Достапни линкови

Кодра – „гласот на новата цивилизација“ во Чифте амам


Ибрахим Кодра - „Сончев зрак“
Ибрахим Кодра - „Сончев зрак“

Во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам во Скопје, од 12 мај до 12 јуни, ќе се одржи изложбата „100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра“. На поставката реализирана во соработка со Националната галерија на Косово и Фондацијата „Ибрахим Кодра“ од Милано, Италија, ќе бидат изложени 57 дела одбрани од богатиот и достапен опус на големиот сликар кој се смета за еден од последните големи творци на пост-кубизмот во Европа.

Во годината кога го одбележува својот голем јубилеј, седум децении од основањето, Националната галерија на Македонија со уште еден несомнено значаен исчекор. Во периодот од 12 мај до 12 јуни, во објектот Чифте амам во Скопје, ќе се одржи изложбата „100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра“. На поставката реализирана во соработка со Националната галерија на Косово и Фондацијата „Ибрахим Кодра“ од Милано, Италија, ќе бидат изложени 57 дела одбрани од богатиот и достапен опус на големиот сликар кој се смета за еден од последните големи творци на пост-кубизмот во Европа, сликар од рангот на еден Пабло Пикасо.

Роден 1918 година во Ишм во близина на Драч, Ибрахим Кодра своите први чекори во уметноста ги прави во една сликарска школа во Тирана кај славниот албански скулптор Одисеј Паскали.

Во 1938 г. заминува во Италија каде што ги завршува студиите на Академијата „Брера“, а потоа се сели во Милано кадешто живее и активно твори сè до крајот на својот живот во 2006 година.

Кодра е дел од врвните текови на италијанската и европската авангардна уметност. Тој создавал, другарувал и изложувал со најпознатите имиња на светската уметност во тоа време како што се: Пабло Пикасо, Анри Матис, Амадео Модиљани, Жорж Руо, Жорж Брак, Хуан Миро, Оскар Кокошка и други, а во Милано изработил повеќе фрески за најпознатите музеи и згради.

Неговите уметнички дела, создадени со пост-кубистички влијанија, се збогатени со реминисценции на традицијата на неговата татковина, Блискиот Исток, Византија, средбите на културите на Средоземното Море...

Познавачите забележале дека Кодра во текот на својата богата сликарска кариера создал околу 6.000 дела, од кои само 2.000 се регистрирани, а голем дел од нив се наоѓаат ширум светот во познати музеи, јавни институции, галерии и приватни колекции како Музејот во Ватикан или, пак, Парламентот на Италија.

По падот на комунизмот, крајот на изолацијата и на социјалистичкиот режим во Албанија и воспоставувањето на демократијата, уметникот во 1996 година бил поканет да ја посети татковината и да го прими највисокото одликување на земјата „Честа на нацијата“. Тогаш Кодра ќе изрази желба по смртта да биде погребан во родното место, близу Драч и до морските бранови...

Ибрахим Кодра - „Фантастична Албанија“
Ибрахим Кодра - „Фантастична Албанија“

Посебно се значајни две пријателства во животот и творештвото на Кодра: едното е со сликарот Пабло Пикасо, а другото е со францускиот поет Пол Елијар.

Со Пикасо се запознава во Рим во 1948 г., кадешто и двајцата се присутни на Конгресот на мирот, и оттогаш остануваат во блиски пријателски односи. За Шпанецот, Кодра е „мојот албански пријател“ со кого изложува на групната изложба во 1954 г. заедно со Матис, Модилјани и со други значајни современици.

Францускиот поет Пол Елијар, еден од најголемите француски и европски поети на XX век, во сликарството на Ибрахим Кодра ќе открие еден од „гласовите на новата цивилизација“. Европејството на Кодра претставува длабока ликовна медитација за кубизмот и неговите различни толкувања, со присуство на примеси од источната култура и светот на Византија.

Ибрахим Кодра - „Комформисти“
Ибрахим Кодра - „Комформисти“

Згора на тоа познавачите забележуваат дека „тотемските фигури во неговото сликарство, идолите, остатоците од колективната меморија, жителите крај морето, бездруго претставуват реминсценции од албанското минато, изразени во најсреќни решенија. Меѓутоа, линиите и троагалниците, круговите и минијатурните облици ќе се влеат во изразните форми на неговата уметност. Во идеалната претстава за неговото сликарство се испреплетуваат родната Албанија со нејзиното зеленило и морско синило во еден вид синтеза на „глобалноста“ на неговото видување на светот.

Италијанската ликовна критика во стилот на Кодра, пак, препознава култивирана, автентична и волшебна вредност. Во него препознаваат и светлина, богатство на бои, дух, материја и мит преку волшебно слевање на античкото и модерното, западното и источното.

Ибрахим Кодра е носител на низа ордени и признанија. Прогласуван е за почесен граѓанин од повеќе италијански градови. Тој е носител и на златниот медал на Француската академија и притоа му било оддадено признание затоа што „успеал во нашиот хаотичен свет да открие нови ликовни можности за подобро да се разбере уметничката форма без да се меша со хроматските структури што означува отворање на нови хоризонти во модерното сликарство, верно служејќи ѝ на сликарската вистина“.

Ибрахим Кодра - Последно дело
Ибрахим Кодра - Последно дело

Дита Старова Ќерими, директорката на Националната галерија на Македонија, знае да каже дека изложбата „100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра“ во несекојдневниот простор на галеријата Чифте амам може „да се вреднува исто како и неговите претставувања во Рим, Милано, Венеција, Париз, Њујорк и други градови во светот“.

„Самата изложба се базира на изразување достојна почит за неговиот огромен придонес во развојот на ликовната уметност и неговото историско значење денес. Се разбира како и секогаш кога станува збор за значајни настани посветени на ликови како Ибрахим Кодра се наметнува и потребата за одговорен и колективен однос на негување и зачувување на легатите на значајните автори од овој вид и ранг како трајна константа“, вели Старова - Ќерими.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG