Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов е единствениот кандидат кој се пријавил на партискиот оглас за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз, потврдуваат од владејачката партија. Огласот заврши вчера. Неофицијално на внатрепартиските анкети највисоки рејтинзи покажуваат министерот за надворешни работи Никола Димитров и националниот координатор на НАТО, Стево Пендаровски, кои се пред министрите Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски.
Конкурсите на партиите за претседател домашните аналитичари ги гледаат како чекор кон демократизација во изборот на своите кандидати, кои, како што велат, се прават како резултат на притисокот од меѓународната јавност.
„Огласите се козметички чекори. Тие во моментот постојат само за луѓе надвор од партијата, додека општинските комитети независно кандидираат свои кандидати внатре низ партиските канали. Огласите кои се појавуваат во јавноста се повеќе обид да се покаже дека партиите се движат во правецот кој го бара јавноста, одошто суштински демократизација на процесите внатре“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
И политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека конкурсите се добар чекор, иако, како што додава, политичките партии знаат од се да направат фарса.
„Во сите наши политички активности има по малку фарса, но верувам дека овојпат личноста која ќе ги бара гласовите од сите, ќе мора да исполнува одредени услови“, вели Муслиу.
Во меѓувреме, продолжуваат консултациите за можен заеднички кандидат меѓу партиските органи на СДСМ и ДУИ. Откако се сретна со Мендух Тачи и Африм Гаши, премиерот Зоран Заев најави средби и со опозициските Алијанса за Албанците на Зијадин Села и со Беса на Билал Касами.
Арсовски не исклучува дека интеретнички кандидат би поминал добро на претстојните избори.
„За среќа, во македонскиот политички развој таа бариера меѓу македонските и албанските гласови веќе не е толку силна како порано. Тоа почна со масовно гласање на Македонци за Имер Селмани во 2016 и сега продолжи со гласање на Албанците за СДСМ. Така што, ако кандидатот и платформата се пристојни и ако зад него има визија и идеја не мислам дека ќе има проблем да помине добро и кај Македонците и Албанците“, прогнозира Арсовски.
И според Муслиу, атмосферата во општеството е сменета и сосема е веројатно дека дури и Албанец како заеднички кандидат би добил поддршка од македонските гласачи.
„Македонија влегува во фаза каде што вакви прашања сериозно ќе најдат позитивен одговор. Дали е моментот сега, тоа не го знам, но верувам дека во тој правец се движиме. Секако, можниот кандидат ќе треба да биде усогласен не само како личност, туку и како карактеристики на личноста. Нема да зависи само од тоа кој ќе го номинира, туку и каква личност е“, вели Муслиу.
И двајцата наши соговорници се согласуваат дека сепак, Македонец како консензуален кандидат, би имал предност во однос на Албанец како заеднички претседателски кандидат кај целокупното гласачко тело.