Достапни линкови

Жителите да не ја уништуваат противпожарната опрема


Противпожарно возило во Куманово.
Противпожарно возило во Куманово.

Новите станбени објекти треба да ги исполнат условите за противпожарна заштита и експлозии. Упатените апелираат да не се уништуваат противпожарните апарати, барем таму каде што постојат, оти со зголемените температури се зголемува и ризикот од пожари.

Во Куманово градежништвото е во експанзија подолг период, особено се градат станбени повеќекатници предвидени за поголем број станари и тоа главно во густо населена урбана средина. Помалку се градат производствени објекти. Според законските регулативи новоизградените објекти треба да ги исполнуваат условите и за противпожарна заштита и експлозии. Во старите колективни станбени објекти, градени според стариот пропис, противпожарна заштита не постои. Кај нив може да се интервенира доколку објектот се реконструира или пренаменува за нов производствен процес. Во некои нови објекти хидранти постојат, а станарите треба да се обучени за ракување. Во некои, пак, се уништени или од самите станари или од некои несовесни лица од надвор, велат упатените.

Според Слаѓан Антевски, советник за урбанистичко технички мерки за заштита и спасување во подрачната Дирекција во Куманово, се дава согласности за елаборати за заштита на објекти од пожари, експлозии и опасни материи.

Обврската е регулирана со Законот за заштита и спасување, а е разработена како упатство во 2010-та година издадено од Дирекцијата.

„Според упатството треба да има проектант со соодветна лиценца со соодветни мерки за заштита од пожари и технички средства, притисок во хидрантската мрежа, приодни и приемни патишта за вентилирање на просториите, автоматски јавувачи за пожари и автоматски средства за гасење, како и мерки за заштита од пожари за време градење на објектот“, вели Антевски.

Антевски појаснува дека во рамките на тоа постојат и други мерки кои треба да бидат испочитувани во оваа област. Тоа се правилниците за хидрантската мрежа за заштита од пожари, за видот и количеството на противпожарните апарати донесени од Дирекцијата за заштита и спасување. Регулативата е доста широка, а Дирекцијата и Владата имаат донесено по околу 30 подзаконски акти.

„Во обврските на инвеститорот се јавува колизија помеѓу законите бидејќи оваа материја се регулира и со Законот за градење. За издавање одобренија за градење објекти од втора категорија надлежни се општините, а за објекти од прва категорија, надлежно е Министерството за транспорт и врски. Законот за заштита и спасување, пак, оваа обврска ја дава на инвеститорот, поради што за нејзино неисполнување и казнена одредба е предвидена за инвеститорот, а ние од Дирекцијата од Куманово баравме тоа да се смени. Бидејќи инвеститорот според измените и дополнувањата на Законот за градење не е тој што одредува кои документи ќе ги пушта во процедура. Тоа е надлежност на органот за издавање одобрение за градење и тој треба да ги бара тие документи.“

Според содржината на елаборатите потребно е проектантот да има соодветна лиценца за проектирање (А или Б), и треба да се испочитуваат сите процедури, како на пример, конструкцијата да има определена пожарна отпорност изразена во часови, противпожарни сектори со определен број апарати предвидено со правилник во три степени според загрозеноста од пожари, правилниците регулираат хидрантна мрежа, растојание на кое се поставени хидрантите, пристапност и патишта за евакуација и друго.

„Инаку овие елаборати не се задолжителни за сите објекти, тие ги исклучуваат објектите предвидени за заеднички престој на помалку од 25 лица и индивидуалните станбени објекти пониски од десет метри“, вели Антевски.

Дејан Илиевски од Територијална противпожарна единица Куманово, вели дека со настапување на високите температури се зголемува заканата од пожари, не само на отворено, туку и во урбаната средина.

„Најтешки пожари, според мене, се оние во урбаната средина, особено во станбените згради, бидејќи се работи за пожари на катови и има поголем број станари. Се создава паника, луѓето реагираат секој на свој начин“, вели Илиевски.

Затоа пораките на надлежните се да не се уништуваат противпожарните апарати, барем таму каде што постојат.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG