Достапни линкови

Оливер Спасовски останува министер


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Со 59 гласа „против“ , 20 гласа „За“ и 10 воздржани во Собранието не помина интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Барањето за интерпелација отвори жестока политичка дебата во Собранието.

Жолти комбиња и странски служби, нерасчистени смртни случаи, раст или пад на стапката на криминал, кој бил подобар министер Оливер Спасовски или неговата претходничка Гордана Јанкуловска, Која партија вработила повеќе роднини во полиција, како и прашањето за безбедноста на претседателот беа главните теми на собраниската деба за интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Координаторот на пратеничката група од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски обвини дека Спасовски е неспособен да го води МВР, а доказ за тоа, како што вели, се неразјаснети убиства, мистериозни исчезнувања на граѓани, одмазда и реваншизам кон неистомислениците, како и за нелегални тендери за автомобили.

„Уште колку човечки животи треба да згаснат за Оливер Спасовски да сфати дека е неспособен да го води МВР. Уште колку крвави пресметки треба да се случат за Оливер Спасовски и СДСМ да престанат да ги штитат криминалните банди кои дивеат низ Скопје и државата, изјави Мицевски.

По што министерот Спасовски демантирајќи ги наводите потсети на неговата претходничка.

„Немате тендер кај што не сте краделе. На спајалици сте ќарувале. Од фирмите за чистење сте ќарувале по милион евра секоја година. Чавков за 700.000 евра има набавено 25 возила за МВР. За милион евра во мое време, набавени се 45 исти такви возила“, порача Спасовски.

Опозицијата го обвини и за политички прогон на неистомисленици

„Целиот апарат и сите органи на прогон се впрегнати во политички цели на СДСМ “ посочи од собраниската говорница Мицевски.

Следуваше и одговор од Спасовски дека заврши времето на МВРО-ВМРО.

„Како прво, не апси МВР, туку обвинителството. А и кога апсиме, тоа не се функционери, туку криминалци на ВМРО-ДПМНЕ“ истакна Спасовски, одговарајќи на коментарите дека се прикриваат убиства.

Жолтите комбиња повторно се паркираа во собраниската дебата

Според опозицијата непрофесионалното работење на МВР довело до скандали, корупција, a како што посочија, граѓаните биле жртви на грабежи, обиди за убиства, рекетирања и насилства.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски рече дека МВР се користи како инструмент за злоупотреба и селективност, при што луѓе блиски до власта се штитат, а се гонат политички неистомисленци. Милошоски побара од министерот да ја разреши дилемата дали навистина Стево Пендаровски е следен од тајни служби или пак тоа, како што рече, било само за да се сврти вниманието кон нивниот кандидат за претседател.

Спасовски отфрли било какво присуство на странска служба зошто, како што рече, таква работа нема.

„Не сакам да се замајуваме со жолти комбиња и странски служби. Тоа време заврши“, додаде министерот.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски пак денеска истакна дека владејачката гарнитура е веќе две години на власт и не треба да се вади на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Обвинувате за лажни вести, а лажна ли е веста дека сеуште не е лоциран односно пронајден убиецот на Мартин Јанушев?, праша Илиоски.

Семејните политички стебла во полицијата дел од дебата

Тема беше и непотизмот, која партија си развила поголеми семејни стебла на вработени роднини во полиција.

„Командирот ваш на алфите има фалц диплома за средно училиште, командири на полициски станици фалсификати за средно и за факултет, началници на организиран криминал биле со фалц дипломи, битката со тие дипломи ќе ја истерам до крај“, рече Спасовски.

Интерпелацијата имаше и музички сегмент.

„Од сите музички инструменти најголемо влијание во културата имало полициското свирче“. Ова меѓу другото во одбрана на работата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од собраниската говорница го кажа пратеникот Самка Ибраимовски

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG