Достапни линкови

Консензуален кандидат - алиби за моно етнички партии


Архивска фотографија - гласањето во Скопје
Архивска фотографија - гласањето во Скопје

Консензуалниот кандидат за претседател на владејачкото мнозинство се очекува да се знае утре, а од СДСМ тврдат дека сите од досега споменуваните имиња се уште во игра. Според аналитичарите тоа има и добри и лоши страни.

Сите имиња што се споменуваат во медиумите како можни кандидати за претседател од владејачката коалиција се сè уште во игра, тврдат извори од СДСМ и по средбата на партиските лидери Зоран Заев и Али Ахмети. По неа и првиот човек на ДУИ рече дека ќе има уште средби, пред да се види кој е најприфатлив за консензуален кандидат. Но, Ахмети најави и брза одлука, за в петок, кога, како што рече, ќе се знаело конкретното име.

“Не се договорени имиња, ниту едно”, категорично тврдат извори од СДСМ.

Радмила Шекеринска, Стево Пендаровски, Никола Димитров и Оливер Спасовски се четирите имиња кои најчесто се споменуваат, а и Заев претходно и Ахмети сега, нагласија дека консензуалниот кандидат ќе биде од споменуваните имиња.

За разлика од преговорите што го води СДСМ со повеќе партии за да најдат заеднички кандидат, ВМРО-ДПМНЕ ја избраа својата кандидатка Гордана Силјановска- Давкова пред речиси две недели.

Заедничкиот кандидат- можност за цензус

Консензуалниот кандидат не значи сигурна победа на избори за него, туку единствената предност е што ја зголемува можноста за цензус во вториот круг на избори, велат упатените. Имено, вообичаено кандидатите на партиите на Албанците отпаѓаат по првиот круг, па со тоа се намалува веројатноста да се достигнат потребните 40 отсто излезност во вториот, нешто што се смета дека може да биде посигурно ако се ангажираат и гласачите Албанци.

Но, според Марко Трошановски од Институтот за демократија, консензуалниот кандидат е само “алиби за задржување во живот на партиите кои застапуваат само една етничка заедница”.

“На тој начин се игнорира граѓанскиот концепт кон кој треба да се стреми државата”, вели Трошановски.

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Насер Зибери, пак, смета дека предноста на консензуалниот кандидат е во тоа што начинот на неговиот избор ќе придонел за поголем интегритет понатаму.

“Заедничкиот кандидат е продукт на повеќе анализи, договарања, отсапувања од сите учесници во преговорите. Тоа значи дека номинираниот кандидат ќе биде лице што не е само тесно партиски поврзано што значи нема да биде послушник на партиските директиви”, вели Зибери.

Спротивни чекори од концептот “едно општество за сите”

Идејата на Ахмети за консензуален кандидат за претседател е стара пет години. Тој ја промовираше и пред последните претседателски избори, кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а кога вториот претседателски мандат го доби актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов. Но, ДУИ не успеа да се договори со партијата која тогаш ја водеше Никола Груевски, а Иванов, иако не беше консензуален, го победи кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски со околу 130 000 гласа разлика.

Сега по средбата со Заев, Ахмети рече дека праксата на наоѓање консензуален кандидат треба “да стане стандард и во иднина”.

“Инсистирањето на консензуален кандидат мислам дека е спротивно на идејата и концептот едно општество за сите, а камоли тоа да биде стандард за во иднина. Во еден нов, граѓански концепт кон кој Македонија треба да се стреми да се движи ,особено по затворањето на Охридскиот рамковен договор, Законот за јазици и уставните реформи, во држававасе губи смислата да постојат етнички профилирани партии”, вели Трошановски.

Според него консензуалниот кандидат произлегува од духот на таканаречениот мајски договор, кој во 2007 година го склучија Али Ахмети и тогашниот премиер Никола Груевски, а со кој се предвидува победниците во македонскиот и во албанскиот политички кампус да ја формираат владата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG