, а потоа следат затворите, јавната администрација итн.
За 2017 година констатиравте дека е опаднат бојот на поплаки до вас и наведовте дека тоа е делумно поради очекувањата на граѓаните од новата власт. Дали според вас граѓаните го добија очекуваното?
Факт е дека по доаѓањето на новата влада опадна бројот и тоа јас јавно сум го рекол, дека сигурно е од нивната перцепција дека нивните очекувања дека можат на поинаков начин да ги реализираат нивните права. Меѓутоа, од крајот на минатата година почна тој број на граѓани пак да се зголемува, што значи дека не баш сите очекувања на граѓаните биле остварени. Секако дека и оваа година тој тренд продолжува да расте, граѓаните да бараат заштита од институцијата Народен правобранител.
Дали со промената на власта гледате некаква разлика во однос на почитувањето на вашите препораки?
Има во однос на комуникацијата. Со самиот факт дека полесно се комуницира и дека подостапни се институциите и тоа суштински, зборува за тоа дека очигледна е примената. Од друга страна, постои една прифатеност и на нашите општи препораки со самиот факт дека сегашното Собрание усвои над 70 мерки и ја задолжи извршната власт, а таквите мерки произлегуваат од работата на Омбудсманот, е одличен или добар показател. Сега за Извештајот од 2017 година, Собранието на комисиска расправа исто така ги помина над 60 наши препораки кои ги преточиле во мерки и верувам дека ќе ги усвојат и ќе и бидат дадени како обврска на Влада да ги спроведе, а во тие мерки има доста работи во однос на подобрување на системите, без ралика дали се работи за управното судство, за социјалата, полицијата, затворскиот систем.
Како гледате на моменталната работа во правосудството?
Факт е дека во целиот овој процес, во сите овие збиднувања што ги имавме овие години и тој систем не остана имун, тој систем се разниша и падна под разни влијанија. И таму регрутирањето на судиите било доста проблематично и доста исполитизирано со години наназад. Сите овие околности доведоа тој систем да не успее да биде гарант на граѓаните во тоа што значи заштита на уставните слободи и права. Граѓаните почнаа да се плашат од тој систем, наместо да го имаа за сојузник дека е тој правичен и ако кој било згреши таму ќе ја добие правдата. Ние сме постојано во реформа на тој систем, само кај нас се случува со смена на властите сè што било направено да не се смета, туку од доаѓањето на власта да се смета од неа почнуваат реформите.
Целото интервју со Народниот правобранител Иџет Мемети може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овојт текст.