Достапни линкови

Многу пожари, а малку пожарникари


Пожар во прилепско.
Пожар во прилепско.

Пожарникарите летово се бореа со пожарите кои го зафатија прилепскиот регион. Велат дека годинава имало повеќе пожари, а во исто време кубурат со кадар и опрема.

Состојбата со пожарите во прилепско, оваа сезона е крајно алармантна. Имаше пожари со недели на сите страни во околината на градот. Пожарникарите, вработените во јавните претпријатија и доброволци долго се бореа да спречат стихијата да дојде до манастирот Трескавец и црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во исто време пиромани подметнуваат пожари на разни локации. Пожарникарите водеа голема битка со пожарот подметнат од пироман кај селото Дабница, што пушти краци на сите страни, опожари многу викенд куќи во населбата Заград, но и пеплоса десетици хектари со борова, дабова густа и ретка шума, смрека, капинки.

„Над 450 пријави имаме само оваа година, а тој е огромен број, само за една недела сме имале 38 пријави и сето тоа зборува за алармантноста на пожарите во нашата општина“, вели Станко Колески, командир на противпожарната единица во Прилеп.

Наспроти овие проблеми, прилепската единица, се уште не е кадровски екипирана, ниту технички опремена за да се справува со стихијата на теренот. Согласно со законската регулатива, треба да бидат вработени речиси двојно од сегашните 32 пожарникари. За да го надомести овој кадровски недостиг, покрај редовно вработените, сезонски се ангажирани уште 9 пожарникари.

„Не сезонски, туку по закон треба да бидеме околу 60 души. И овој проблем е на ниво на Македонија, значи 50 отсто се вработени, а 50 отсто треба да бидат вработени, за да биде пополнет бројот, согласно со потребите на службата“, вели Колески.

На располагање на единицата се вкупно шест возила, коишто не ретко остануваат во дефект, затоа што имаат ограничен рок на употреба, а со оглед на нивната искористеност, тие и предвреме амортизираат.

„Имам шест возила, секако дека има потреба од набавка на нови возила. Доколку се набават нови и унифицирани возила на ниво на држава и доколку бидеме консултирани, какви се возила ни се потребни во нашите единици ... некаде уште три до четири возила ни се потребни и едно до две теренски возила, со што би се задоволила целосно потребата“, заклучува командирот Колески.

Полицијата се уште не открила ниту еден пироман. Екипи на крим полиција ги проценуваат штетите од опожарените викенд куќи, дополнително ќе утврдат колкави се штетите од пеплосаните стотици хектари со квалитетни шуми во атарот на целата општина.

На надлежните им останува сериозна битка со пироманите, но и со дрвокрадците. Зашто шумското богатство во Прилеп, колку што се пеплосува во пожарите, двојно повеќе се уништува со бесправна дрвосеча.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG