По одлуката на Социјалдемократскиот Сојуз да нема предвремени избори, опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку својот лидер Христијан Мицкоски реагираше потенцирајќи дека со тоа “премиерот Зоран Заев и СДСМ бегаат од избори во страв да се соочат со волјата на народот”. Ставот на Демократската Унија за интеграција е познат од порано, а тоа е дека предвремени не треба да има бидејќи “Македонија има поважна агенда особено сега по затворање на важни прашања како преспанскиот, охридскиот и договорот со Бугарија”.
Но, што значи и какви предизвици всушност носи одлуката на СДСМ да се одржат само претседателски избори? Домашните аналитичари не ја исклучуваат можноста дека само претседателски избори би можеле да го загрозат процесот, особено во вториот изборен круг.
“Јас не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ би ги бојкотирало изборите во првиот изборен круг имајќи предвид дека нив им е потребно да го консолидираат гласачко тело околу себе затоа што новото раководство таму ќе ја базира својата моќ. Но имајте предвид дека ако ,според сите анкети, ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг влезе со пораз на нивниот кандидат, така што опасноста од бојкот во вториот круг не треба да се исклучи имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ нема што да добие учествувајќи на такви избори во вториот круг,” вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Сличен став има и аналитичарот Насер Зибери.
“Опасноста за вториот круг од претседателски избори е реална бидејќи може да се случи ВМРО-ДПМНЕ доколку нема позитивен резултат на првиот круг да има алиби за бојкот на вториот круг и со тоа да предизвикаат криза која би го принудило парламентарното мнозинство да распише парламентарни и повторно претседателски избори”, вели аналитичарот Насер Зибери.
Во меѓувреме, Извршниот одбор на СДСМ синоќа го овластил претседателот на партијата, како и генералниот и организациониот секретар да извршат консултации со коалициските партнери и со други парламентарни и вонпарламентарни партии за да дојдат до консензуален кандидат за претседател на државата, нешто што веќе претходно го најави и премиерот Заев.
Арсовски вели дека консензуалниот кандидат ќе значи зголемена предност и водство на истиот во однос на кандидатот на опозицијата, а тоа пак само ќе ја засили тенденцијата на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот во вториот круг.
“Консензуалниот кандидат го сметам за некаков чекор на предизборна коалиција, кој понатаму може да се случи и на други предвремени парламентарни избори, да настапат една албанска и македонска партија со една листа. Во таа смисла претседателот е подобар ако има поголема поддршка, тогаш има поголем легитимитет. Ако уште пак може да се направи да е над етничките линии, тоа е уште подобро за стабилноста на државата”, изјави Арсовски.
И Зибери вели дека заедничкиот кандидат би имал поголема поддршка и би бил фаворит на гласачкото мнозинство.
“Таков кандидат би бил продукт на сериозни дебати и анализи меѓу политичките чинители и би бил едно решение кое е поприфатливо, помалку партиско, и една шанса за Македонија да добие претседател кој ќе се грижи за интересите на граѓаните, ќе го почитува Уставот, а со тоа ќе се зголемат и шансите да оди побрзо кон евроатланските интеграции”, заклучува Зибери.