Достапни линкови

Фидановски - Нема пари за ДЛУМ, нема изложби


Ако ДЛУМ добие своја Галерија ќе добие целата држава
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:36 0:00

Ако ДЛУМ добие своја Галерија ќе добие целата држава

ДЛУМ првпат во 73 години може да откаже изложби заради погрешни политики на Министерството за култура, вели Филип Фидановски, претседател на ДЛУМ.

Филип Фидановски е ликовен уметник, професор и актуелен претседател на Друштвото а ликовните уметници на Македонија. Со него разговаравме за актуелната поставеност на асоцијацијата во нашето културно милје и за решавањето на со години напластените проблеми, од кои најгорливиот е немањето сопствена Галерија.

Фидановски, зад вас во месецот на ДЛУМ во МКЦ се две значајни изложби. Колку сте задоволни од нив? Колку сте задоволни од она што и го презентиравте на публиката и од она што го покажавте пред колегите?

Зад нас се две изложби. Едната е наследена од претходното раководство. Станува збор за изложбата „Скулптура“ со одредени правила и начини на организација на изложбата коишто претходното раководство ги имаше воспоставено. За разлика од втората изложба „Поместени граници, молк за“, каде што еве за првпат, ова е трето издание на таа изложба, имаме куратор којшто не е од ДЛУМ, досега беше Кристијан Санев, поранешниот претседател на ДЛУМ, сега е Александра Вилиќ.

И со двете изложби ДЛУМ ги отвори вратите за уметници коишто не се членови на ДЛУМ, бидејќи досега сите изложби беа концепирани да можат да бидат исклучиво членови на ДЛУМ. Зошто е тоа така? За малку да ја зајакнеме ликовната сцена, малку да привлечеме и друга публика која што не беше стандардна публика на ДЛУМ. Успеавме во тоа. И во двете изложби поканивме автори коишто не се членови на ДЛУМ за да видат дека може и поинаку и дека треба можеби да станат членови на ДЛУМ, бидејќи ДЛУМ е една матица на сите уметници на Македонија.

Посебна приказна се средствата што ДЛУМ ги добива од ресорното министерство. Сигурно тоа не оди во прилог на сето она што вие замислувате да го направите.

Најболна точка се финансиите. Министерството го разбирам од една страна дека мора да ги задоволи потребите на целото општество. Но тоа Министерство пред извесно време донесе Национална стратегија. Во таа стратегија многу децидно стои кои се приоритетите на Министерството. Не може приоритет на Министерството да биде здружение на граѓани или каква било институција која вчера е основана во Република Северна Македонија, туку тоа треба да биде институција која зад себе има багаж. ДЛУМ е една таква институција. ДЛУМ има 100 отсто реализирана програма за сите 73 години досега. Ниедна изложба не била откажана или нереализирана, што ДЛУМ ја сврстил во својата програма. Сега, можеби првпат ќе биде во 73 години ние да откажеме две изложби немајќи средства да можеме да ги реализираме. Зошто? Заради погрешните политики на Министерството за култура и заради нивниот погрешен однос кон нас. Јас се надевам дека ќе најдеме заеднички јазик за сето тоа, побарав и прием и сето она што оди протоколарно за да можеме да ги изнајдеме правите решенија за сите проблеми, но ДЛУМ, сметам дека треба да е меѓу приоритети на Министерството за култура, исто така како и Друштвото на писателите, Друштвото на композитори, коишто се двигатели на културата во ова држава.

Наспроти вашите заложби се исправаат и наталожените проблеми. Еден од нив, сигурно најболниот е галеријата која предмалку ја спомнавте. Мислите ли дека тоа прашање е возможно да се реши?

Да, има такви показатели. Јас и на првата прес-конференција којашто ја имавме кажав дека имав разговор со претседателот на Владата на нашата држава, запознаен беше со проблемоти добив ветување дека тој проблем ќе биде решен. А ние влеговме во класична процедура на писмена комуникација со Владата со образложување на нашиот проблем, барање, па сега топката е префрлена од таа стана, чекаме да видиме кој простор ќе ни го доделат и под кои услови. Јас пак ќе кажам, ДЛУМ треба да се стекне со сопствена галерија и во имотен лист-поклон од државата на трајно користење, не да му се даде за да си го купи, за да не може некој утре кога ќе се смени власта, некоја нова власт кога ќе дојде да го избрка ДЛУМ од тоа место, бидејќи некој друг му го дал итн., знаеме какви се тие реваншистички делувања во нашата држава, за да не дојде до тоа, а да не пати културата и да не патат уметниците во државата, бидејќи сепак државата тоа го дава за сопствената култура, не го дава ниту за мене лично, ниту за кого било од управниот или од уметничкиот совет на ДЛУМ, значи го дава за сите уметници за доброто на државата. Со тоа што ДЛУМ ќе добие галерија во централното градско подрачје ќе добие и Градот, ќе добие и општина Центар, ќе добие и целата држава, тогаш ќе можат уметниците по попристапни услови да изложуваат во сопствена галерија, не да молат некого како што тоа ние сега го правиме, се молиме со секоја институција - Дајте ни простор за оваа изложба, дајте ни простор за онаа изложба. Се разбира ДЛУМ со својот капацитет некои изложби ќе мора да ги прави со други институции, како што се музеите и галериите, бидејќи опсегот е голем, но за вакви камерни изложби како што се Скулптура, Поместени граници, помалите изложби, со нив не мора да го заземаме просторот и термините на големите институции, ќе имаме наша за камерни изложби на нашите членови, па и за оние кои не се членови на ДЛУМ, по одредени услови, ќе може да изложуваат во таа галерија. Сметам дека е за доброто на целата култура, а културата и тоа како ни е пропадната, така што со тоа и ќе го подигнеме нивото.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG