Грчкиот премиер денеска во Скопје се среќава со двајца од македонскиот државен врв и со повеќе бизнисмени.
Алексис Ципрас, по свечениот пречек во Владата, ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, а вториот висок политичар со кој ќе се сретне е претседателот на Собранието Талат Џафери.
На агендата на Ципрас не е средба со носителот на третата висока функција- претседателот Ѓорге Иванов. Од кабинетот на Иванов за Радио Слободна Европа само кратко одговараат дека “досега во кабинетот на претседателот на Република Македонија нема пристигнато барање за таква средба”.
Претседателот и по влегувањето во сила на уставните измени официјално не го признава новото име – Република Северна Македонија, а несогласувањата најмногу излегуваат на површина со Собранието, бидејќи одбива да ги потпише законите поради употребата на новото име.
Инаку, покрај со Заев и Џафери, Ципрас кој ја предводи делегацијата во која има министри и и претставници на над 70 големи и средни компании, ќе учествува и на бизнис форум. Самиот деновиве најави дека очекува оти грчкото претприемништвото може да игра водечка улога во економскиот развој на Северна Македонија поради важниот и позитивен момент што го создаде Договорот за Преспа. Посетата е значајна и затоа што е продолжение на воспоставените односи по договорот за името, вели Зашов.
“Мислам дека оваа посета ќе биде поттик и за двете земји и за двете влади да се продолжи со реализација на договореното од Преспа”, вели Зашов.
Делегацијата, според грчките медиуми, е поддржана од грчката компанија за инвестиции и надворешната трговија Ентерпрајс Грција, а компании од енергетскиот сектор, градежништво, индустриски производи, храна и пијалоци и висока технологија веќе изразиле интерес за учество и оцениле дека постои простор за инвестиции во земјава.