Маша Гала, Андреа Ержен и Маруша Стибел од Словенија, Гајатри Хорват од Хрватска и нашите Јана Манева – Чупоска, Жанета Гелевска-Велјановска, Симонида Филипова Китановска, Касиопеја Наумовска, Жаклина Глигориевска, Емилија Божиновска, Шќипе Мехмети, Дита Старова Ќерими, Ана Ивановска и Јана Јакимовска се учесничките на изложбата „Фемина 8/4“, што во организација на ДЛУМ и како дел од програмата на актуелното Скопско лето, од 27 јуни до 10 јули, ќе се одржи во Културно информативен центар – Скопје. Станува збор за омаж на творештвото на македонската сликарка Ана Темкова која е препознатлива по својот интимистички сликарски израз со детали на архитектонски примери од македонски куќи, портрети, ликовни записи, пропратени со мртва природа, цвеќе, огледала, ентериери и слично. Всушност овие уметници твореа и создадоа нови дела како реинтрепретација на делото на Ана Темкова со наслов „Ентериер и огледало“ насликано во техника масло на платно и изработено во далечната 1979 година на Струмичката ликовна колонија.
Во пресрет на отворањето на изложбата Јана Манева Чупоска, која е и куратор на поставката, забележува дека „објективизација и реинтрепретација на едно ликовно дело е пристап кој се применувал во сите временски декади“. Дека многу ликовни уметници од историјата на уметност во своето творештво се инспирирале од дела на други ликовни уметници. Тоа е еден концепт кој „возобновува“ многу интересен сликарски систем создавајќи сосема нов и современ ликовен потпис, смета уметницата.
- Годинава кураторскиот проект „Фемина 8/4“, на мое големо задоволство, претставува омаж кон творештвото на нашата позната македонска сликарка Ана Темкова којашто е наше, да речам, национално ликовно богатство и којашто заслужува вакво внимание. Темкова, мораме да признаеме, во годиниве наназад малку беше заборавена од ликовната критика и од културната јавност во Македонија и ова е само еден мал почеток во кој сме собрани 15-на авторки од нашава земја, Словенија и Хрватска и којшто работиме една објективизација односно реинтепретација на едно нејзино дело „Ентериер и огледало“ изработено во далечната 1979 година, вели Манева – Чупоска.
А, Ана Темкова, пак, која ќе биде гостинка на отворањето на „Фемина 8/4“, истакнува дека најнапред многу се израдувала, а потем и се зачудила кога Јана и ја соопштила оваа идеја за изложбата. И веднаш почнала да размислува кое дело би било значајно и интересно за да го работат нејзините помлади колешки.
- И кога добро размислив ми текна дека имам една слика „Ентериер и огледало“ која во Струмица и подоцна ја имам видено и ми се чинеше дека е многу добро да се направи овој проект затоа што во неа ги има скоро сите елементи што го има и целото мое сликарство, целит мој опус за сите овие години, ќе рече Темкова.
Уметницата дополнува дека освен архитектурата која е исклучително важна за нејзиното вкупно творештво, на сликата има една соба – ентериер бидејќи таа многу сликала ентериери, тука се и сончогледите „како можеби најживиот дел, а кои во Струмица ги има толку многу“, потем пердињата што сеуште се присутни во старите куќи во градот, едно старо скршено огледало и ламба што своевремено и ја позајмила една стара бабичка.
- Овој интериер јас многу го сакам и тоа е она што јас постојано го сликав сите овие години. Затоа него го одбрав и морам да признам дека мене ми е многу мило што тој ќе им послужи како инспирација на моите колешки да создадат свои дела, заклучува Темкова.
Инаку, „Фемина“ е проект кој исклучиво се однесува на жената којашто, како што забележува Манева – Чупоска, секогаш истражува повеќе теми од различни аспекти. Од уметнички, историски, социолошки, антрополошки, историски...дискурс.
- Улогата на „Фемина“ е да ги приметува во форма на ликовен концепт различните формати на општествено живеење како жената и уметноста, дискриминација на жената, убавината на жената, жената и целото, правата на жените... Тоа е мотото на „Фемина“ која се надевам и во иднина ќе биде препознаена како уметнички концепт којшто пред се е борец за женските права и којшто секогаш има нешто плус што треба дополни и дообјасни во однос на статусот на жената.
Кон ова само уште информацијата дека по Скопје изложбата „Фемина 8/4“ ќе биде претставена во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, бидејќи делото на Ана Темкова „Ентериер и огледало“ е превземено од оваа наша институција, а со оглед на тоа дека на поставката со свои видувања учествуваат и уметници од Словенија и од Хрватска не е исклучено таа есенва да се најде пред тамошната ликовна публика.