Достапни линкови

По Преспа, реформи за почеток на преговори со ЕУ


Македонија во НАТО и ЕУ, илустрација
Македонија во НАТО и ЕУ, илустрација

На Европскиот Совет во јуни, министрите ќе оценуваат како се спроведени реформите во изминатиот период, вели евроамбасадорот Самуел Жбогар. И домашните аналитичари потсетуваат дека со договорот од Преспа e отстранета само една од пречките за влез во европското семејство

Ако ја видиме истата посветеност која ја покажавте со постигнувањето на договорот од Преспа и кај спроведувањето на реформите, тогаш не треба да се грижите за тоа што ќе се случи на Европскиот совет во јуни, порачува амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар во неделното интервју за радио Слободна Европа.

“Договорот од Преспа е вистинско достигнување. Беше тежок, болен процес, но нашите лидери во Европа, земјите членки на Унијата го препознаа тоа. Тие го ценат договорот и тоа што тој значи за двете земји, за регионот. Тие ги пофалија лидерите на двете земји за овој договор и прилично сум сигурен дека ќе го имаат тоа предвид кога во јуни ќе решаваат за отворање на преговори. Како и да е треба да се потсетиме дека кога лани зборувавме за преговори, министрите зборуваа за прашањето за името, неговото решавање, но и реформите кои треба да продолжат и да се продлабочат, пред да се отворат преговорите. Затоа мислам дека министрите ќе оценуваат колку длабоко реформите беа спроведени во изминатиот период”, вели евроамбасадорот Жбогар во интервјуто.

Жбогар порачува дека во следниот период Македонија треба да ја фокусира целата енергија на исполнување на реформите и токму тука да покаже посветеност, решителност, сила и самодоверба.

Потсетувајќи се на заклучоците од јунскиот совет претходната година, директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска вели дека лидерите на земјите членки јасно побарале од Македонија да покаже резултати во владеењето на правото, борбата против корупцијата како и реформата на безбедносните служби.

“Доколку е се во ред со Грција, набрзо ќе утврдиме, тоа ќе значи дека договорот ќе започне да се имплементира. Но, паралелно со отстранувањето на оваа голема пречка, потребно е да се покаже дека во трите области за владеење на правото, РМ испорачала доволно, за да може да ги убеди скептичните земји членки, тука мислам пред се на Франција и Холандија,” вели Кацарска.

Таа додава дека годинава е особено значајна и за ЕУ, алудирајќи на изборите во Европскиот парламент кои треба да се одржат во мај. Тоа вели Кацарска, би можело да го одложи објавувањето на европскиот извештај со пакетот за проширување, бидејќи за одлуката на Советот потребно е претходно Комисијата да направи проценка за конкретните реформи.

Упатените апелираат надлежните да ја сработат својата домашна задача во делот на реформите, независно од тоа дали е возможно тоа да се случи во јуни или нешто подоцна. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи неодамна изјави дека овие месеци се клучни за реформската агенда до донесувањето на одлуката за започнување на преговорите и побара од политичарите да ги остават на страна своите агенди и да се вклопи во државната агенда. И тој потврди дека во однос на европскиот извештајот кој Македонија го очекува можно е да има делумно одложување поради изборите во Европскиот Парламент во мај.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG