Достапни линкови

СДСМ одлучува за предвремени избори


Архивска фотографија- седиштето на СДСМ
Архивска фотографија- седиштето на СДСМ

Дали во Македонија ќе се одржат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските е можно да стане појасно вечерва по седницата на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ.

Во владејачката партија вечерва на партиските органи ќе се разговара за две прашања - процедурата за избор на нивниот кандидат за претседател на државата и можноста заедно со претседателските да има предвремени парламентарни избори.

Извори од партијата велат дека вечерва на Извршниот и на Централниот одбор ќе се отвори дебатата за предвремени избори, а оти можно ама и не мора да има конечен заклучок. ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во април, а мислењата во СДСМ остануваат поделени. Дел од партиските кадри сметаат дека предвремените избори се решение, други, пак, дека со тоа ќе се изгуби време за европската агенда на земјава.

Но, истите извори од СДСМ додаваат дека извесно е дека на партиските состаноци ќе почне процедурата за избор на нивниот кандидат за претседател на државата.

Според статутот на СДСМ, процедурата подразбира кандидатите да се пријават во партијата дека се заинтересирани, па потоа се утврдуваат нивните кандидатури на партиските органи. И тие ќе имаат конгрес на кој ќе го промовираат својот кандидат.

Засега во јавноста се шпекулира со повеќе имиња на можни кандидати од СДСМ. Вицепремиерите Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски се најчесто споменуваните имиња за можни кандидати. Од владејачката партија прават испитувања на јавното мислење за да го видат расположението и на други кандидати, но официјално не зборуваат за ниту еден конкретно име.

Димитров деновиве не ја исклучи можноста да се кандидира за таа функција, но рече дека сега е момент кога фокусот треба да се стави на профилот на идниот претседател, кој и е потребен на државата.

Во меѓувреме во јавноста излегоа и имиња на наводни кандидати од ДУИ- владиниот коалициски партнер на СДСМ, кои инсистираат на консензуален кандидат за претседател. Лазар Еленовски, професорите Владо Поповски и Денко Малески се наводно прифатливи имиња за нив. Малески вчера рече декане е претседателски кандидат и дека бара неговото име да не се употребува во контекст на претстојните претседателски избори.

Извори од партијата на Али Ахмети велат се уште не разговарале за конкретни имиња, но дека споменатите биле зборувани уште од минатите претседателски избори, кога ДУИ исто така бараше консензуален кандидат.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, е единствената партија чиј кандидат за претседател јавно се знае. Пратеникот Владимир Ѓорчев деновиве објави дека се кандидира на партискиот конкурс за нивни кандидат за шеф на државата, но не е извесно дека и тој ќе биде. Конкурсот се уште е во тек, пред него се пријавил уште еден кандидат, но неговото име не е соопштено.

Се шпекулира дека можни кандидати на опозициската партија би биле и професорите Татјана Каракамишева, Саво Климовски и Трајко Славески, но досега никој од нив јавно не ја потврдил кандидатурата. Делегатите конечниот збор ќе го имаат на конгресот во Струга што ќе се одржи на 16 февруари.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG