Достапни линкови

Треба да се смени начинот на гласање во дијаспората?


Архивска фотографија - избори 2014.
Архивска фотографија - избори 2014.

Во иднина треба да се смени начинот на гласање во дијаспората, вели претседателот на ДИК Оливер Деркоски. Тој вели дека нема да се гласа во градовите со низок одзив зашто е финансиски неисплатливо. Упатените укажуваат дека проблем станува цензусот и очекуваат ДИК да ги анимира иселениците.

Промена на изборниот модел во дијаспората, за ова во иднина ќе се залага претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски, откако се виде дека има слаб одзив меѓу иселениците во странство за гласање на претстојните претседателски избори.

Според подaтоците што деновиве ги објави ДИК, вкупно 1836 гласачи од дијаспората се пријавиле дека ќе гласаат во дипломатско конзуларните претставништва низ светот, а нема да се гласа во 15 градови зашто имало под 10 пријавени. Како главна причина што нема да се гласа во амбасадите во кои има мининален одзив, Дерокоски ја наведува финансиската неисплатливост да се организира гласање во амбасадите, но во истовреме тој нагласи дека од повеќе причини треба да се овозможи право на глас на секој граѓанин.

„Финансиските средства кои ќе се потрошат за оваа намена се превисоки за да може да се оправда гласање на овој начин. Но, имаме еднаш дадено право на нашите сограѓани во дијаспората чиј број од ден во ден станува се поголем. Треба да размислуваме како држава да го смениме начинот на гласање, а не да го одземеме правото на глас. За наредниот изборен циклус треба да направиме напори како држава да го измениме начинот на гласање комбинирајќи повеќе начини“, изјави Деркоски кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Според податоците што ги објави претходно Државната изборна комисија ќе се гласа во вкупно 32 амбасади и во секоја од нив ќе заминат по 8 вработени од државната администрација или вкупно 256 лица.

Најголем број на пријавени за гласање се во Венеција во конзулатот, потоа во Париз и Љубљана, а дијаспората нема да гласа на претседателските избори во 15 градови меѓу кои во Софија, Анкара, Солун, Мадрид.

Во амбасадите во Пекинг, Њу Делхи, Солун, се пријавил по еден гласач, двајца се пријавиле дека ќе гласаат во Каиро, Доха и во Астана, тројца во Москва и во Тирана, шест во Анкара, Атина и во Мадрид и по седум во Софија, Подгорица и Варшава.

Деркоски вели дека еден од начините да се промени начинот на гласање е да се прошири опсегот на гласачки места во државите кои се домицилни на нашите сограѓани.

„Да се овозможи да гласаат онаму каде има поголема концентрација на наши граѓани во местото каде што живеат, а не во амбасадата или конзуларното претставништво. Исто така да се искомбинира можноста со електронско гласање, преку електронска пошта. Во тој случај би се оправдало ова гласање и трошоците затоа што во тој случај неколкукратно ќе се зголеми бројот на граѓани кои би го искористиле своето право на глас“, вели Деркоски.

Осврнувајќи се на слабиот одзив за гласање во дијаспората Александар Новаковски, поранешен претседател на ДИК, вели дека за претстојните претседателски избори предизвик за државата нема да биде изборите да поминат мирно и без регуларности, туку да се обезбеди излезност на граѓаните. Тој смета проблемот со слабиот одзив е одраз на анимирањето на луѓето во странство и укажува дека тоа е обврска на ДИК. Новаковски вели дека единствено решение е гласање по пошта и дополнува дека во современи системи на глобализација, овој модел ќе го може да го искористат многу луѓе, меѓу кои и младите кои не се тука.

„Гласањето по пошта веќе Македонија требаше да е подготвена да го спроведе. Државата треба да има евиденција на гласачкото тело во дијаспората и да им праќа покани. Во поканите се праќа и гласачкото ливче и тоа се враќа во ДИК и се пребројува. Тоа функционира во Германија. Преминуваме на други стандарди за да може да се каже дека изборите биле фер и демократски. Завршивме со фазите кога имаше нерегуларности, сега борбата е за цензусот“, вели Новаковски.

Тој коментира дека организирање на гласање во места каде има наши иселеници ќе донесе проблеми со оглед дека ќе треба да се утврди кои се тие места. Тој укажува и дека државата каде што се наоѓаат наши иселеници може да не дозволи на секое место да се организира избори . Оттука тој вели дека тоа е потешко решение, за кое се потребни меѓународни договори, а оти тоа нема да донесе поголема излезност.

На вонредните парламентарни избори во 2016 година од пријавените 20.000 лица од дијаспората, само 8.000 излегоа на гласање.

Тогаш за гласање на дијаспората се потрошија повеќе од 500 000 евра, а не беше избран ниту еден пратеник од странство поради слабиот одзив на гласањето.

Следната година се очекува пописот да даде конечна бројка на Македонците кои живеат надвор од држaвата.

Засега нема конкретна бројка и се користат бројките од Светска банка и бројките на земјите во кои живеат нашите сограѓани. Се проценува дека има од 500 до 600.000 лица од земјава во странство.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG