Достапни линкови

Град Скопје привремено ќе раководи со Дрисла


Депонијата Дрисла во близина на Скопје
Депонијата Дрисла во близина на Скопје

Дрисла новиот концесионер ќе го добие по завршувањето на претседателските избори. Според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов недвосмислено е дека со депонијата ќе раководи германската компанија „Шолц“. Дотогаш депонијата ја презема Град Скопје.

Советот на Град Скопје денеска не расправаше за избор на концесионер за депонијата Дрисла по барањето на градоначалникот Петре Шилегов седницата да се одложи, поради претстојните претседателски избори. Шилегов порача дека недвосмислена е одлуката партнер на градот во работењето со депонијата да биде германската компанија „Шолц“, која е највисоко рангирана од комисијата која ја формираше градоначалникот. Според него, седницата е одложена бидејќи тој не сака Советот на Град Скопје да остави било каква правна дамка или алиби дека одлуката се донела за време на изборна кампања.

„Потенцирам уште еднаш нашата одлука, нашата препорака до Советот за носење на одлука е „Шолц“ да биде новиот партнер на градот за периодот за којшто се издава концесијата. Денеска дадов налог до градската администрација да ја започне постапката за преземање на управувањето на Дрисла од страна на Градот Скопје се до завршувањето на постапката, односно носењето на оваа одлука за новиот концесионер. Така што да ја започнеме постапката со излегување на италијанскиот концесионер од Дрисла и Градот ќе управува со депонијата се до мај месец кога ќе биде донесена одлуката за избор на Шолц“, рече Шилегов.

Со депонијата досега раководеше италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, која го доби тендерот од 2011 година, но не ги спроведе ветените 73 милиони евра инвестиции, а „Шолц“, со години на суд го оспоруваше нејзиното право на концесија. Според Шилегов, градот ќе ја преземе Дрисла врз основа на судската пресуда со која поранешниот избор е поништен. Не требало на „ФЦЛ Амбиенте“ алиби да им биде судскиот процес за да не инвестираат во депонијата, додаде Шилегов.

„Дрисла работи изминативе седум години исклучиво со средствата коишто градот ги има вложено во неговото претпријатие и тоа е дел од истрага којашто ја водат други органи, а којашто градот ја има пријавено. За мене е индикативно дека Дрисла работи со загуби се додека јас доаѓам за градоначалник. Во двете години кога јас сум градоначалник они почнуваат да прикажуваат добивка“, посочи Шилегов.

Од декември 2016 година „Шолц“ е во сопственост на кинеската компанија за рециклирање на старо железо „Чихо Инвајрментал Груп Лимитед“. Во минатата година во депонијата биле согорени околу 989 тони медицински отпад. Откако со Дрисла од 2013 година стопанисува италијанската компанија биле согорени речиси 5000 тони медицински отпад, а инкасирани околу четири ипол милиони евра.

Шилегов очекува Дрисла да стане место кое ќе му носи приходи на градот и кое нема да го загадува воздухот и најави дека во иднина нема да прави компромиси со никого кога е прашање Дрисла, животната средина и здравјето на скопјани.

Дрисла е единствената депонија во Македонија која има концесија за согорување на медицински отпад. Идниот концесионер меѓудругото ќе има обврска да набави и нова печка за согорување на медицински отпад.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG