Владејачката партија е поделена во однос на можноста да има предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, а опозициската продолжува да инсистира тие да се одржат на пролет. Работите се очекува да станат појасни деновиве. Како што брифираат извори од СДСМ викендов или најдоцна до крајот на месецов партијата би требало да донесе одлука за можноста заедно со претседателските избори во март да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Постои расположение кај главните политички фактори, особено од македонскиот блок за предвремени парламентарни избори, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.
“Начинот на кој се развива дебатата и според изјавите на политичарите, мислам дека се оди во насока на одржување предвремени избори, но мислам дека од аспект на тоа што и е потребно на земјата и што е државен приоритет и интерес, мислам дека не треба да се одржат сега, туку да бидам одложени барем до добивањето на датум за почеток на преговорите за зачленување во ЕУ”, вели Трошановски.
И претставниците на меѓународната заедница, како на пример, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан бараат воздржување од таквите идеи и посветување на реформите потребни за напредок кон Европската унија. Дополнително и владиниот коалициски партнер ДУИ е против предвремени избори.
“Јас мислам дека се ќе зависи од тоа каков фидбек ќе имаат партиите на власт од меѓународниот фактор. Значи, сепак, тие на некој начин ќе ја одредат агендата во периодот што следи”, вели политичкиот аналитичар Џељаљ Незири.
Еден од аргументите, пак, зошто треба да се одржат предвремени парламентарни е тешкотијата да се достигне цензусот од 40 отсто неопходни за да се избере претседател ако изборите се само за шеф на државата.
Според Незири, ако ВМРО-ДПМНЕ се одлучи на бојкот на претседателските избори, ако нема и парламентарни со нив, тогаш би се повторила истата излезност како и на референдумот, односно под 40 отсто, со што не би бил исполнет цензусот. Трошановски, пак, вели дека тоа не треба да биде оправдување за постојано да се спроведуваат нови избори, нагласувајќи дека досега партиите го злоупотребуваа како оправдување.
“Тоа значи дека ако цензусот е премногу висок и недостижен би требало да биде сменет или пак да се размисли за начинот на избор на претседател”, вели Трошановски.
Инаку, последни претседателски избори без со нив да има предвремени парламентарни или локални се одржаа пред 15 години кога Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев. Тогаш излезноста беше 53,6 отсто. Потоа цензусот беше намален на 40 отсто, па на изборите во 2009 година кои се одржаа заедно со локалните и Ѓорге Иванов го победи Љубомир Фрчкоски, а одзивот беше 42,61,малку над потребниот минимум. Во 2014 година претседателските избори беа заедно со предвремени парламентарни, а одзивот тогаш беше околу 54 отсто.