Достапни линкови

„Споменици на Револуцијата“ на Марко Кројач на пат низ Македонија


Од 19 април до 3 мај, во галериите во Штип, Кочани, Прилеп, Битола, Струга и Крушево, ќе се одржи изложбата на фотографии печатени во сито техника „Споменици на Револуцијата“ на Марко Кројач, слободен уметник и припадник на берлинската алтернативна сцена. Поставката ги прикажува спомениците и приказните за нивното настанување, како и сегашниот однос на луѓето и воопшто културните политики кон постојните споменици во едно време на постојано променлив идентитет.

Уметничкиот колектив „Задруга 5060“, во соработка со локалната независна сцена како и со локалните самоуправи, во стремеж за автентично унапредување на културната децентрализација, од 19 април до 3 мај, во шест градови од Македонија ја организира изложбата на фотографии печатени во сито техника „Споменици на Револуцијата“ на Марко Кројач, автор од Берлин, Германија. Така по отворањето во Галерија Безистен во Штип, поставката најнапред ќе ја видат жителите на Кочани во изложбениот простор на НЦУК „Бели мугри“, во среда на 25 овој месец таа ќе осамне во Ликовната галерија Прилеп, по три дена ќе се пресели во битолската Магаза, на 28 април ќе ја има во струшката Галерија Коџоман, за конечно оваа двонеделна уметничка турнеја биде крунисана со нејзиното отворање на 3 мај во Домот на култура во историско Крушево.

И по најавата, збор-два за нејзиниот автор. Роден 1968 година, Марко Кројач или ако сакате Марк Шнајдер, е слободен уметник, активист, сквотер, музичар, ди-џеј и хроничар. Повеќе од декада и половина тој посветено ги документира монументалните споменици на НОБ на просторите на поранешна Југославија. Денес е дел од мултимедијалниот колектив „Центрифуга“ од Берлин, каде активно музицира и работи со сито печат. Освен во германската културна метропола, изложувал во Токио, Женева, Белград, Париз и многу други градови во светот како самостоен уметник и архивар на споменичното културно наследство на некогашна СФРЈ.

Неговата изложба на фотографии печатени во сито техника под наслов „Споменици на Револуцијата“, ги архивира партизанските споменици од бивша Југославија и покажува како се менувале културните сеќавања и концептите на идентитетот на балканските простори од Првата светска војна до денес. Оваа поставка всушност ги прикажува спомениците и приказните за нивното настанување, како и сегашниот однос на луѓето и воопшто културните политики кон постоечките споменици во едно време на постојано променлив идентитет.

Од таму не случајно во каталогот за Изложбата ќе биде запишано дека „фотографиите на Марко Кројач ни ги доловуваат овие промени преку слика, а коментарите на различни автори го контекстуализираат секој споменик. Со овој пристап изложбата има желба да го унапреди критичкото, но во истовреме контруктивното соочување со минатото“.

Згора на тоа за оваа пригода ќе биде дополнето дека „изложбата, чиј првичен фокус се спомениците во Македонија, не соочува со реалната состојба на овие ремек дела, некои од нив реконфигурирани, напуштени или заборавени, но сè уште живи централни места на сеќавањата, историјата и комеморацијата. Дека таа отвора прашања кои јасно ја покажуваат сложеноста на процесот во градењето на мирот на Балканот и поделбите поврзани со минатото, години после војни и насилство“.

„Изложбата во својата естетика е светла и чиста, самата техника на обработка на сито печат е уметност сама по себе, но приказната која се пренесува е повеќеслојна и остава силни впечатоци за тоа кои биле и кои се денес нашите вредности. Изложбата „Споменици на Револуцијата“ преиспитува, едуцира и оплеменува со својот опус, колорит и визуелен наратив – пишува во својот осврт Билјана Димитрова од „Задруга 5060“.

„Јас седум години живеев во Србија и на едно патување кога го видов првиот споменик посветен на НОВ тоа за мене беше чудо. Мојот интерес за ова проблематика всушност започна кога бев на Тјентиште и кога ги видов делата на Богдан Богдановиќ. Тогаш едноставно се заљубив во оваа уметност, во овие ремек дела. Тоа беше некаде на крајот на 1980-те години и ништо не знаев за спомениците и нивната историја и затоа едноставно почнав да истражувам“, вели Марко Кројач.

Дополнува дека кога започнал со истражувањата никој не бил заинтерсиран за овие споменици и дека себе од денешен агол малку се гледа како „нивни спасител“.

„Кога почнав со потрагите, со истражувањето едноставно никој не беше заинтересиран за спомениците и затоа сега малку се гледам како нивни спасител и колку тоа чудно да звучи. Всушност, јас само ја документирам сегашната нивна состојба. Со секое моја идна средба со овие споменици видни се промените кои им се случуваат – некои ги минираа и ги отстранија, а други ги обновија. Сега трагам по оние што сеуште не сум ги видел на патувањата по земјите од поранешна Југославија“, истакнува уметникот.

Тој уште со констатација дека овдешните политички елити и воопшто народите кои што живеат во земјите од поранешна Југославија, за жал, не ги научија лекциите од минатото. Од крвавите војни кои се водеа на овие простори.

„Не само што не се води грижа за овие споменици туку ним им се даваат дури и некои нови значења. Како намерно да се сака да им се стави некој националистички, религиозен или каков било друг предзнак на тие монументални дела“, категоричен е Шнајдер.

Кон ова само уште и информацијата дека Марко Кројач на изложбено-истражувачката авантура по шесте градови од Македонија ќе ја промовира и својата книга „Залудградител“ работена на сито печат, а на тема Споменици на народната борба на просторите на бивша Југославија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG