Достапни линкови

Суспендирање па договор за гласањето на дијаспората


Илустрација.
Илустрација.

Граѓанската асоцијација Мост препорачува гласањето во странство да се суспендира за следните избори, а потоа да се отвори широка дебата за сите негови аспекти за да се најде најсоодветно решение.

Како да им се гарантира правото на глас и да им се олесни гласањето на македонските државјани што живеат во странство, а од друга страна гласот на иселениците да вреди исто колку и на жителите на Македонија е едно од прашањата околу кое разговараат работните групи на четирите најголеми политички партии – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.

Би апелирал до сите политички партии да не се ускратува можноста не само на глас на дијаспората, туку и на нивни пратеници.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ е неприфатливо пратеник во дијаспората да се избира со неколку стотини гласови, за разлика од Македонија каде што се потребни 10 пати повеќе гласови.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, инсистира да се задржи сегашниот модел на гласање. Премиерот Никола Груевски апелира да не се намалува бројот на пратеници од дијаспората.

Доколку се прифати овој модел, ќе се елиминира и најголемиот сегашен недостаток на моделот за гласање во странство – нееднаквоста на гласот во Република Македонија и во странство, а сепак државјаните кои живеат во странство ќе можат да го остварат своето право на глас.
Теодора Поповска, Граѓанска асоцијација МОСТ.

„Дијаспората е нераскинлив дел од македонското ткиво и силен подржувач на Македонија, голем донатор на граѓаните на Македонија коишто се нивни блиски и во секој поглед таа претставува дел од нашата целина. Независно од причините поради кои се иселиле од Македонија, најголем дел од нив со душа и срце ѝ помагаат на Македонија, ги следат настаните во Македонија, придонесуваат за развојот на Македонија. Оттука, би апелирал до сите политички партии да не се ускратува можноста не само на глас на дијаспората, туку и на нивни пратеници“, рече премиерот Груевски.

Граѓанската асоцијација МОСТ, која со години ги мониторира изборите, препорачува гласањето во странство да се суспендира за следните избори, а потоа да се отвори широка дебата за сите негови аспекти, со цел изнаоѓање на најсоодветните решенија.

Заради намалување на нееднаквоста на гласот во Македонија и во странство, МОСТ посочува дека трите изборни единици во странство би можеле да се спојат во една и да се намали бројот на пратеници што се бираат во нив, или, пак, во зависност од бројот на гласови да има флексибилен број пратеници од странство. Втора варијанта е да нема посебни пратеници од дијаспората, туку гласовите на иселениците да се бројат во изборната единица во Македонија во која имаат адреса на живеење.

„Доколку се прифати овој модел, ќе се елиминира и најголемиот сегашен недостаток на моделот за гласање во странство – нееднаквоста на гласот во Република Македонија и во странство, а сепак државјаните кои живеат во странство ќе можат да го остварат своето право на глас. Дополнително, со оглед на тоа што одѕивот за гласање во странство е многу низок, како и поради фактот што овие гласови ќе бидат распоредени во 6-те изборни единици, бројот на гласови од странство не би имал големо влијание врз резултатите и изразената волја на гласачите кои гласаат во Република Македонија“, вели Теодора Поповска од Мост.

Оваа граѓанска асоцијација посочува дека би можело иселениците да гласаат и по пошта или електронски.

Обединетата македонска дијаспора во меѓувреме ги осуди сите напори кои би наштетиле или би им го одзеле правото на македонските иселеници да гласаат во трите изборни единици во дијаспората.

Гласањето на дијаспората за прв пат се воведе на парламентарните избори во 2011 година. Иселениците даваат тројца пратеници од три изборни единици – Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и Азија и Австралија. На ланските избори, пратеникот од Европа и Африка беше избран со 4.512 гласа, од Јужна и Северна Америка со 1.170 гласа, а од Азија и Австралија со 881 гласови.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG