ВМРО-ДПМНЕ на денешната конвенција која се одржува во Струга ќе го избере кандидатот за претстојните претседателски избори. На огласот на партијата се пријавија девет кандидати, а за изборот ќе одлучуваат 551 делегат.
За фаворити во јавноста се посочуваат имињата на професорката од Правниот факултет Гордана Сиљановска-Давкова и пратеникот и правник Влатко Ѓорчев. До ВМРО-ДПМНЕ стигнале и пријавите на професорот на Природно математичкиот факултет Никита Шекутковски, машинскиот инженер Ѓорѓи Манасков, фармацевтски техничар Васко Костов, професорот во пензија Илија Димовски, поранешниот директор на Архивот на Македонија Филип Петровски, поранешниот градоначалник на Виница и актуелен извршен директор на депонијата Дрисла Горан Ангелов и докторот по земјоделски науки Сашо Кутлешовски.
Секој кандидат одделно ќе има свое обраќање пред делегатите. За избран кандидат, според деловникот на партијата, се смета оној кој добил најмногу гласови, но не помалку од една третина од вкупниот број делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број или кандидатите добијат ист број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати, кои добиле најмногу гласови на првото гласање. За избран во тој случај ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови на повтореното гласање.
Од СДСМ денеска соопштија дека конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ е најобична фарса.
„Антизападниот Христијан Мицкоски сам го одбира неговиот кандидат или кандидатка. Денеска е само официјализацијата“, се наведува во соопштението на партијата.
Тоа, како што посочуваат од партијата, го потврдуваат и информациите објавени во дел од медиумите блиски до опозицијата, според кои, на конвенцијата е преполовен бројот на делегати кои се избрани лично од Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ се обидува да го копира начинот на избор на кандидат на партијата, но тоа, како што наведуваат во соопштението, го прават безуспешно.
ВМРО-ДПМНЕ повикот за кандидат за претседател го објави на четврти јануари, а рокот за пријавување заврши на крајот на минатиот месец. СДСМ кандидатот за претседател на Македонија ќе го утврди на трети март на партискиот конгрес.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ги распиша претседателските избори. Првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на петти мај.