Достапни линкови

Пожарите ги проголтаа човечката свесност и одговорност


Во овој момент на територијата на земјата активни се два пожари, едниот во националниот парк Јасен, вториот во општината Чашка. Одговорните велат дека ситуацијата е под контрола, но апелираат до граѓаните кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови.

Човечкиот фактор и сушниот период се главните причини поради кои деновиве зачестија полските и шумските пожари ширум земјава, иако календарски не е вообичаено да се случуваат пожари во овој период од годината. Стручните лица објаснуваат дека најголемиот дел од пожарите се предизвикани од човечко невнимание и без да се размисли на последиците.

“Пожарите на отворен простор најчесто се предизвикани од сопствениците на ниви кои го собираат ѓубрето од целата година, бидејќи се подготвуваат за пролетна сеидба, нив им е најлесно да го запалат ѓубрето и да си отидат. А дали тоа ќе предизвика поголема опасност, поголем пожар или загрозување на животот на луѓето кои се во близина на објектот, не се размислува”, објаснува Владимир Симоновски, командант на Противпожарната Бригада на град Скопје.

Симоновски потсетува дека за неполни два месеци има три жртви од вакви слични ситуации. Сепак, не се исклучува дека некои од пожарите биле и намерно запалени. Дека несвесноста на некои граѓани оди до крајност, сведочи следнава ситуација која ни ја раскажа Симоновски:

“Пред две до три недели имаше пожар меѓу Нерези и Панталејмон, исто така од отворен тип пожар, имаше запалена површина, дојдовме на местото, имаше четворица луѓе, си пушат цигара, си стојат покрај него го гледаат, и викаат да, ние го запаливме, па што сте доаѓале, ние го контролираме”, раскажува Симоновски.

Командантот Симоновски вели дека има потреба од таканаречена комунална инспекција, односно повеќе комунални редари кои би ја следеле ситуацијата на терен и би интервенирале навремено, а сторителите би биле веднаш фатени и казнети.

“Алармантна е состојбата во смисла дека не можеме да постигнеме ние да имаме шест отворени пожари во еден ден, на шест различни локации во градот Скопје. Четири пати депонија во Визбегово гасиме, и пак депонија и пак истата проблематика. Во неделата имавме запалување на Вардариште цело, со гуми, со пластики, со отпад. И како сега ние да ја разбудиме совеста кај граѓаните и да им кажеме дека тоа не треба да го прават тоа?”, прашува Симоновски.

Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека будно ја следат ситуацијата со пожарите во државава и реагираааат онаму каде што е потребно, во интерес на граѓаните и животната средина.

“Годинава сезоната на шумски пожари ни подрани, поради тоа што самите луѓе ги палат стрништата, расчистуваат гранки, а тоа што ќе го запалат, веќе не можат да го контролираат, а со тоа губиме огромно шумско богатство. Дирекцијата има капацитет да одговори на пожарите, покрај тимови за брз одговор, имаме и авиони, но сепак апелирам до локалните самоуправи кога ќе побараат помош од нас, мора најпрво да ја запазат постапката, најпрво тие да излезат на терен со нивните ресурси, а дури подоцна се вклучуваат екипите на Дирекцијата, како што впрочем е пропишано со законот за заштита и спасување”, вели Ивица Наумовски од секторот за логистика на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во моментот, активни се два пожари. Едниот е во Националниот парк Јасен, кај селото Луковица, каде што гори нискостеблеста шума, а вториот е во општината Чашка, село Морани каде што исто така гори нискостеблеста шума.

Од Дирекцијата за заштита и спасување упатуваат апел и предупредување до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови. Апелот посебно се однесува на земјоделците кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите, а исто така се советуваат граѓаните да не фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња. Доколку забележат пожар на отворен простор граѓанска должност на секој граѓанин е најбрзо што може да го пријави во надлежните институции.

Во последните неколку дена неколку пожари беа активни на цела територија на земјава. Најкритично беше ситуацијата во Велешко каде што беа пријавени 4 пожари, а во кои изгоре над 100 хектари квалитетна борова шума. Голем пожар имаше и во Липково во подрачјето на селата Слупчане, Белановце и Алашевце. Пожари ги зафатија и Пелистер, потоа Гостиварскиот регион, а под контрола се ставени и пожарите во Кичевско.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG