Достапни линкови

Град Скопје избира концесионер за Дрисла


Влезот на депонијата Дрисла
Влезот на депонијата Дрисла

Комисијата формирана од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов највисоко ја рангираше германската компанија „Шолц“ за иден концесионер на депонијата Дрисла. Советот на Град Скопје денеска треба да донесе одлука за судбината на депонијата.

Советот на Град Скопје денеска на вонредна седница ќе расправа за избор на концесионер за депонијата Дрисла откако заврши бодувањето на понудите од тендерот од 2011 година. Комисијата формирана од градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов највисоко ја рангираше германската компанија „Шолц“, која со години на суд го оспоруваше правото на концесија на италијанската компанија „ФЦЛ Амбиенте“, која го доби тендерот.

Од декември 2016 година „Шолц“ е во сопственост на кинеската компанија за рециклирање на старо железо „Чихо Инвајрментал Груп Лимитед“. На интернет страната на германската компанија е наведено дека во 2016 година остварила промет од 1,6 милијарди евра и има приближно 3400 вработени, а застапена е на над 250 локации во светот.

Но, компанијата „Шолц“ депонијата нема да ја работи сама, туку со уште две фирми. Конзорциумот освен од германската компанија ќе биде составен од хрватската фирма „Ц.И.О.С. доо“ и од македонската, „Сплендор мак“, според пишувањата на ИРЛ. Еден од сопствениците на компаниите, хрватскиот државјанин Петар Припуз бил уапсен за местење тендери и злосторничко здружување во бизнисот со отпад.

Откако Советот на Град Скопје ќе ја донесе одлуката ќе бидат соопштени и условите под кои идниот концесионер ќе управува со депонијата. Ветените инвестиции од 73 милиони евра во првите пет години не беа спроведени, а Дрисла и денес работи со застарена печка за согорување медицински отпад.

Во минатата година во депонијата биле согорени околу 989 тони медицински отпад. Откако со Дрисла од 2013 година стопанисува италијанската компанија биле согорени речиси 5000 тони медицински отпад, а инкасирани околу четири ипол милиони евра. Последните 3 години биле согорени најголеми количини на медицински отпад, а печката работела со полна пареа или најмалку 14 часа на ден.

Во предлог на стратегијата за управување со отпад на Владата од 2008 до 2020 година се наведува дека опасниот отпад од здравствените институции се собира сепариран на самиот извор, само во болниците во Скопје и Куманово, а потоа се спалува во Дрисла. Медицинскиот опасен и неопасен отпад, како што се посочува, од другите здравствени институции се одлага на комуналните депонии без потребниот предтретман.

Дрисла е единствената депонија во Македонија која има концесија за согорување на медицински отпад. Согласно важечката законска регулатива во областа на управување со медицински отпад, здравствените институции кои создаваат медицински отпад се обврзани да доставуваат еднаш годишно извештај за постапување со отпадот до Министерството за животна средина. Но, од министерството за РСЕ претходно признаа дека им недостасуваат податоци од некои институции, при што може да се заклучи дека не се знае точната бројка колку медицински отпад се создава во земјата.

Идниот концесионер на Дрисла меѓудругото ќе има обврска да набави и нова печка за согорување на медицински отпад и да ги исполни останатите условите, кои не беа спроведени од „ФЦЛ Амбиенте“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG