Достапни линкови

Консензуален кандидат - СДСМ за цензус, ДУИ за фалење


Архивска фотографија- Зоран Заев и Али Ахмети на разговори за консензуален претседател
Архивска фотографија- Зоран Заев и Али Ахмети на разговори за консензуален претседател

Во СДСМ сега е во тек процесот во кој општинските организации предлагат свои кандидати за шеф на државата. Покрај внатрепартиските случувања продолжуваат и преговорите со другите партии за консензуален кандидат, а името би требало да се знае непосредно пред конгресот в недела.

На четири дена пред конгресот на СДСМ, на кој официјално треба да се промовира нивниот кандидат за шеф на државата, бројката на самокандидирани останува четири. Пријави за претседател на огласот на партијата пратиле Тони Петровски, Божидар Ночев, Ѓорѓи Филипов и Игор Поп Трајков.

Во меѓувреме и општинските организации на партијата, кои имаат право да кандидираат свои фаворити испраќаат предлози. Општинската организација од Куманово веќе објави дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е нивниот кандидат за претседател.

“Сите општински организации имаат предлози, некои и по повеќе од еден”, велат од СДСМ не откривајќи кој се стигнал како предлог.

Сепак и покрај подолгиот список имиња, првата тура разговори со коалициските партнери за консензуален кандидат не го донесе конкретното име, па извори од партијата прогнозираат дека тоа би можело да се знае непосредно пред закажаниот конгрес за в недела. Сега се во тек консултациите со ДУИ, па потоа, ако се договорат за конкретно име, ќе се направи и поширок круг консултации со другите партнери, вели истиот извор.

Неофицијално остануваат да се споменуваат истите имиња како можни кандидати. Покрај Спасовски кого го кандидираа од Куманово, се споменуваат и министрите Радмила Шекеринска, Никола Димитров и координаторот за НАТО Стево Пендаровски.

Но и покрај јавните несогласувања меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ за процедурата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, и премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети се оптимисти за наоѓање на заеднички консензуален кандидат за претседател.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири во коалицијата меѓу тие две партии има меѓусебна недоверба уште од формирањето. Сепак, додава тој, двете страни имаат интерес за заеднички кандидат- СДСМ со тоа ќе биде посигурна во цензусот во вториот круг, во случај ВМРО-ДПМНЕ да оствари лош резултат и да одлучи да го бојкотира гласањето, вели Незири, кој додава дека и ДУИ со заедничкиот кандидат ќе има со што да се пофали пред своите гласачи.

“На СДСМ и се потребни гласовите на ДУИ и на другите партии, а интересот на ДУИ е да прикаже пред албанскиот електорат дека за првпат имаат заеднички претседателски кандидат со македонска партија”, вели Незири.

Според него, антагонизмот и несогласувањата меѓу двете партии ќе траат и понатаму за други теми се до нови парламентарни избори, а ќе продолжи и истата недоверба меѓу страните. Инаку, Ахмети почна со инсистирањето за консензуален кандидат од претходните претседателски избори кога беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но тие одбија и го кандидираа актуелниот претседател Ѓорге Иванов за втор мандат.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG