Достапни линкови

Кумановска мрежа за лажни вести - Бизнис или политика?


Сторијата за кумановската мрежа на сајтот Њузкечер
Сторијата за кумановската мрежа на сајтот Њузкечер

Кумановската мрежа за лажни вести била многу посилна од велешката за време на американските избори во 2016 година. Според експертите, лажните вести вообичаено се дел од модерната хибридна војна, но при тоа мора да има директна политичка врска, а не само профит

Велешаните кои правеа лажни вести за време на кампањата за претседателските избори во САД во 2016 година се тинејџерска работа во однос на кумановската мрежа што ја откриле белгискиот ловец на лажни вести Мартен Схенк и холандскиот сајт Њузкечерс. Велешаните воопшто не биле во центарот на создавањето лажни вести во корист на тогашниот кандидат, а сега претседател Доналд Трамп, туку екипата на професионалниот војник на АРМ Слаѓан Цаго Бојковски. Белгиецот го исконтактирал Бојковски пред да го објави истражувањето. Тој прво негирал, но потоа рекол дека „сите во Македонија тоа го прават“. Бојковски не одговори на прашањата што му ги испрати Радио Слободна Европа.

Лажните вести се во фокусот на истражувањата во светот последните две години, бидејќи како што велат аналитичарите, тие во голема мера влијаат на јавното мислење, на креирањето политики и се дел од модерната хибридна војна меѓу Западот и Русија.

Лажните вести се дел од хибридната војна

Дали мрежата на Бојковски е создадена со цел само за заработка или има и политика во позадина, нема одговор. Белгиецот кој ја откри мрежата вели оти не верува дека Русија стои зад сето ова, но дека ја искористила ситуацијата во своја полза. Но, како и да е, како што велат експертите, лажните вести ги оствариле и двете цели - и политика и профит.

​„Вакви дејности главно се реализираат преку компјутерски ботови, но и директно од човечки фактор. Кога во вакви дејства се вклучени индивидуи не може да се занемарат и нивните бизнис интереси. Но, без конкретни докази не можеме ништо да тврдиме. Во секој случај лажните вести имаат силно влијание врз креирањето на јавното мислење, особено кога секојдневно сме во допир со нив, а при тоа, како што покажа нашето најново истражување, многу млади не се доволно медиумски писмени и немаат алатки за рано препознавање лажни вести“, вели Илија Џугуманов од Евро-атлантскиот совет на Македонија.

Експертите велат дека лажните вести можат да бидат дел од модерната хибридна војна која последните години Русија ја води против Западот, бидејќи авторите на лажните вести можеби ги прават заради профит, но некој друг ги користи за политички цели. Џугуманов вели дека мора да постои директна врска.

„Пласирањето дезинформации секако е дел од хибридна војна ако тој што ги креира и пласира е во директна врска со руските интереси. Но за тоа требаат цврсти докази. Можеби тоа ќе се провери ако има истрага“, вели Џугуманов.

Од голотија до говор на омраза

Истражувањата на белгискиот ловец на лажни вести Схенк откриваат дека мрежата на Бојковски години на назад прави лажни вести на интернет. Почнале со еротски содржини, но тоа не носело профит па се свртеле кон стории против муслиманите, теории на заговор и педофилија, а се во полза на Доналд Трамп, објаснува Схенк. Со една лажна вест заработувале околу сто евра дневно.

Македонската мрежа е откриена со помош на софтверот на Схенк наречен „Trendolizer“, кој открива кои вести станале вирални, за потоа да ја провери нивната вистинитост преку неговиот вебсајт „Leadstories“.

Деталната проверка покажала дека војникот од Куманово, како што вели Схенк, создал цела мрежа од сајтови за лажни вести, лажни профили на Фејсбук и другите социјалните мрежи, ширејќи ги лажните вести до милиони луѓе, најмногу во САД.

Семеен и пријателски бизнис

Според Схенк, македонската мрежа била и семеен бизнис. Со Бојковски работела и неговата сопруга, Наташа, но и негови пријатели од Куманово. Белгиецот открил десетици профили кои ги споделувале истите лажни вести на интернет во исто време - Џесика, Ема, Моли, Џони и повеќето од нив се сега веќе суспендирани. Суспендирани се и вебсајтовите на кои се објавувале лажните вести, како тапаинфо.ком или твртинфо.ком. Фотографиите употребени на профилите биле најчесто од балкански ѕвезди како Станија Доброевиќ или Викторија Лоба.

Сајтови, профили, твитерџии...

Слаѓан Бојковски на Твитер го користел својот прекар „Цаго“, со локација во Чикаго, и објавувал „микс на лажни и автентични вести“ објаснува Схенк. Овој налог во меѓувреме е суспендиран од Твитер.

Кумановските пријатели на Цаго имале вебсајт наречен unisharenews.com, чии линкови се објавувале на Фејсбук страници во поддршка на Доналд Трамп. Во истражувањето на Схенк стои и дека дел од оваа мрежа бил и еден македонски полициски инспектор, кој на Белгиецот му рекол дека повеќе не работи за полицијата.

Схенк истакнува дека најголем дел од овој бизнис бил префрлен на Твитер, бидејќи Фејсбук го суспендирал. Таму Схенк успеал да разоткрие 450 лажни женски Твитер налози со десетици илјади следачи, по што и од таму следела суспензија.

XS
SM
MD
LG