По нецели пет години од „Динамогени“ во Младинскиот културен центар Скопје, уметникот и педагог Сергеј Дамовски еве го со нова самостојна изложба. Осумнаесет негови дела од кои 12 се колажи на цртежи ќе бидат изложени на осмата негова самостојна поставка „Лепени, сечени, монтирани“, што од 18 мај се одржува во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Станува збор, како што самиот вели, за цртежи кои се работени во минатото и кои биле „чувани како во некој храм, во едно посебно ќоше“. Во натамошната експликација тој истакнува дека во тој период му се случиле некои „приватни и секакви драматични турбуленции“. Починале неговите родители, потоа дошол Штрајкот на просветните работници „кој беше изманипулиран од СОНК“, па Студентскиот протест, штрајкот на Средношколците, Шарената револуција...
И кога веќе почнал да размислува што ќе им прави конечно на тие цртежи се сетил на изјавата на поранешниот премиер Груевски: Не сме македончиња, туку Македонци и ќе докажеме дека „бомбите“ или лентите се сечени, лепени и монтирани.
Тоа нему му дошло како „кец на десетка“ и како одличен наслов за она што мислел да го направи со цртежите. Изложба на цртежи.
„Сакав од тие цртежи што ги имам на некој начин така да ги искомбинирам и да направам некои приказни коишто ќе бидат доста возбудливи за гледачот, а интересни и за мене како автор пред се. Еден дел од тие дела всушност се цртежи коишто се изработени во колаж, а другиот дел се направени дигитално. Фактички можам да ги наречам дигитален колаж. Тие се споени во една целина што јас ја нареков „Лепени, сечени, монтирани“, вели Дамовски.
Во однос на насловот на поставката уметникот и со дополна дека тоа, во некоја рака, може да биде и „реконструкција на еден период којшто тој самиот го преживеал“.
Од друга страна, говорејќи за досегашното творештво и неговите нови стремежи, Дамовски истакнува дека скоро во сите свои изложби, независно дали се тоа скулптури, слики или цртежи, гледа да експериментира на различен начин од она што е негов препознатлив стил и ликовен јазик. Особено во скулптурата.
„Последниве неколку години барам некој друг израз. Ги менувам медиумите. На претходната изложба „Динамогени“ се претставив со слики, големи платна. Ова сега се цртежи. Тоа се изложби на кои сум решил да и понудам на публиката нешто ново, нешто што го немало на претходните каде сум се занимавал со скулптурата. И секогаш барам еден нов пристап во она што не е карактеристично за мене како карактерна црта на она што се вика стилски јазик во уметноста“, вели тој.
Роден на 26 јуни 1963 година, во Чорух-Дајрон, во некогашниот Советски Сојуз, Сергеј Дамовски дипломирал педагогија со вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и денес работи како професор во СУГС „Орце Николов“.
Во изминативе нешто повеќе од три децении активно учествува во културниот живот во нашава земја. Зад себе има седум самостојни изложби, учествувал на многу групни постановки и колонии, а за своето творештво добитник е на бројни награди и признанија од кои посебно за издвојување се наградата за најдобар портрет на ДЛУМ во 2004 година и „Јордан Грабул“, највисокото признание за вајарство од колегите од Асоцијацијата што го добил во 2013 година.
Не многу по добивањето на оваа награда и се до 2015 година Сергеј Дамовски беше и претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а во тој период на два пати учествуваше на групни изложби во Прага и Плзен, во Република Чешка.