Фокус - Дали два албански гласа вредат колку еден македонски?
На актуелизирањето на појавата на добивање „чистокрвни“ гласови и сега, пред претстојните претседателски избори, а особено видливо последниве години по античката ренесанса, како што пишува, се осврнува најновиот број на Фокус со прашањето: „Дали два албански гласа вредат колку еден македонски?“ Делењето на гласачите по национална основа добија загрижувачка траекторија и со благослов на некои партии поголема тежина се дава на гласовите на „своите“.„Некои се дури горди што, демек, Гордана Силјановска Давкова има чистокрвни гласови, само од Македонци, а безмалку како голем грев на Стево Пендаровски му се става на товар што ќе го гласаат и извесен процент Албанци. Бог да чува!“ – извикува авторката на текстот, „А за претседател на која држава ќе се тркаат? На ’чиста‘ Македонија или ќе се борат за таква!? Не, ваквиот светоглед нема врска со патриотизам, туку со најлошиот негов дериват – национализмот како идеологија“ – заклучува неделникот. Па продолжува со прашањето дали на гласачките места, покрај прскањето со спреј треба да ни удираат печат за национална припадност? Па, тие што не се од мнозинската нација да добиваат гласачко ливче во друга боја. „Секако, овие гласови би требало да имаат помала вредност, на пример, два албански гласа да вредат колку еден македонски. Тоа ли е смислата на ваквите тврдокорни рефрени!?“ – резигнирано се исчудува Фокус.
Глобус - Изборите и роковите како кладенец на желби
„Изборите и роковите како кладенец на желби за сите апетити во земјава“ – го насловува онлајн магазинот Глобус својот текст во кој анализира неколку појави што ги оценува како „уцени“ упатени до премиерот Зоран Заев. „Еднаш Владата беше уценета за да минат уставните промени и прашањето за името“ – пишува неделникот. „Во овој миг бројот на барателите е многуброен, уситнет, но и многу сложен како кај прашањето на одредување на статусот на СЈО, за што Заев има и внатрешни опоненти. Како и да е, кај уценувачите постои оценка дека ако еднаш минале уцените, тие сигурно ќе минат и по втор пат“ – наведува Глобус, па како една од уцените го наведува барањето на ИВЗ за враќање на имотот, за што авторот на текстот вели дека на моменти интонацијата на барањето е далеку од имотно-правна, бидејќи ИВЗ бара да престанат сите, како што велат, незаконски дејствија против неа и граѓаните со муслиманска вероисповед. Според неделникот, премиерот се откажа и од предвремени парламентарни избори заедно со претседателските затоа што бил изложен на внатрешен (коалициони стеги од ДУИ) и надворешен притисок бидејќи се сметало дека тоа не е добар потег непосредно пред јунското „да се биде или не“ на испитот во Брисел.
Капитал - Слаба реализиација на капиталните инвестиции
Најновиот број на Капитал ја анализира реализацијата на капиталните инвестиции со забелешка дека продолжува нивната слаба реализација. „Во првите два месеца потрошени се само 15 милиони евра од планираните“, насловува неделникот, наведувајќи дека ако во јануари властите успеале да потрошат 1,1% од предвидените пари, до крајот на вториот месец процентот пораснал само до 3,53%, па оттаму се доаѓа до сумата од само 15 милиони евра потрошени за капитални инвестиции. Капитал потсетува дека за годинава во Буџетот било планирано Владата да потроши 442 милиони евра за капитални проекти, но, вели, ако во следните месеци не се забрза реализацијата на капиталните инвестиции тоа може да се одрази врз забавување на целата економија годинава. Инаку, лошата реализација на капиталните проекти делумно се должи и на зимските услови во првите два месеца кои ги отежнаа градежните активности, а од Владата очекуваат реализацијата да забрза во следните месеци па сè до крајот на годината, бидејќи се предвидени многу проекти што ќе го заживеат градежништвото. Неделникот го цитира вицепремиерот Кочо Анѓушев кој за Капитал вели дека на Македонија ѝ е потребен реален раст со реални, а не виртуелни проекти, како на пример „Скопје 2014“ чија реализација покажала градежна експанзија, а истите бројки може да се постигната преку суштински проекти како железници, патишта, гасоводна мрежа, далекуводи... – наведува покрај другото Капитал дел од уверувањата на вицепремиерот Анѓушев.