Достапни линкови

Рурални пожарни за побрзо гаснење на пожари


Противпожарна единица во Тетово.
Противпожарна единица во Тетово.

Пожарникарите од Тетово покриваат територија од речиси 2.000 квадратни километри и население од околу 200 илјади луѓе, затоа предлагаат рурални противпожарни пунктови за да може побргу да одговорат на повиците за гаснење пожари.

Тетовските пожарникари за да стигнат до најдоодалечените села, кои се под нивна надлежност, треба да поминат и до 40-тина километри, па затоа ја алармираат јавноста од потребата за рурални пунктови, од каде противпожарни возила и луѓе побрзо би стигнувале на местата каде има пожар. Со отворање на такви локални противпожарни единици, пожарникарите нема да се соочуваат со долгите патишта за да стигнат до пожарите. Исто така ќе се избегнуваат и разни пречки за движење како блокирани патишта, природни непогоди и разни слични евентуални ситуации, кои често знаат да бидат причина пожарникарите од Тетово доцна да стигнат до некое од руралните места. Придобивката од дисперзијата на пожарникарите секако е најважна и во спречување на пожари и спасување на нечиј живот, вели Ука Алити, командир на тетовската противпожарна единица.

„Таа иницијатива одамна е покрената од наша страна од територијалната противпожарна единица Тетово. Сè зависи до градоначалниците од руралните општини за нивно добро, за добро на граѓаните на тие општини, добро е да се формираат барем противпожарни пунктови. Ќе бидат заштитени и граѓаните ќе бидат побезбедни од аспект од заштита од пожари“, вели Алити.

Градоначалникот на Општина Брвеница, Енвер Пајазити, вели дека локалните самоуправи делумно работат на надминување на проблемот. Според него, потребни се и некои измени во законската регулатива, со цел конкретно спроведување на замислите за рурални противпожарни единици.

„Ние како Општина имаме основано две доброволни противпожарни друштва кои се лиценцирани и тие беа обучени од Флореанс од Манчестер од Англија, добивме и донација за опрема за внатрешни пожари. Сега сме во фаза на имплементација, барање пуштаме до институциите да добиеме уште едно противпожарно возил кое може да ни служи за помош. Додека дојдат од град, бидејќи далечината го прави своето. Ние имаме проблем со надворешните површински пожари за тоа мислам ќе се најде решение. Тоа треба со закон да се реши поинаку. Ние имаме еден таков проект со Општина Боговиње, бидејќи се 35 илјади жители и ние 15 илјади, вкупно 50 илјади жители, може една мини противпожарна станица да ги опслужи овие две општини“, вели градоначалникот.

Пожарникарите од Тетово ги покриваат и руралните општини Боговиње, Теарце, Желино, Јегуновце и Брвеница. Тоа претставува територија од речиси 2.000 квадратни километри и население од околу 200 илјади луѓе.

XS
SM
MD
LG