Охрид може да се справи со пожари уверуваат институциите кои се одговорни за оваа работа. Но предупредуваат дека на градот му недостасува специјален пловен објект и опрема за гаснење на пожари од вода со што ќе може да се реагира доколку дојде до пожар на некој пловен објект или пак на пожар во стариот дел на градот односно во населбата Канео. Спасе Прентоски, командир на противпожарната служба во Охрид, вели дека едно такво возило е неопходно.
Има таква потреба за места како што е населбата Канео. Ние во Охрид имаме голем број на пловни објекти кои се движат низ езерото. И има потреба да се набави едно такво пловно средство опремено со одредени пумпи за гаснење и во Канео и во подножјето на планините каде ние не можеме од копно да излеземе и да интервенираме, а водата ни е тука.Спасе Прентоски, командир на противпожарната служба во Охрид.
„Има таква потреба за места како што е населбата Канео. Ние во Охрид имаме голем број на пловни објекти кои се движат низ езерото. И има потреба да се набави едно такво пловно средство опремено со одредени пумпи за гаснење и во Канео и во подножјето на планините каде ние не можеме од копно да излеземе и да интервенираме, а водата ни е тука“, рече Прентоски.
Сашо Точков претседател на Црвен крст Охрид неколку години иницира набавка на таков пловен објект.
„Ние, кажувам, години наназад инсталиравме пумпи на одредени бротчиња кои ги изнајмувавме и на тие бротчиња на показни вежби покажувавме како треба да се интервенира и да се гасни еден пловен објект од противпожарен брод“, рече Точков.
Исто така постои сериозен проблем и при пристапот на возилата на пожарната во стариот дел на Охрид поради тесните улички и сокаци во овој дел.
„Ние оваа година стапивме во контакт со противпожарни друштва од Холандија и ги упативме во нашата пожарна каде паднаа првите договори и проценки за набавка на мало противпожарно возило кое би можело да интервенира во тесните улички стариот дел на градот. И се надевам дека тоа оваа или наредната година ќе се реализира, рече Точков.
Проблем за охридската противпожарна служба е постариот возен парк. Некои од возилата се стари и 40 години, но командирот Прентоски вели дека сите биле во функција.
„Ние имаме возила кои се стари 4 години и 40 години. Но сите се во функција. Можеби имаме повеќе возила одошто треба според законите. Поголем е бројот на постарите возила. Но сите се добро опремени, иако со постара опрема. Набавивме нови црева, но се уште имаме потреба, но се надеваме дека преку општината ќе набавиме уште поголема количина за да бидеме спремни во секое време“, рече Прентоски.