Достапни линкови

Жбогар – Не очекувам пречки на вашиот пат кон ЕУ


Оптимизам дека Преспанскиот договор ќе помине и во Грција
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:11 0:00

Оптимизам дека Преспанскиот договор ќе помине и во Грција

Што доколку во Грција не помине Преспанскиот договор и дали и ЕУ ќе се држи до ветеното за отворање на преговорите со Македонија во јуни доколку Македонија испорача реформи се дел од темите во неделното интервју со евроамбасадорот Самуел Жбогар за Радио Слободна Европа.

Господине Жбогар, македонските обврски во врска со Преспанскиот договор се исполнети? Што доколку во Грција не помине Преспанскиот договор?

Прво морам да кажам дека за да се постигне договорот од Преспа беа потребни решителност, посветеност и лидерство од двете страни. И тоа го видовме со потпишувањето, преку процесот на ратификација во Собранието, а јас сум оптимист дека тоа ќе го видиме и во Грчкиот парламент многу брзо. Останувам оптимист и гледам посветеност кај двете страни целосно да го спроведат договорот.

Значи не очекувате проблеми во однос на ратификацијата на договорот од страна на грчките пратеници?

Она што го гледам е посветеност кај грчкиот премиер да го спроведе договорот во грчкиот парламент. И јас верувам на неговата посветеност и решителност. И мислам дека треба да останеме оптимисти и да се фокусираме на позитивен развој.

Дали и ЕУ ќе се држи до ветеното за отворање на преговорите со Македонија во јуни?

Како што кажав, Договорот од Преспа е вистинско достигнување. Беше тежок, болен процес, но нашите лидери во Европа, земјите-членки на Унијата го препознаа тоа. Тие го ценат договорот и тоа што тој значи за двете земји, за регионот. Тие ги пофалија лидерите на двете земји за овој договор и прилично сум сигурен дека ќе го имаат тоа предвид кога во јуни ќе решаваат за отворање на преговори. Како и да е, треба да се потсетиме дека кога лани зборувавме за преговори, министрите зборуваа за прашањето за името, неговото решавање, но и реформите кои треба да продолжат и да се продлабочат, пред да се отворат преговорите. Затоа мислам дека министрите ќе оценуваат колку длабоко реформите беа спроведени во изминатиот период.

Што доколку Македонија не испорача резултати до јуни кога треба да заседава Советот на Европската унија? Што ќе значи тоа за нашата евроатланска иднина?

Генерално, јас размислувам оптимистички, позитивно и размислувам на позитивни решенија. Не мислам дека треба да размислуваме за негативни сценарија, туку треба да ја фокусираме целата енергија на исполнување на реформите. Знаете, да се постигне Преспанскиот договор, да се ратификува, да се смени Уставот, тоа бара многу посветеност, решителност, сила и самодоверба како нација. Само треба да го искористите истото во спроведување на реформите. Ако ја видиме истата искрена посветеност кај реформите, не мислам дека треба да се грижите за тоа што ќе се случи во јуни.

Македонија сега треба да испорача резултати во реформите. Големо незадоволство од реформите во правосудството изрази и господинот Прибе, меѓу другото и затоа што нема промени на судиите кои се сметаа за кочничари на судските реформи. Каква е вашата оценка за сработеното во овој сектор?

Мислам дека доста се направи во судството, реформите продолжуваат, многу закони се сменија, многу препораки од Венецијанската комисија и од страна на Европската комисија беа интегрирани во законите, па во таа смисла мислам дека имаше напредок и треба да бидеме задоволни со тоа. Она што господинот Прибе го кажа е дека има потреба од промена на однесувањето, на менталитетот, а тоа се разбира е потешко да се смени отколку да се сменат законите. Треба време, но примарно треба вистинска посветеност од политичарите и судството. Допрва треба да ги видиме вистинските промени во судството. А вистинските промени би значеле дека судството е целосно независно, отпорно на влијанија од политиката, дека е имуно на самоцензура, дека е професионално, ефикасно, искрено, дека има доверба кај граѓаните, а тоа допрва треба да се постигне, се работи за процес, но со вистинска посветеност и решителност од страна на политичарите и пред се од самото судството, мислам дека е достижно.

Големо незадоволство во јавноста предизвикаа амнестиите кај голем дел од обвинетите за 27 април. Како вие гледате на овој процес кој власта го оцени како помирување, а јавноста го доживеа како уште една повреда на правниот систем?

Да, ние ја разбираме загриженоста којашто постои во јавноста околу амнестиите. Исто така инсистираме дека мора да се понесе одговорност за настаните од 27 април и затоа секогаш инсистираме дека за тие кои направиле насилства и кои ги организирале треба да продолжат процесите за нив и тие ќе продолжат, значи во одреден момент, ќе се понесе одговорност за овие настани во судски процес. Во исто време ја разбираме и потребата за помирување во општеството, постои огромна поларизација во општеството, во политиката најпрво, но се рашири и во општеството, значи има потреба од помирување и таа почна со амнестија за настаните од 27 април. Не треба да запре таму, мислам дека вакви активности и напори за помирување, треба да продолжат. Но, разбирате дека ова беше многу чувствителен момент неодамна и имаше потреба да се почне од некаде и почна токму од амнестија за оние кои учествувале, а не биле насилни на тој настан од 27 април.

Законот за употребата на јазиците ја разбранува јавноста околу начинот на носењето, односно без потпис на Претседателот Иванов и предизвиците на етнички план? Како ЕУ гледа на ова?

Мислиме дека Уставот и законите се многу јасни во однос на надлежностите на властите кои се однесуваат на усвојување, објавување, прогласување на законите. Не е до нас да оценуваме. Мислам дека Уставниот суд е единствениот кој може да оцени како Уставот се спроведува или дали правилно се спроведува. Но, колку што разбрав, било прилично важно што побрзо да се прогласи законот за ратификација на Преспанскиот договор, за да може грчкиот парламент да го ратификува и подоцна исто така грчкиот парламент да може да го ратификува и протоколот за пристап во НАТО. Па во таа смисла можам да го разберам брзањето за објавување на законот за ратификација на Преспанскиот договор.

Во меѓувреме, опозицијата во земјава побара предвремени избори заедно со претседателските. Доколку дојде до нив, како тие би се одразиле на евроатлантскиот процес на земјава?

Одлуката за парламентарни избори е суверена одлука на државата, на партиите, на пратениците во парламентот, тие се оние кои треба да одлучат и ние не треба да влијаеме на тоа. Во исто време треба да сме свесни дека има одредени реформи коишто треба да се имплементираат во следните месеци и тоа треба добро да се пресмета. Дали ќе има доволно време за двата процеса или како двата процеса ќе си влијаат меѓусебно. Како што кажавме и претходно, многу е важно до јуни да се демонстрира пред земјите членки дека има промена во земјата во однос на реформите, но прашањето за предвремени избори го оставаме на политичките партии и пратениците, тие да одлучат.

Сега кога Грција веќе не би требало да биде пречка за нашето интегрирање во ЕУ, дали се можни други пречки од страна на некои други земји кои се противат на процесот на проширување на ЕУ?

Кажав и на почетокот дека сум прилично сигурен дека сите земји-членки го ценат големиот чекор кој беше направен во вашиот однос со Грција и претворањето на вашиот сосед во пријател и партнер. Прилично сум сигурен дека тоа ќе се земе предвид во јуни. Сите земји членки го поддржуваат проширувањето, тоа го покажаа и лани на Самитот во Софија и декларацијата во која беше повторена европската иднина за целиот регион. Секако, одредена резервираност која постои кај некои од земјите членки е моментот кога се движиме кон следниот чекор, тоа е дали земјата-кандидат е вистински подготвена за тој чекор. И токму тука вие треба да покажете во јуни дека сте подготвени, дека сте покажале изминатата година дека сте ги спровеле реформите и дека сте ги направиле потребните промени кои сите сакаат да ги видат. И тогаш мислам дека земјите членки ќе имаат лесна одлука.

Што се очекува во ЕУ по отфрлањето на договорот за Брегзит од страна на Британскиот парламент?

Како што веќе кажавме кога се случи Брегзитот, навистина жалиме за одлуката на граѓаните на Велика Британија да ја напуштат Унијата, но исто така ја почитуваме. Преку преговори во изминатите две години постигнавме договор за кој веруваме дека е најдобриот за излегување на Велика Британија од Унијата според процедурите и правилата. 27 лидери на ЕУ го поддржаа договорот, но за жал тој не доби сега поддршка во парламентот и жалиме за тоа. Затоа ќе почекаме премиерката Меј да ни каже што планираат да прават, секако ЕУ ги почна подготовките за излегувањето на Велика Британија на крајот на март, но секако има различни опции кои не се работа на ЕУ да ги предложат, туку ќе чекаме Британија да ги предложи и тогаш нашите лидери ќе дискутираат и ќе се консултираат за тоа. Мислам дека тоа нема да влијае на функционирањето на ЕУ, до крајот на март таа ќе функционира со формат од 28 земји членки, а потоа ќе видиме што ќе следува.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG